Драге Тодоровски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Драге Тодоровски
Роден 1924 година
Леуново, Кралство СХС
Починал 17 мај, 1943 година
Тирана, Албанија
Обесен од страна на фашистите
Народност Македонец

Драге Тодоровски (Леуново, Гостиварско, 1924 - Тирана, Албанија 17 мај 1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија, учесник во НОВ на Македонија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

По завршувањето на основното училиште заминал во Скопје да учи механичарски занает. Учејки го занаетот, во еден миг дребонгот му ја зафатил десната рака и сериозно му ја повредил. Во Леуново повторно се вратил непосредно пред капитулацијата на стара Југославија и веднаш се приклучил кон народноослободителното движење во селото како младинец, а подоцна станал и член на СКОЈ.[1]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Споменик на борците за слобода и жртвите на фашизмот од Леуново, меѓу кои е и името на Драге Тодоровски.

Како младинец и скоевец активно учествувал во сите акции што ги преземала партиската организација. По одлука на партиската организација на Леуново, без двоумење и колебање ја прифатил задачата да стане борец на Вториот мавровско-кичевски одред, кој се формирал во раната пролет, 1943 година. Иако одредот дејствувал кусо време, тој се истакнал како дисциплиниран и храбар борец.[1]

Во познатата трагедија на одредот во Ново Село, тој заедно со уште неколку борци бил заробен и однесен во политичкиот затвор во Тирана каде што бил обесен заедно со уште петтемина борци на одредот. За време на иследувањето, како и покасно по изрекувањето на смртната казна, останал и натаму храбар и непоколеблив борец. Иако некои од другарите го советувале да каже дека е малолетен со цел да му го поштедат животот, тој не сакал да ги моли фашистите за милост велејќи: Па што ако имам седумнаесет години, зарем да ги молам за милост овие кучиња! Убив двајца фашисти во Ново Село и ја платив крвта, подготвен сум да умрам за нашето дело.“[1]

Заедно со Драге биле обесени: Илија Антевски - Смок, Душко Поповиќ, Христо Оџаклиевски, Раде Угриновски и Трифко Андоновски.[2]

По повод нивната смрт со бесење, Комунистичката партија на Албанија издала леток.[3]

Една улица во Гостивар, го носи неговото име.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 265.
  2. „Нашата бригада и братството со албанскиот народ“. www.marxists.org. Посетено на 2022-11-29.
  3. Алексиќ, Дејан (1985). Душко Поповиќ - Ѓоко. Скопје: Архив на Скопје. стр. 345–346.
  4. Gostivarpress.mk (2017-12-08). „Се поставува канализација на ул„Драге Тодороски" која неодамна беше поплавена | Gostivarpress.mk“. Посетено на 2023-01-02.