Доктор Офболи

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Доктор Офболи“ (руски: Доктор Айболит) — роман за деца на рускиот писател Корнеј Чуковски.

Структура[уреди | уреди извор]

Романот се состои од два дела со вкупно 30 глави:[1]

  • Прв дел: Патување во мајмунската земја
* Докторот и неговите жители
* Мајмунката Чичи
* Офболи на работа
* Крокодилот
* Пријателите му помагаат на докторот
* Ластовичката
* Во Африка
* Бура
* Докторот во неволја
* Подвигот на папагалот Карудо
* Под мајмунскиот мост
* Глупавите животни
* Подарок
* Тегнитуркај
* Мајмуните се збогуваат со докторот
* Нови маки и радости
* Тегнитуркај и Варвара
  • Втор дел: Пента и морските пирати
* Пештера
* Пента
* Делфините
* Орлите
* Кучката Ава го бара рибарот
* Ава продолжуав да го бара рибарот
* Го најдоа!
* Ава добива подарок
* Пиратите
* Зошто бегаат стаорците?
* Несреќа во несреќа
* Докторот е спасен
* Старите пријатели

Кратка содржина[уреди | уреди извор]

Прв дел[уреди | уреди извор]

Во куќата на докторот Офболи живеат бројни животни за кои несебично се грижи докторот, кој ги лекува заедно со луѓето. Во куќата живее и неговата лоша сестра, Варвара, која не ги сака животните. Докторот е голем пријател со своите живонти, особено со патката Кика, кучката Ава, прасето Гру-Гру, папагалот Карудо и бувот Бумбо. Притоа, докторот го разбира јазикот на живонтите. Во неговата работа му помагаат децата Вања и Тања кои тој успешно ги излекувал од шарлах и од сипаници. Меѓу неговите пациенти има и неколку измачени животни кои побегнале од своите лоши сопственици, како мајмунката Чичи која побегнала од еден уличен музичар и крокодилот кој побегнал од циркусот, а докторот го прима кај себе под услов да не ги повреди другите животни. Животните многу го сакаат докторот и му помагаат во работата, садејќи компири и носејќи вода од изворот. Еден зимски ден, кај докторот пристига ластовица, преколнувајќи го да појде во Африка, каде го очекуваат мајмуните со болни стомаци. Докторот и неговите животински пријатели го позајмуваат бродот на неговиот пријател, морнарот Робинзон, и веднаш заминуваат на пат. Патем, тие минуваат низ бројни авантури: ги зафаќа силна бура и бродот потонува, но сите успеваат да се спасат на грбот од крокодилот; потоа ги заробува разбојникот Бармалеј, но папагалот Карудо го зема клучот и ги ослободува затворениците; сепак, нив ги брака бандата на Бармалеј, но на бегалците им помагаат мајмуните, кои со своите тела прават мост преку една река. Во Африка, докторот успева да ги излечи мајмуните, а тие му даваат подарок — животното со две глави Тегнитуркај. По успешно завршената работа, докторот се враќа назад, а папагалот, крокодилот и мајмунката Чичи остануваат во нивниот роден крај. На враќање, докторот е пак нападнат од бандата на Бармалеј, но со помош на Тегнитуркај храбро им се спротивставува на разбојниците. Потоа, докторот и неговите животни им го одземаат бродот на разбојниците и пристигаат дома, каде им е приреден весел дочек, а на децата особено им се допаѓа Тегнитуркај. Единствено, Варвара е непријателски настроена кон него, па докторот го замолува морнарот Робинзон да ја однесе Варвара на некој далечен остров.[2]

Втор дел[уреди | уреди извор]

Во втората приказна пак се јавуваат главните ликови од првито дел, но со уште еден нов лик — детето Пента. Него докторот го пронаоѓа благодарение на одличниот слух на бувот Бумбо, кој открива дека детето е заробено во една пештера. Откако го ослободува, детето му раскажува на докторот дека тоа и татко му биле нападнати од разбојниците на Бармалеј кои го заробиле татко му. Докторот и неговата дружина веднаш решаваат да му помогнат на детето да си го пронајде својот татко. Сите животни се впуштаат во потрага по него, а кучката Ава успева да го намириса и тие го наоѓаат таткото на еден мал остров. Пента е пресреќен, а кога се враќаат во неговото село, селаните им укажуваат големи почести на докторот и на неговите животни. Решен да им се одмазди, докторот ги гони разбојниците по морето и најпосле, нивниот брод потонува и разбојниците стануваат плен на ајкулите. Така, докторот и животните се враќаат дома како победници, а патем им се придружуваат Карудо, крокодилот и Чичи на кои им било здодевно без докторот. Во родниот град, Пиндемонте, на дружината на докторот им се приредува блескав дочек, а граѓаните му поклонуваат прекрасен брод. Оттогаш, тој ги лекува и морските животни.[3]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во 2013 година, романот бил објавен од издавачката куќа Феникс, во рамките на библиотеката „Врвови“, а преводот го направил Владимир Попов. Дизајнот на корицата е дело на Васил Петрески. Книгата има 92 страници, а нејзините димензии изнесуваат 21 сантиметар. Таа е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Корнеј Чуковски, Доктор Офболи. Скопје: Феникс, 2013.
  2. „Корнеј Чуковски, Доктор Офболи“, во: Корнеј Чуковски, Доктор Офболи. Скопје: Феникс, 2013, стр. 84-87.
  3. „Корнеј Чуковски, Доктор Офболи“, во: Корнеј Чуковски, Доктор Офболи. Скопје: Феникс, 2013, стр. 87-89.
  4. Корнеј Чуковски, Доктор Офболи. Скопје: Феникс, 2013, стр. 92.