Дитмаршен

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Дитмаршен (округ))
Дитмаршен
Kreis Dithmarschen

округ
Знаме на Дитмаршен Kreis DithmarschenГрб на Дитмаршен Kreis Dithmarschen
Земја Германија
ПокраинаШлезвиг-Холштајн
СедиштеХајде
Површина
 • Вкупна1.405 км2 (542 ми2)
Население (31 декември 2020)[1]
 • Вкупно133.251
 • Густина95/км2 (250/ми2)
Часовен појасCET (UTC+1)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+2)
Рег. таб.HEI
Мреж. местоdithmarschen.de

Дитмаршен (германски: Dithmarschen, дански: Ditmarsken, средновековен латински: Tedmarsgo) — округ и област во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, Германија. Се граничи со (од север надесно) окрузите Северна Фризија, Шлезвиг-Фленсбург, Рендсбург-Екернферде и Штајнбург, со покраината Долна Саксонија (округ Штаде, од кој е разделен од реката Елба) и со Северното Море.

Географија[уреди | уреди извор]

Мочуриште во северниот дел на Дитмаршен
Ваденското Море кај Бизум

Округот е сместен крај Северното Море. Го содржи естуарот на реката Елба на југ и естуарот на реката Ајдер на север. Денес создава еден вид на вештачки остров, опкружен од реката Ајдер на север и Килскиот Канал на исток и југоисток. Скоро целиот округ е рамен, кој некогаш бил огромно мочуриште.

На север се граничи со Северна Фризија и Шлезвиг-Фленсбург, на исток со Рендсбург-Екернферде и на југоисток со Штајнбург. Неговите граници останале скоро непроменети од времето на Карло Велики. Меѓутоа, со мелиорација, скоро двојно се зголемила големината на Дитмаршен со земјата земена од морето.

Важни градови се Хамбург и Ицехо на југ, Хузум на север и Кил и Рендсбург на исток. Главните патишта и железнички линии во Шлезвиг-Холштајн следат насока север-југ, правејќи го Хамбург најдостапен град.

Округот има максимална должина од 54 километри во насока север-југ и должина исток-запад од 41 километар. Највисока точка, близу Шрум, е 78 метри над морето, а најниската точка, близу Бург, е 0,5 метри под морето.

Пејзажот на Дитмаршен се должи на Северното Море. Од запад кон исток, Дитмаршен се состои од Ваденското Море, мочуришта и блата. Северното Море имало повисоко ниво пред 6500 години отколку денес. Пред околу 4500 години започнале да се појавуваат спрудови. Подоцна, започнале да се појавуваат и мочуришта, блата и езера, зад овие спрудови кои повеќе не биле поплавувани. Откако фатиле корен првите растенија, започнала да се менува земјата. Овие мочуришта се вбројуваат меѓу најплодните во Германија. Одгледувањето на градинарски култури во Дитмаршен носи највисоки приноси во Шлезвиг-Холштајн.

Од околу VIII век, луѓето во Дитмаршен живеел на издигнати ридови за заштита од морето. Во XII век започнале да градат брани за заштита на нивните пасишта и полиња. Од околу XV век, започнале со мелиорација од морето.

Флора и фауна[уреди | уреди извор]

Влијание на ветерот врз дрвјата

Додека во горните области има помали шуми, дрвјата во мочуриштата се семстени само околу куќите или селата за заштита од ветерот. Традиционални се пониски со цел да ги заштитат обработливите површини од ветрот.

Во Дитмаршен се наоѓаат неколку блата. Специјална положба зазема „Белото блато“ (Weißes Moor), единственото блато кое се наоѓа во своевиден природен облик во Шлезвиг-Холштајн.

Фока на песочен брег
Белолика гуска во лет

Дел од националниот парк Ваденско Море се наоѓа во Дитмаршен. Тој е најважното станиште во округот. Овде живеат многу мекотели, кои се добредојдена храна за поголемите видови. Особено рибите го користат Ваденското Море како „градинка“, каде можат да ги научат нивните младинци за исхраната во заштитена околина. Иако многу видови на риби постојано се населени во Ваденското Море, користејќи го како зимско станиште или како место за одмор. Во Дитмаршен можат да се сретнат најразлични видови на птици. 200.000 гусковидни патки доаѓаат во август, скоро целосната колонија на патки во Северна Европа.

Три песочни брегови, Тришен, Тертиус и Блауорт се сместени во морето. Тие се едни од малкуте природни станишта на германскиот брег и од огромна важност за морските птици и фоки. По залудните обиди во 1930-тите години да се направат погодни за живот на луѓе, сега се дел од националниот парк, кој е затворен за луѓе. Многу птици кои претпочитаат влажни површини живеат во долината на Ајдер-Трене.

Историја[уреди | уреди извор]

Пејзаж со овци и јагниња

Во средновековниот период, мочуришните села во Дитмаршен имале особен автономија. Соседните принцови често се обидувале Дитмаршен да го стават под нивна контрола.

