Долна Џумаја

Координати: 41°10.56′N 23°16.57′E / 41.17600° СГШ; 23.27617° ИГД / 41.17600; 23.27617
Од Википедија — слободната енциклопедија
Долна Џумаја
Ηράκλεια
Плоштадот во Долна Џумаја
Плоштадот во Долна Џумаја
Долна Џумаја is located in Грција
Долна Џумаја
Долна Џумаја
Местоположба во областа
Долна Џумаја во рамките на Долна Џумаја (општина)
Долна Џумаја
Местоположба на Долна Џумаја во Серскиот округ и областа Централна Македонија
Координати: 41°10.56′N 23°16.57′E / 41.17600° СГШ; 23.27617° ИГД / 41.17600; 23.27617
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругСерски
ОпштинаДолна Џумаја
Општ. единицаДолна Џумаја
Надм. вис.&1000000000000003800000038 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно3.786
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)
Пошт. бр.624 00
Повик. бр.23250-2

Долна Џумаја, наречена и Баракли Џумаја или Серска Џумаја (грчки: Ηράκλεια, Ираклија; до 1926 г. Τζουμαγιά- Μπαϊρακλή, Џумаја Бајракли,[2] влашки: Giumala de Jos) — гратче во Серско, Егејска Македонија, денес во седиште на истоимената општина Долна Џумаја во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 3.786 жители (2011).

Географија[уреди | уреди извор]

Гратчето се наоѓа 26 км северозападно од градот Сер во Серското Поле и југозападно од Валовишта,[3] недалеку до источниот брег на Бутковското Езеро.

Историја[уреди | уреди извор]

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Името води потекло од турскиот збор „џумаја“ (cumaya), што значи петочно пазариште.[4]

Во Отоманското Царство[уреди | уреди извор]

Во XIX век Долна Џумаја било мало македонско-влашко гратче и пазарно средиште во Серскиот санџак. Наречено е Долна Џумаја, за да се разграничи од Горна Џумаја (денес Благоевград) во Пиринска Македонија. Според Васил К’нчов („Патување по долините на Струма, Места и Брегалница“) соседното село Баракли

...порано било главно место во околината, но потоа Џумаја го надминала. Од него, таа многу често се нарекува Баракли-Џумаја.[5]

Власите во Долна Џумаја не се сточарски номади, туку се уседнати, т.н. „питоми власи“. Овде се доселени со разорувањето на Москополе во XVIII век и се занимаваат главно со трговија. Македонците се претежно преселници од околните села и се живеат од земјоделство.[6]

Во 1877 г. британскиот офицер Џејмс Бејкер („Европска Турција“) напишал:

Поминав низ еден многу убав град, наречен Баракли Џумаја, сместен во средиштето на рамницата и населен главно со Македонци - христијани.[7]

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, во 1873 г. Џумаја (Djoumaa) — посочена како населено место во Серската каза со 315 домаќинства, со 700 жители Македонци,[8] 140 муслимани и 140 Власи.[9] Во Демирхисарската каза е означено населено место Паланка Џумаја (Palanka-Djoumaa) со 383 домаќинства од вкупно 1.380 жители Македонци.[8][10]

Пазар во Долна Џумаја, 1891 г. Двајцата во бело меѓу Македонците се Власи.

Во 1891 г. охридскиот општественик Георги Стрезов напишал за паланката:

Џумаја Баракли или Долна Џумаја е паланка оддалечена 3 часа западно од Сер. Лежи во сосема рамно и крајно плодно поле. Струма секоја година периодично го залева. Поради испаренијата од Бутковското Езеро, климата наоколу воопшто не е здрава. Пред 60 години Џумаја била чифлик од 25 куќи; оттогаш почнала да расте со исклучителна брзина; сега брои 1000 куќи со 8000 жители. Притоа и трговијата напрадувала од ден на ден. Тоа предизвикало да има многу Власи, кои бројат до 150 куќи. До пред неколку години Џумаја политички беше под Сер и под Валовишта. Под Сер било влашкото маало, северното; под Валовишта била македонското, јужното. Двете маала ги двои една доста широка улица, која надолжно го пресекува гратчето. Иако ова гратче е чисто македонско [нарекувајќи го „бугарско“], бугарштината е во сосема незавидна положба. Одвај се издржува едно двополово училиште со 60 ученици. Грците имаат четверокласно и двополово училиште со 545 ученици; имаат и женско училиште со 160 ученички. Има 12 учители и учителки. Двополовите грчки училишта имаат приход од 150 лири годишно од еден капитал од 1000 лири, завештен од влашкиот граѓанин Папуљо.[11]

