Дојди и види (филм од 1985)
Дојди и види (руски: Иди и смотри) - советски филм од 1985 година, во режија Елем Климов, кој е соавтор и на сценариото, покрај Алес Адамович. Главните улоги ги играат: Алексеј Кравченко и Олга Миронова. Во 1985 година, филмот бил награден на Моксовскиот филмски фестивал, а во 2017 година ја освоил наградата за најдобар реставриран филм на Венецијанскиот филмски фестивал.[1]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Дејството на филмот се одвива во 1943 година, во Белорусија. Не местото каде што се воделе борбите, момчето Флјора (го игра Кравченко) откопува пушка од земјата и заминува во партизанската единица. Меѓутоа, кога партизаните заминуваат во акција, командантот му наредува на Флјора да остане во базата, каде тој ја запознава девојката Глаша (ја игра Миронова). Набргу, германската војска ја уништува партизанската база, а Флјора доживува голем шок од експлозијата при што привремено оглувува. Тој и Глаша се враќаат во неговото село, каде дознаваат дека целото негово семејство било убиено од германската војска, а тоа предизвикува уште поголем шок кај Флјора. Набргу, заедно со неколку мажи, тој заминува во блиското село во потрага по храна. Притоа, сите негови соборци се убиени, а само тој успева да преживее. Еден старец го зема со себе во блиското село, но таму пристига германската војска, која ги собира сите селани во црквата. Германските војници ги повикуваат селаните да излезат надвор, а во црквата да ги остават само децата. Селаните ја одбиваат понудата, но Флјора одлучува да излезе надвор. Тогаш, тој е сведок на страшната сцена во која германската војска ја пали црквата, заедно со луѓето во неа. Меѓутоа, веднаш по заминувањето од селото, партизаните ја уништуваат германската воена единица. Партизаните успевата да заробат неколку германски војници кои ги стрелаат. Тогаш, Флјора го здогледува портретот на Хитлер и неколкупати пука во него, по што заминува во шумата заедно со партизаните.[2]