Добри Дол (Скопско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Добри Дол, Скопско)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Добри Дол
Dobri Dol (Skopsko)-MKD.JPG

Поглед на Добри Дол

Добри Дол is located in Македонија
Добри Дол
Местоположба на Добри Дол во Македонија
Координати 41°55′36″N 21°24′14″E / 41.92667° СГШ; 21.40389° ИГД / 41.92667; 21.40389Координати: 41°55′36″N 21°24′14″E / 41.92667° СГШ; 21.40389° ИГД / 41.92667; 21.40389
Општина Coat of arms of Sopište Municipality.svg Сопиште
Население 431 жител жит.
(поп. 2002)
Повик. бр. 02
Надм. вис. 452 м
Добри Дол на општинската карта
Добри Дол во Општина Сопиште.svg

Атарот на Добри Дол во рамките на општината


Добри Дол — село во Општина Сопиште во областа Каршијак, близина на главниот град на Македонија, Скопје.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Добри Дол

Селото Добри Дол се наоѓа во средишниот дел на Скопската Котлина на 11 километри јужно, односно малку југозападно од Скопје[1]. Сместено е во мал преслап (депресија) на 2,5 километри од левата страна на Маркова Река[2], а на источната страна од јужната падина на планината Водно. Според записите на Ѓорче Петров селото Добри Дол се наоѓа на ½ (половина) час одење од Ракотинци во еден дол според кој селото го добило своето име[3]. Добри Дол е ридско село, расположено на надморска височина од 400 метри[4]. Атарот зафаќа површина од 7,6 км² на кои преовладува обработливото земјиште со 629,6 хектари, а потоа следат пасиштата со 83,8 и шумите со 7,9 хектари[5]. Во неговата непосредна близина се селата Ракотинци, Долно Соње, Варвара и Маркова Сушица.[6] Добри Дол се наоѓа на надморска височина од 452 метри. Селото е дел од областа Каршијак. Во Добри Дол постојат две чешми (Долна или Стара и Горна Чешма), поголем број бунари длабоки од 12 до 28 метри, а на атарот околу селото избиваат повеќе послаби извори како што се Бунарче, Перковец, Вокушица, Бучало, Јазинец, Мечково Чешмиче и други[7]. Предвидено е Добри Дол да се поврзе и снабдува со регионалниот водовод кој се гради во Патишка Река. Селото е од збиен тип и се дели на две маала: Долно и Горно или Цеовско (според истоимениот староседелски род)[8].

Глетка од селото Добри Дол со непосредната околина

Историја[уреди | уреди извор]

Првиото пишано споменување на селото Добри Дол е зачувано во еден запис од 1475 година, односно XV век, каде што се споменуваат попот Јаков и селани од ова село[9]. Уште еден пишан документ од средновековниот период сведочи за постоењето на Добри Дол, а тоа е поменикот на манастирот Матка во кој се запишани свештеникот и повеќе приложници од ова село[10]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен на 1 мај 1855 во „Цариградски весник“ за Добри Дол запишал дека е многу плодовито село чии луѓе се многу трудољубиви и гостољубиви и имаат цркви растурени[11]. Во минатото низ Добри Дол минувал патот од Скопје за Порече и Кичево, поради што во селото постоеле 2 анови (еден во сопственост на родот Переловци, а другиот на некој Јанакија од поречкото село Црешнево) , во кои патниците од Порече одмарале, ноќевале и купувале добридолско вино „во мешини“[12]. Во селото постои општо предание дека кога порано „тепала чумата“ селаните бегале во месностите Врањак и Душков Дол каде привремено живееле во колиби, при што последен пат чумата се појавила околу средината на XIX век[13]. За време на турското отоманско владеење селаните на Добри Дол најпрвин биле „рајати“ бидејќи живееле на сопствена земја, но околу средината на XIX век започнал со сила да присвојува земја некој Ата-бег кој бил Албанец по потекло од областа Горна Река и кој за „ќајалари“ (застапници) поставувал муслимански пљачкаши кои често барале пари од населението, напаѓале жени и деца и убивале христијани[14]. На тој начин Ата-бег за кратко време успеал да присвои 2/3 од селскиот атар додека на преостаниот дел во втората половина на XIX век помали чифлици успеале да образуваат албанскиот род Јашаровци од с.Патишка Река и некој Али-ефендија од Скопје[15]. Сопственниците на чифлизите биле вистински тирани спрема населението, собирајќи големи приходи и работна сила своеволно за што доведувале селани и од други села (Сопиште) на кулучење. Во 1878 година во Добри Дол дошле „Дебрани“ (албански насилнички пљачкашки банди) кои не успеале да направат никакво зло поради тоа што сопствениците на чифлизите не им дозволиле да се задржат подолго во селото[16]. Од чифчиството селаните започнале да се ослободуваат од 1900 година со купување на земјата, а поединечни „беглерски“ ниви биле откупувани сѐ до 1946 година[17]. Беговските кули и амбари биле запалени во текот на Балканските војни. По Втората светска војна Добри Дол започнало забрзано да го добива својот современ лик.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Винови насади во Добри Дол
Грозје во Добри Дол

