Прејди на содржината

Договор Тито-Шубашиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Договор Тито-Шубашиќ
Договор од Вис
{{{image_alt}}}
Потпишан16 јуни 1944 (1944-06-16)
МестоВис, Југославија
Потписници
Белградски договор
Потпишан1 ноември 1944 (1944-11-01)
МестоБелград, Југославија
Потписници
  • Демократска Федеративна Југославија Јосип Броз-Тито
    (Национален комитет за ослободување на Југославија)
  • Кралство Југославија Иван Шубашиќ
    (Југословенска влада во егзил)

Договорот Тито-Шубашиќ (српскохрватски: sporazumi Tito-Šubašić) — резултат на серија преговори спроведени од водачот на југословенските партизани, Јосип Броз Тито, и премиерот на југословенската влада во егзил, Иван Шубашиќ, во втората половина на 1944 година и почетокот на 1945 година. Договорите биле наменети за создавање коалициска влада во Југославија по Втората светска војна, која требало да биде составена од претставници на Националниот комитет за ослободување на Југославија и владата во егзил.

Преговорите и договорите произлегле од Втората светска војна, со подршка на Сојузниците, особено Обединетото Кралство. Британците го гледале процесот како можност да влијаат врз формирањето на повоениот режим во Југославија, кој инаку би му бил целосно оставен на Тито и, веројатно, на Комунистичката партија на Југославија, која го предводела партизанскиот отпор кон окупацијата на земјата од страна на Силите на Оската. Тито го гледал процесот како можност да добие меѓународно дипломатско признание за неговата моќ.

Договорот од Вис (српскохрватски: Viški sporazum) претставува почетниот документ во процесот кој бил склучен на островот Вис во јуни 1944 година. Централниот договор во серијата бил парафиран на 1 ноември 1944 година во Белград, но неговото применување било одложено поради потребата да се реши спорот - меѓу Тито, Шубашиќ и кралот Петар II - во врска со назначувањата во регентскиот совет. Процесот бил завршен на 7 март 1945 година со воспоставување на Привремената влада на Демократска Федеративна Југославија. Така, Тито станал премиер на Југославија.

Позадина

[уреди | уреди извор]
Одлуките на Антифашистичкто собрание за народно ослободување на Југославија, одржано во Јајце во 1943 година (на сликата), биле потврдени преку договорите Тито-Шубашиќ.

Во април 1941 година, силите на Оската ја нападнале и наскоро ја окупирале Југославија. Кога поразот на Југославија се чинел неизбежен, Комунистичката партија на Југославија им наложила на своите 8.000 членови да складираат оружје во очекување на вооружен отпор. [1] До крајот на 1941 година, вооружениот отпор се проширил во сите области на земјата освен во Македонија. [2] Надоградувајќи се на своето искуство со тајни операции низ целата земја, КПЈ продолжила да ги организира југословенските партизани, [1] како борци на отпорот, предводени од Јосип Броз-Тито. [3] КПЈ проценила дека германската инвазија на Советскиот Сојуз создала поволни услови за востание. На 27 јуни 1941 година, како одговор, политбирото на КПЈ го основал Врховниот штаб на Народноослободителната армија на Југославија, со Тито како врховен командант. [1]

На 26-27 ноември, [2] по иницијатива на Тито и КПЈ било основано панјугословенско собрание – Антифашистичко собрание за народно ослободување на Југославија (Antifašističko vijeće narodnog oslobođenja Jugoslavije, АВНОЈ). [4] АВНОЈ се прогласил за иден парламент на новата југословенска држава, ја потврдил својата посветеност на формирање демократска федерација, го негирал вторитетот на југословенската влада во егзил и му забранил на кралот Петар II да се врати во земјата. [5] Дополнително, Националниот комитет за ослободување на Југославија (Nacionalni komitet oslobođenja Jugoslavije, НКОЈ) бил основан и потврден од АВНОЈ како целосно југословенско извршно тело. [5]

На 3 јуни, Тито бил евакуиран во Бари, откако неговиот штаб во Дрвар бил нападнат како последица на германскиот воздушен десант кон крајот на мај 1944 година. Кратко потоа, тој бил пренесен со разурнувачот ХМС <i id="mwcg">Блекмор</i> на островот Вис. До 9 јуни биле воспоставени британските и советските мисии на островот. [6]

Договор од Вис

[уреди | уреди извор]
ХМС Блекмор го пренесел Тито до Вис за да се сретне со Шубашиќ.

