Договор од Троа (1420)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Договорот од Троа бил спогодба според која Хенри V од Англија и неговите наследници требало да го наследат тронот на Франција по смртта на кралот Шарл VI Франција. Тој бил потпишан во францускиот град Троа на 21 мај 1420 по битката кај Аженкур. Тој бил создаден за време на Стогодишната војна а по неговото потпишување англиските кралеви го барале правото на наследство на францускиот престол.

Денес, оригиналот на Троанскиот договор се наоѓа во библиотеката на Институтот на Франција во Париз.

Услови[уреди]

Со договорот се уредил бракот на ќерката на Шарл VI Катерина со Хенри V од Англија, кој бил прогласен за регент на Франција и иден наследник на францускиот престол. Истото право важело и за неговите идни наследници. Престолонаследникот Шарл бил изземен од наследувањето на престолот. Договорот бил ратификуван една година подоцна кога Хенри V влегол во Париз.

Позадина[уреди]

Францускиот крал Шарл VI во тек на своето владеење страдал од лудило. Хенри V ја нападнал Франција во 1415 и силно ги поразил Французите кај Аженкур. Во 1418, Жан Бестрашниот, Војвода од Бургундија, чии политички и економски интереси биле тесно сврзани со Англичаните, го окупирал Париз. Една година подоцна тој бил убиен од неговите непријатели во Мантеро. Неговиот син Филип Добриот, склучил сојуз со Англичаните и преговарал за спогодба со англискиот крал.

Изабела Баварска, кралицата на Шарл VI, чие учество во преговорите било чисто формално, се согласила на договор лишувајќи го од наследство својот син, во надеж дека ако династиите се спојат преку Хенри V, војната ќе престане а Франција ќе дојде во рацете на храбар и способен крал.

Згора на лишувањето од престолот на престолонаследникот, претходно кралицата ја биело глас дека е љубовница на својот девер Луј, Војвода од Орлеан. Овие гласини ги искористил најжестокиот противник на Луј, Жан Бестрашниот, кој го убил Војводата од Орлеан во 1407.

Лишувањето од тронот на Шарл му донело дополнителни законски санкции кога тој се прогласил себеси за регент на Шарл VI во спротивност со регенството објавено од страна на Хенри V. Престолонаследникот бил повикан на lit-de justice (сослушување пред законот) во 1420 под обвинение за lèse-majesté(навреда на величеството , т.е. кралот). Кога не се појавил, парискиот суд во 1421 прогласил дека престолонаследникот е виновен за предавство. Казнет бил со целосно лишување од наследството и протерување од Француското кралство, губејќи ги сите привилегии и титули. Ова било главната последица на Троанскиот договор.

Последици[уреди]

По смртта на двајцата кралеви, Шарл VI и Хенри V во период од два месеца, во 1422, Хенри VI од Англија ,кој сеуште бил дете станал крал на Англија и на Франција, но престолонаследникот Шарл исто така го барал престолот на Франција по смртта на татко му. Тој бил крунисан за Крал на Франција на 17 јули 1429 во Катедралата во Ремс . Владеел со регионот во Франција околу Бурж и од неговите противници бил со подсмев нарекуван "Крал на Бурж".

Условите на Троанскиот договор подоцна биле потврдени уште еднаш со Договорот од Амјен (1423), кога Бургундија и Британија потврдиле дека го признаваат Хенри VI за Крал на Франција и се договориле да оформат тројна дефанзивна алијанса против престолонаследникот Шарл.

Воената победа на Шарл VII над француските и англиските поддржувачи на барањето на Хенри VI да биде крал на Франција го прекинала договорот. Кралевите на Англија продолжиле да ја бараат круната на Франција сé додека барањето не било прекинато после Унион актот во 1800/1801 со кое се споиле кралствата на Велика Британија и Ирска.

Наводи[уреди]