Селото Добри Дол се одликува со одлични стопански прилики и услови за развој на земјоделството. Во делот Топографија на својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за селото Добри Дол запишал дека неговиот атар е најплодородното место во Каршијак, при што селото давало данок („спаилак“) до 1,500 шиници жито и 150 товари грозје[18]. Во денешно време најзастапени се земјоделството, лозаро-овоштарството и во помала мерка сточарството. Од земјоделството најзастапено е одгледувањето житни растенија како пченица и јачмен, потоа компир, морков, пиперки, кромид, домат, марула. Добри Дол и околината од дамнина се прочуени по лозарството и производството на вино, кое како што беше споменато во делот за историја, во минатото било купувано „во мешини“ од патниците кои минувале и ноќевале во селото. Бројни се лозовите насади и денес, а во непосредната близина на Добри Дол се наоѓаат и лозјата на винарската визба „Сковин“. Од овоштарството се одгледуваат цреши, сливи, јаболка, круши, кајсии, вишни, ореви и праски. Од сточарството во многу мала мера се застапени козарството, говедарството и живинарството. Поради близината со градот Скопје, значаен дел од населението се занимава и со други дејности како занаетчиство, градежништво, електричарство, молерство, монтажерство, превозништво и други услужни дејности во претпријатија, погони и фирми во Скопје.

Население[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Добри Дол живееле 330 жители, сите Македонци.[19]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Добри Дол имало 480 Македонци, егзархисти.[20]

Според пописот од 2002 година, во селото Добри Дол живеат 431 жител, од кои: [21]

Националност Вкупно
Македонци 424
Турци 1
Власи 2
Срби 1
Други 3

На табелата е прикажан бројот на население во сите пописни години:[22]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 330[19] 240[20] 434 454 484 487 476 412 401 431

Според бројноста на жителите Добри Дол не забележува позначајни промени, што се должи на поволната географска положба во однос на близината на градот Скопје и добрите услови за живот. Во 1991 година во Добри Дол живееле 484 жители, сите Македонци, а во 1994 година бројот на жители изнесувал 401, сите Македонци[23]. Во најново време е забележителна изградбата на куќи и доселување на жители од градот Скопје.

Родови[уреди | уреди извор]

Во Добри Дол од секогаш па сѐ до денес живеат исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Старинечки родови се: Переловци, Перчевци, Трифуновци, Бончевци (порано сите заедно сочинувале еден род - Цеовци), Димковци, Цимбуровци, Чучевци, Крстевци, Кара-Трпковци, Николовци, Груевци и Журевци[24]. Доселени родови се: Мирчевци (од с.Бистрица - Велешко), Милевци (од с. Отља - Кумановско), Најдовци (од Порече), Магларци (од с.Ботушје во Порече), Китанчевци, Чаламуровци, Драјчовци (сите три рода од с.Долно Соње), Сејдовци (од с.Горно Соње)[25]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Црква „Свети Спас“[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Црква „Св. Спас“ - Добри Дол.

Во селото е зачувана мала црква која е посветена на Св. Спас. Од ктиторскиот натпис кој е над стоечките светителски фигури на јужниот ѕид, се дознава дека црквата е изградена во 1576 година. Црквата е еднокорабна градба со правоаголна основа, со полукружна апсида однадвор и одвнатре и засводена со полукружен свод. Во храмот се влегува низ јужниот ѕид на новодоградената припрата. Живописот во црквата Св. Спас несомнено го извеле двајца сликари. Поталентираниот ги слика стоечките фигури во првата зона, ликовите на сводот, фигурата на Исус Христос и во нишата над влезот во црквата. Неговите фигури се тенки, издолжени, со хармонични пропорции и убави пози. Употребува дискретни пастелни бои и посветува внимание на декоративните орнаменти. Живописот во втората и во третата зона веројатно е дело на вториот сликар и е под дебел слој саѓи, меѓутоа се воочува иконографска точност на сцените и на ликовите кои се шематизирани. Се претпоставува дека подобриот сликар од Св. Спас и припаѓал на групата сликари кои ја декорирале црквата Св.Атанасие или Св. Никола во селото Шишево, а на тоа укажува присуството на античката пророчица, еритрејска Сибила.[26]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Крушка е осамен наод од римското време. Во непосредната близина на селскиот поток Крушка е пронајден двоен доцноантички гроб. Во гробната конструкција секундарно биле вградени шест надгробни плочи со латински натписи. Спомениците се наоѓаат во Музејот на Македонија во Скопје.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од Добри Дол постои значаен број на иселеници кои се забележани во: градот Скопје и околните поблиски и подалечни скопски села Усје, Драчево, Долно Соње, Маркова Сушица[27]. Во поново време е забележан и помал незначителен број на иселеници во странство претежно во европските земји.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.98
  2. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.137
  3. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.525
  4. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.98
  5. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.98
  6. Црковна традиција во Скопје
  7. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.137
  8. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.138
  9. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.138
  10. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.138
  11. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.80
  12. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.138
  13. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.138
  14. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.138
  15. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.138
  16. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.139
  17. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.139
  18. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.525
  19. 19,0 19,1 Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 209.
  20. 20,0 20,1 D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-115.
  21. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, pp. 162 – 163.
  22. „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика. 
  23. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.98
  24. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.139
  25. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.139-140
  26. Црковна традиција во Скопје
  27. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.140

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]