На 12 април 1944 година, британскиот премиер Винстон Черчил започнал да врши притисок врз Петар II да го назначи поранешниот гувернер на Бановина Хрватска, Иван Шубашиќ, на место премиер на владата во егзил. Петар II се согласил на 1 јуни, а Шубашиќ го прифатил местото, враќајќи се од Соединетите Американски Држави каде што живеел од 1941 година. Шубашиќ се сретнал со Тито на островот Вис две недели подоцна. [3] Слично на тоа, Черчил му испратил писмо на Тито пред состанокот, наведувајќи ја важноста што британската влада ја придава на идниот договор меѓу него и владата во егзил. [6]

Од состанокот произлегол договор во кој било наведено дека волја на потписниците е да формираат коалициска влада, но дека системот на владеење во Југославија ќе се одлучи дури откако ќе заврши војната. Понатаму, Шубашиќ ги прифатил одлуките донесени од АВНОЈ во ноември 1943 година и ја признал законитоста на телата основани од АВНОЈ. [3] Прашањето за задржување или укинување на југословенската монархија било оставено за по војната. [6] Договорот бил потпишан на 16 јуни. Во тоа време, Тито изјавил дека првенствено е загрижен за ослободувањето на земјата - и тврдел дека воспоставувањето комунистички режим не е главна цел. [7]

Конференција во Неапол и лет до Москва

[уреди | уреди извор]
Винстон Черчил се сретнал со Тито во Неапол во 1944 година.

Черчил сметал дека Тито не прави доволно во замена за британската поддршка, особено наведувајќи ја британската заштита на југословенскиот остров Вис. Неговото незадоволство го повторило и британското Министерство за надворешни работи. Ситуацијата довела до состанок меѓу Черчил и Тито во Неапол на 12 август. Таму, Черчил му го претставил на Тито британското барање Тито јавно да се откаже од каква било можност за прибегнување кон вооружена сила за да се влијае врз усвојувањето на политички систем во повоена Југославија. Черчил, исто така, посакувал Тито да изјави дека не се стреми кон воспоставување комунистички режим по војната. Тито ги избегнал овие прашања на состанокот. [8]

Еден месец подоцна, на 12 септември, Петар II објавил проглас во кој повикал на национално единство и верност кон Тито. [3] На 18 септември, Тито се сретнал со советскиот лидер Јосиф Сталин во Москва и го обезбедил ветувањето за помош од Црвената армија во претстојната Белградска офанзива, како и нејзиното заминување кратко потоа. Најзначајно е што состанокот означил советско признавање на авторитетот на Тито во Југославија. Британците сфатиле дека советските сили ќе влезат во Југославија, што ќе го ограничи британското влијание. За време на Четвртата московска конференција, во обид за ублажување, Черчил се обидел да го ограничи советското влијание во Југославија преку Процентниот договор. [8]

Белградски договор

[уреди | уреди извор]
Јосип Броз Тито добил признание за неговото владеење во Југославија преку договорите со Иван Шубашиќ .

Кратко потоа, Иван Шубашиќ се вратил во Југославија, и заминал во седиштето на Тито во Вршац на 23 октомври 1944 година. Бидејќи двајцата требало да ги продолжат разговорите за повоената влада, двајцата добиле заедничка порака од британскиот и советскиот министер за надворешни работи - Ентони Еден и Вјачеслав Молотов - во која се изразило надеж дека разговорите ќе резултираат со воспоставување коалициска влада. [6] Тито и Шубашиќ ги продолжиле разговорите на 28 октомври. На 1 ноември, шефовите на британските и советските мисии биле замолени да присуствуваат на одобрувањето на нацрт-договорот како сведоци. [6]

Во новиот договор, партиите изготвиле детален план за коалициска влада како што било предвидено на Вис претходно истата година. Договорот првично наведувал дека новата влада ќе има 18 членови - 12 од редовите на НКОЈ и 6 од владата во егзил. Тито требало да биде премиер, додека Шубашиќ требало да биде негов заменик и министер за надворешни работи. [3] Новата влада требало да распише избори за да се одлучи за системот на управување на земјата. Во меѓувреме, Југославија теоретски требало да остане монархија. Петар II требало да биде титуларен шеф на земјата, но да остане во странство. Наместо тоа, договорот предвидувал совет од тројца регенти кои ќе го претставуваат кралот во Југославија, иако било одлучено дека договорот ќе биде потпишан единствено со одобрение на кралот. [6]