Во 1893 г. дипломатот Атанас Шопов ја посетил Долна Џумаја и напишал:

Населението на Варакли-Џумаја е влашко и македонско. Сите Власи и дел од Македонците се под Цариградската патријаршија [ги нарекува „гркомани“]. Бугарското училиште е во почетокот на своето постоење; отворено е пред две-три години. Сотпатникот ми зборуваше многу чисто на македонски.[12] Го прашав каде го научил тој јазик, а тој ми одговори дека секој во татковината зборува македонски, дека јазикот по пазарите е македонски, зошто селаните освен него друг јазик не знаат. Власите во Серско никаде немаат училиште и црква на мајчиниот јазик. Тие се најголеми поддржувачи на грцизмот во тие краишта.[8][13]

Во 1892–1893 г. со грчкото училиште во градот директорувал нигритскиот општественик Димитриос Даманис.[14] Почнувајќи од 1894 г. во бугарското училиште во Долна Џумаја предавал петричкиот црковно-просветен деец Тодор Попхристов.[15]

Според статистиката Васил К’нчов во 1900 г. гратчето имало 6.050 жители, од кои 4.100 Македонци, 400 Турци и 1250 Власи и 300 Роми.[8][16]

Во паланката со усилба работеле двете странски пропаганди, од кои многу понапредна била грчката. Поголемиот дел од паланката бил под силна грчка пропаганда и врховенството на Цариградската патријаршија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. христијанското население на Бајракли Џумаја се состоело од 320 Македонци под Бугарската егзархија и 3.232 Македонци под патријаршијата,[8] 15 Грци, 1386 Власи, 12 Албанци и 102 Роми. Во паланката работеле бугарско основно училиште и прогимназија, како и 2 основни и 2 прогимназиски грчки училишта.[17]

На 12 јануари 1907 г. влашкиот андартски (гркомански) капетан Стерјос Влахвеис заедно со соборецот Никос Ѕавелас, преоблечени како просјаци, во Долна Џумаја го убиле влашкиот граѓанин Михалусис Маргаритис поради тоа што си ја издавал куќата под наем на бугарско училиште и бугарска црква.[18]

На 6 јули 1907 г. тричлена македонска чета во Џумаја го убила гркоманот К. Драгошлиев (Κ. Δραγοσλής).[19]

Гимназијата во Долна Џумаја.
Главниот плоштад со градската управа.

Во 1912 г. в Џумаја се забележани околу 6.000 жители — 3.000 Македонци, а останатите Власи, малку Турци и 180 Роми, распоредени во трите маала — Словенското (Македонското), Влашкото и Ромското. Главно занимање на џумајците во овој период било бавчанџиството. Крај гратчето имало големи бавчи полевани од длабоки и големи бунари наречени чаркови, чија вода се вадела со коњска влеча. Долноџумајските градинари биле снабдувачи на зеленчук за градовите Сер и Валовишта, па дури и за Кукуш.[20]

При избувнувањето на Првата балканска војна во 1912 г. вкупно 11 џумајци учествувале како доброволци во Македонско-одринските чети.[21] Гратчето е ослободено од единиците на војводата Јане Сандански на 23-24 октомври 1912 г.[22]

Во Грција[уреди | уреди извор]

Во Првата балканска војна, македонските единици биле истиснати и гратчето било окупирано од бугарската армија, но по Втората балканска војна Долна Џумаја е припоена кон Грција по сила на Букурешкиот договор. Веднаш потоа, грчките андарти заробиле 25 македонски градски првенци кои ги забиле во земја и по ѕверски измачувања, ги убиле[23]. И покрај разните страдања во Балканските војни, во пописот од истата 1913 г. Долна Џумаја имала 5.506 жители.[3]

Непосредно по завршувањето на Првата светска војна, грчките власти го окупирале гратчето и животот за домородните Македонци станал толку неснослив што голем дел од нив морале да се преселат во Бугарија; така, во 1920 г. Долна Џумаја се свела на само 1.905 жители.[3] Иселувањето на македонското население во Бугарија под грчки притосоци продолжило во 1923 и 1924 г., а на местото на истераните Македонци се доведени Грци од Понд, Мала Азија и Источна Тракија. Во 1926 г. паланката е преименувана во Ираклија по името на античкиот град Хераклеја Синтика во Пиринска Македонија, согласно грчката политика на присвојување на древната историја на Македонија.[24] На пописот од 1928 г. Долна Џумаја имала вкупно 2.306 жители, од кои 20 % 464 или 438[25] (112 семејства) биле грчки дојденци, а останатите 80 % биле претежно македонски мештани. Ова претставува интересен случај на место кое, и покрај масовните истерувања, задржало мошне големо македонско мнозинство.

