Драгољуб Боцинов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Драгољуб Боцинов
Роден27 октомври 1933(1933-10-27)
Струмица, Кралство Југославија
Починал18 март 2006(2006-03-18) (возр. 72)
Скопје, Република Македонија
ДржаваСоцијалистичка Федеративна Република Југославија Македонија
Род Југословенска воена морнарица
Служба ЈНА (1954–1991)
АРМ (1992–1996)
Чингенерал–полковник

Драгољуб Боциновмакедонски воен генерал, адмирал, втор началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија од 1993 до 1996 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Драгољуб Боцинов е роден на 27 октомври 1933 година во Струмица, во семејството на Панчо и Марија Боцинови. Во 1950 година завршил гимназија во Струмица. Потоа се запишал на Воената поморска академија во Дивуље, НР Хрватска, која што ја завршил во 1954 година.

Воена кариера[уреди | уреди извор]

ЈНА (1954–1991)[уреди | уреди извор]

Воената служба ја започнал во 1954 година во Пула, НР Хрватска како командант на реморкер во Југословенската воена морнарица со чин поморски потпоручник.

Во 1955 година бил назначен за помошник на командант на торпеден чамец, а во 1956 година бил унапреден во чин поручник на корвета. Од 1957 до 1961 година бил командант на торпеден чамец. Во 1958 година се оженил со сопругата Марија (1941–1999), а во 1960 година им се родил синот Александар Боцинов. Во 1959 година бил одликуван со Орден за воени заслуги со сребрени мечеви. Во 1961 година бил назначен за помошник на командант на патролен брод.

Во 1963 година завршил противподморничка школа во Пула и бил унапреден во чин поручник на фрегата, т.е. капетан. Истата година бил преместен во Белград, но следната година се вратил во Пула. Од 1964 до 1966 година бил командант на патролен брод. Во 1965 година бил унапреден во чин поручник на боен брод, т.е. капетан 1. класа и бил одликуван со Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда.

Во 1966 година бил преместен во Сплит, СР Хрватска. Во 1968 година ја завршил Командно-штабната академија во Дивуље. Од 1968 до 1969 година бил командант на противподморнички брод. Во 1969 година бил унапреден во чин капетан на корвета, т.е. мајор. Од 1969 до 1971 година бил командант на дивизион на патролни бродови.

Во 1971 година повторно бил преместен во Белград, каде што во 1973 година ја завршил Школата за национална одбрана. Во 1973 година бил унапреден во чин капетан на фрегата, т.е. потполковник и бил одликуван со Орден за воени заслуги со голема ѕвезда.

Истата 1973 година бил преместен во Шибеник, СР Хрватска, каде што бил референт во отсекот за оперативно-наставни работи на командата на воениот поморски сектор Шибеник. Потоа бил началник на истиот отсек. Во 1976 година бил назначен за началник на штаб во командата на воениот поморски сектор Шибеник. Во 1977 година бил унапреден во чин капетан на боен брод, т.е. полковник и бил одликуван со Орден на Народната армија со златна ѕвезда.

Во 1978 година бил преместен во Кумбор, СР Црна Гора. Од 1978 до 1981 година бил командант на воениот поморски сектор Бока Которска. Во 1979 година бил одликуван со Орден на трудот со златен венец.

Во 1981 година повторно бил преместен во Шибеник и до 1983 година бил командант на воениот поморски сектор Шибеник.

Во 1983 година бил унапреден во чин контраадмирал, т.е. генерал-мајор и бил преместен во Сплит. Од 1983 до 1986 година бил помошник на командантот за заднина на воената поморска област Сплит. Во 1984 година бил одликуван со Орден на братството и единството со сребрен венец. Од 1986 до 1988 година бил командант на флотата на Југословенската воена морнарица во воената поморска база Лора во Сплит. Во 1988 година бил именуван за началник на Центарот за високи воени школи на Југословенската воена морнарица во воената поморска база Лора во Сплит.[1]

Распад на СФР Југославија[уреди | уреди извор]

Распадот на СФР Југославија и следствено дезинтеграцијата на Југословенската народна армија го затекнале во базата Лора во Сплит. Во 1991 година се подготвувало бомбардирање на цели во градот Сплит.[2] Боцинов се спротивставил на планираното, и во првите часови на 2 октомври бил уапсен од југословенските власти, кои упаднале во неговиот дом во Сплит, и бил префрлен во истражен воен затвор во Белград, каде што поминал девет месеци во ќелија.[3] Тој бил осуден на 18 месеци затвор, со можност да си ја брани слободата. Ја искористил можноста и успеал да побегне од Белград,[2] и во 1992 година се вратил во Македонија.

АРМ (1992–1996)[уреди | уреди извор]

По враќањето во Македонија влегол во новоформираната Армија на Република Македонија и бил назначен за заменик на началникот на Генералштабот на Армијата за кадровски прашања и школски систем, бавејќи се со образование на кадарот.[3] Во 1993 година бил произведен во чин генерал-полковник.

На 3 март 1993 година бил именуван за началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Боцинов бил вториот началник на Генералштабот на Армијата, наследувајќи го генерал-мајор Митре Арсовски.

Боцинов бил началник на ГШ на АРМ до 22 јануари 1996 година, кога бил наследен од генерал Трајче Крстевски. Истата година се пензионирал.

Одликувања и признанија[уреди | уреди извор]

  • Орден за воени заслуги со сребрени мечеви (1959)
  • Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда (1965)
  • Орден за воени заслуги со голема ѕвезда (1973)
  • Орден на Народната армија со златна ѕвезда (1977)
  • Орден на трудот со златен венец (1979)
  • Орден на братството и единството со сребрен венец (1984)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017), второ издание. Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 64–67.
  2. 2,0 2,1 Crnogorac, Zlatko (27 октомври 2021). „Uspon i pad Jugoslovenske ratne mornarice“. Vreme (српски). Посетено на 15 јануари 2022.
  3. 3,0 3,1 Костовски, Љубомир. „Македонија лесно ги заборава хероите“. Неделен весник Глобус. Архивирано од изворникот на 29 септември 2011. Посетено на 15 јануари 2022.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]