Бидејќи ставот на Тито бил поддржан од значителна партизанска сила во земјата, а Шубашиќ немал таква моќ да инсистира на поинаква агенда, регентството се толкува како отстапка од Тито кон владата во егзил, со цел да се промовира добра волја меѓу западните сојузници. [3] Договорот, исто така, утврдил дека, откако ќе заврши војната, новата влада треба да издаде декларација преку која треба да ги поддржи демократските слободи и личните слободи, вклучувајќи го слободното практикување на религијата и слободниот печат. Сепак, Тито почнал јавно да ја менува својата позиција до јануари 1945 година. [3]

Британските дипломати истакнале дека предложената влада всушност требало да има 28 членови со право на глас (со дополнителни 10 од НКОЈ) и дека половина од страната на Шубашиќ во новата влада го поддржува Тито - давајќи му предност од 25 спрема 3 на Тито. Понатаму, Шубашиќ заминал во Москва на 20 ноември за да побара поддршка од Сталин за договорот пред да се врати во Лондон. Овој тек на дејствување го навел Петар II да размисли за отпуштање на Шубашиќ, но интервенцијата на Черчил го одвратила од тој потег. [6]

На 7 декември, Тито и Шубашиќ потпишале два дополнителни договори кои се однесувале на изборот на уставотворно собрание, располагањето со имотот на Петар II и регентскиот совет. На состанокот кој нил одржан истиот ден, шефот на британската мисија во Југославија, Фицрој Меклин, му кажал на Тито дека Британците ќе разгледаат дипломатско признавање на неговата власт единствено доколку тој и Шубашиќ успешно формираат коалициска влада. [6]

Спор за Регентството

[уреди | уреди извор]
Петар II (лево) и премиерот на југословенската влада во егзил Иван Шубашиќ се судриле околу составот на регентскиот совет предвиден со договорите Тито-Шубашиќ.

На состанокот со Черчил и Еден на 21 декември [6] и во своите писма до британскиот премиер од 29 декември 1944 година и 4 јануари 1945 година, Петар II го отфрлил предложеното регентство и изјавил дека е незаконско. Сепак, Черчил извршил притисок врз кралот да ги прифати сите одлуки на идната југословенска влада во врска со регентството. Без оглед на тоа, на 11 јануари кралот формално се спротивставил на тоа регентството и на тоа АВНОЈ да имаат законодавни овластувања и го отфрлил договорот Тито-Шубашиќ. На 22 јануари, кралот го разрешил Шубашиќ затоа што го склучил договорот без да се консултира со него за ова прашање. [6]

Како одговор на тоа, Британците побарале и добиле поддршка од Соединетите Американски Држави за Шубашиќ да продолжи, и покрај приговорите на кралот, преку спроведување на договорот со Тито, кој бил информиран за таквата постапка и ја прифатил. Британците можеби биле мотивирани од стравот дека СССР може еднострано да го признае НКОЈ како југословенска влада. [6] Во периодот од 25 до 29 јануари, Петар II го повлекол разрешувањето на Шубашиќ откако преговарал со него и се согласил дека владата во егзил ќе поднесе оставка, а Шубашиќ ќе биде повторно назначен со задача да ги унапреди ставовите на кралот за неговото право да го назначи регентството. [6]

Бидејќи владата предводена од Шубашиќ требала да се врати во Белград на 7 февруари, кралот предложил регентство составено од армискиот генерал и поранешен премиер Душан Симовиќ, Јурај Шутеј (Хрват во владата на Шубашиќ) и Душан Сернец (словенечки член на НКОЈ). На 5 февруари, Тито одбил да го прифати Шутеј и наместо тоа го предложил Анте Мандиќ (хрватски член на АВНОЈ). Следниот ден, Шубашиќ се спротивставил на назначувањето на Симовиќ, наведувајќи ја неговата одлука да се предаде на силите на Оската во 1941 година без консултација со другите владини министри. Наместо тоа, тој предложил да се назначи Сретен Вукосављевиќ, кој бил член на неговата влада во периодот по договорот од Вис. Спорот доввел до одложување на преместувањето на владата. [6]

Договорот Тито-Шубашиќ тема на разговор и поддржан на Кримската конференција, која издала комунике со кое се повикува на спроведување на договорот, проширување на АВНОЈ за да ги вклучи членовите на стариот југословенски парламент кои не соработувале со силите на Оската и поднесување на актите на АВНОЈ за ратификација од страна на избрано уставотворно собрание. [6] Комуникето од Јалта му било пренесено на Тито од страна на Меклин, а Тито го прифатил во целост. Петар II и Шубашиќ го прифатиле комуникето на 12 февруари. Кралот ја заменил номинацијата на Симовиќ за регентство на Вукосављевиќ со онаа на Милан Грол, додека инсистирал на номинирање на Шутеј во советот. Тито ги отфрлил двете назначувања. [6]