Во 1940 г. населението се накачило на 3.114 жители и продолжило да расте поради одличните услови за земјоделството и големите приноси.[3] Така, во 1951 г. во Долна Џумаја живееле 3.510 лица кои во 1961 г. станале 3.965. Во 1971 г. се заведени 3.696 жители, достигнувајќи 4.181 во 1981 г. Бројот на жители се намалил на 3.857 во 1991[3] и 3.551 во 2001 г., но во следното десетлетие повторно се накачил, кога во 2011 г. се попишани 3786 жители.

Според официјалното мрежно место на општината Долна Џумаја, денес во гратчето живеат „месни луѓе“ (т.е. Македонци)[26], како и Власи, Роми, Гагаузи, тракиски Грци, понтски Грци, малоазиски Грци и Каракачани.[27]

Население[уреди | уреди извор]

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011 2021
Население 3.114 3.510 3.965 3.969 4.181 3.857 3.551 3.786
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Стопанство[уреди | уреди извор]

Земјоделството во Долна Џумаја е многу развиено и два високи приноси поради поволната географска положба и мошне плодното земјиште кое целосно се наводнува. Се одгледува многу жито, фуражни култури и други земјоделски растенија.[3]

Личности[уреди | уреди извор]

Алеко Василев

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Τζουμαγιά -- Ηράκλεια
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 246.
  4. Иванов, Йордан. „Местните имена между Долна Струма и Долна Места“. София, БАН, 1982, стр. 112.
  5. Кънчов, Васил. Избрани произведения, Том I, София, 1970, стр. 99.
  6. Кънчов, Васил. Избрани произведения, Том I, София, 1970, стр. 100.
  7. Бейкър, Джеймс (1994). Европейска Турция. София: Издателска къща „Иван Вазов“. стр. 269. ISBN 954-604-014-2.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  9. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 120-121.
  10. Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 138-139.
  11. Стрезов, Г. Два санджака от Източна Македония. Периодично списание на Българското книжовно дружество в Средец, кн.XXXVI, 1891, стр. 848.
  12. нарекувајќи ги Македонците „Бугари“ и јазикот „бугарски“
  13. Шопов, А. Из живота и положението на българите във вилаетите, Пловдив, Търговска печатница, 1893, стр. 137.
  14. „Δαμάνης Δημήτριος (1858 - 1923)“. Δήμος Σερρών. Посетено на 27 јуни 2014.
  15. Енциклопедия Пирински край, том 2, Благоевград, 1999, стр. 144
  16. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 177.
  17. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рр. 200-201.
  18. „Ιστορικό Ημερολόγιο Σερρών. Ιανουάριος“ (PDF). Δημόσια Κεντρική Βιβλιοθήκη Σερρών. Посетено на 29 ноември 2014.
  19. „Σαν σήμερα... 06/07“. aposerres.gr. Архивирано од изворникот на 2016-04-05. Посетено на 1 јули 2014.
  20. Иванов, Йордан. Местните имена между Долна Струма и Долна Места, София, БАН, 1982, стр. 25.
  21. Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав, Главно управление на архивите, 2006, стр. 843.
  22. Генов, Георги. Беломорска Македония 1908 – 1916, Торонто, 2006, стр. 118.
  23. Генов, Георги. Беломорска Македония 1908 – 1916, Торонто, 2006, стр. 196
  24. „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  25. „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  26. Поимот „Допи“ (Ντόπιοι) ги означува Македонците, заменувајќи го поранешниот поим „словенојазични Грци“. Во превод допи значи „месни“, но со него никогаш не се означуваат гркојазични или влахојазични жители.
  27. „Ηράκλεια. Παρουσίαση Δήμου. Πολιτισμός“. Архивирано од изворникот на 2019-11-15. Посетено на 2019-11-11.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]