На 26 февруари, Тито и Шубашиќ склучиле дополнителен договор со кој Срнец и Мандиќ биле наведени како словенечки и хрватски членови на регентскиот совет и бил обезбеден список од четири потенцијални српски членови на регентството од кои кралот можел да избере. Кралот бил информиран дека има рок до крајот на неделата да се согласи, во спротивно ќе се претпостави неговата согласност. Петар II се согласил и го избра Срѓан Будисављевиќ (поранешен министер во владата во егзил). Кралот ја претставил својата одлука на претседателот на АВНОЈ, Иван Рибар, во Лондон на 3 март. Владата на Шубашиќ поднела оставка три дена подоцна. Регентскиот совет, во својот единствен официјален акт, потоа назначил привремена влада на Југославија од 28 членови на 7 март, во согласност со Договорот Тито-Шубашиќ [6]

Последици

[уреди | уреди извор]
На третото заседание на АВНОЈ во 1945 година учествувале некои предвоени членови на Југословенскиот парламент .

Во знак на признание за новата југословенска влада, британските, советските и американските амбасадори биле испратени во Белград во втората половина на март. [6] Првично, новата влада одлучила да го прогласи својот антифашизам, „братството и единството“ на народите што живеат во Југославија и општите хуманистички вредности. Меѓутоа, како што се приближувале изборите закажани за есента 1945 година, комунистите постепено биле назначувани на клучни места, а граѓанските права и слободи биле сè повеќе ограничени. Исто така, било воведено законодавство за гонење на вистинските и наводните непријатели на народот и државата. [7]

Од една страна, владата во егзил и Шубашиќ имале намера да ја ограничат комунистичката контрола врз владата на повоена Југославија преку договорите со Тито, веројатно преку британска помош. Од друга страна, Тито направил обид да ги искористи договорите за да ја зголеми законитоста на своето барање за власт со тоа што се поврзал со владата во егзил и формирал широка владина коалиција. Привремената влада формирана во март 1945 година го вклучувала Тито како премиер и Шубашиќ како министер за надворешни работи, а вториот како еден од единаесетте некомунистички владини министри. [7] Сепак, само шест од единаесетте претходно биле членови на владата во егзил. Од тие шест, само тројца не биле поддржувачи на партизаните, или не биле на друг начин поврзани со нив - Шубашиќ, Шутеј и Грол, сите од кои поднеле оставка од своите места во рок од неколку месеци - Грол во август, а другите во октомври. [6]

  • Calic, Marie-Janine (2019). A History of Yugoslavia. West Lafayette, Indiana: Purdue University Press. ISBN 978-1-55753-838-3.
  • Hoare, Marko Attila (2013). The Bosnian Muslims in the Second World War. Oxford, UK: Oxford University Press. ISBN 978-0-231-70394-9.
  • Lukic, Renéo; Lynch, Allen (1996). Europe from the Balkans to the Urals: The Disintegration of Yugoslavia and the Soviet Union. Stockholm, Sweden: Stockholm International Peace Research Institute. ISBN 9780198292005.
  • Murray, Chris (2019). „From resistance to revolution: occupied Yugoslavia“. Во Murray, Chris (уред.). Unknown Conflicts of the Second World War: Forgotten Fronts. Abingdon, UK: Routledge. стр. 139–170. ISBN 978-1-138-61294-5.
  • Ramet, Sabrina P. (2006). The Three Yugoslavias: State-building and Legitimation, 1918–2005. Bloomington, Indiana: Indiana University Press. ISBN 9780253346568.
  • Roberts, Walter R. (1973). Tito, Mihailović, and the Allies, 1941-1945. New Brunswick, New Jersey: Rutgers University Press. ISBN 978-0-8135-0740-8.
  • Tomasevich, Jozo (2001). War and Revolution in Yugoslavia, 1941–1945: Occupation and Collaboration. Stanford, California: Stanford University Press. ISBN 978-0-8047-0857-9.
  • Vukšić, Velimir (2003). Tito's Partisans 1941–45. Oxford, UK: Osprey Publishing. ISBN 1-84176-675-5.