По 1180 година, принц-архиепископот Зигфрид го освоил Дитмаршен, по што требало да припадне на неговата Принц-Архиепископијата Бремен, на неговиот брат Бернхард III, војвода на помладото Војводство Саксонија. На неговата нова позиција, војводата на Саксонија ја поседувал Хаделнски крај, спроти Дитмаршен на јужниот брег на реката Елба. Адолф III од Шауенбург, грофот на Холштајн, непријателски настроен кон асканиската династија, имал де факто посед на Дитмаршен. Па така, останало на Бернхард да ја поврати територијата, но не успеал, поради што му преостанало да го примора Адолф да ја прифати неговата власт во Дитмаршен.

Принц-Архиепископот Хартвиг II подготвил борба за Дитмаршен, верски припаѓајќи на Архиепископијата Бремен, но одбивајќи ја секуларната власт на Бремен. Успеал Адолф III да го отфрли неговото барање кон Дитмаршен за возврат на редовни даноци од жителите на областа. Во 1187 и 1188 година, Хартвиг и неговиот сојузник Морис I, гроф на Олденбург, го освоиле Дитмаршен. Слободните селани ветиле дека ќе му плаќаат даноци, подбивајќи му се на Хартвиг, додека не си заминал тој и неговиот војници. Дитмаршаните добиле поддршка од Валдемар, управник на Војводството Шлезвиг и бискуп на Шлезвиг. Хартвиг, должејќи даноци на Адолф III и плата на војниците на Морис I, се нашол во стапица и не можел да си дозволи втора војна.

Во 1192 година, Бремен го избрал Валдемар како негов нов принц-архиепископ. Валдемар го поздравил неговиот избор, надевајќи се дека неговата нова позиција ќе му помогне во неговиот спор со војводата Валдемар од Шлезвиг и неговиот постар брат Канут VI од Данска. Пред да седне во Принц-Архиепископијата Бремен ја добил поддршката во Дитмаршен.

Во XV век, Дитмаршаните се споиле во селанска република. Неколкупати соседните владетели, заедно со нивните витези и платеници се обиделе да ја потчинат независната минидржава кон феудализмот, меѓутоа, без успех. Во 1319 година, Герхард III бил поразен во Битката кај Верден. Откако Ерик IV, војвода на Саксо-Лауенбург, го нападнал Дитмаршен, Дитмаршаните го обвиниле неговиот зет, Алберт II, гроф на Холштајн-Рендсбург, за соучество, кој тогаш го искористил ова како вовед во неговиот неуспешен обид за напад во 1403 година, умирајќи од здобиените повреди во борбата. Во 1468 година, Дитмаршен се здружил со Слободниот Град Либек за да ги заштитат нивните заеднички интереси за трговија и да растечкиот феудализам во областа.[2] Дитмаршаните започнале трговија со Ливонија и соседните балтички одредишта од XV век, заснована на Ханзините користи од сојузот со Либек.[2] Обете страни го обновиле нивниот сојуз неколкупати и така тој траел до последниот пораз на Дитмаршен и припојување од страна на Холштајн во 1559 година.[2]

Во 1484 година, Магнус од Саксо-Лауенбург,[3] тогашен вицерегент на Хаделнскиот крај, не успеал да им ја наметне власта на слободните фризиски селани во Вурстенскиот крај, де факто автономна област во естуарот на Везер, која била лабаво врзано со Принц-Архиепископијата Бремен.[4][5] Ова ја засенило низата феудални обиди да се освои област на слободни селани, алармантен сигнал за Дитмаршаните и слободните селани во другите мочуришта во областа.[6]

Во април 1499 година, грофот Јохан XIV од Олденбург ги нападнал мочуриштата долж Везер и Северното Море, Штадланд и Бутјадинген, обете на Принц-Архиепископијата Бремен, со цел да ги потчини тамошните слободни селани.[5] Потоа, бременскиот принц-архиепископ Јохан Роде се обидел да создаде сојуз за да ги одврати овие и да спречи понатамошни напади, здружувајќи се со градовите Бремен, Хамбург и Штаде, кои ги сметале областите низводно од реките Елба и Везер како нивна територија важни за нивните слободни поморски трговски врски. Роде исто така ги придобил Дитмаршаните за одбранбен сојуз во корист на Вурстен, склучен на 1 мај 1499 година.[7]

На 1 август, сојузниците, сега и Букстехуде, започнале да снабдуваат 1.300 војници и опрема за одбрана на Вурстен и за напад на Хаделн.[5] Веќе на 24 ноември 1498 година, Јохан V и неговиот син Магнус од Саксо-Лауенбург се здружиле со Хајнрих IV Постариот од Брауншвајг и Линебург за да го освојат Вурстен.[4][5] Хајнрих IV се обврзал да испрати 3.000 војници, кои требало својата плата да си ја добијат преку грабежи на слободните селани на Вурстен, откако претходно успешно би го освоиле.[7]

Потоа, Роде покренал освета против Јохан V од Саксо-Лауенбург на 9 септември 1499.[8] Сојузничките сили, Дитмаршаните го нападнале преминот на Елба, лесно го освоиле Хаделнскиот крај, поразувајќи го Магнус и дури исфрлајќи го од Хаделн.[4][9]

Додека градовите сакале мирна завршница без силно влијание на било кого, Дитмаршаните биле повеќе за автономија на слободните селани. Хамбург и Дитмаршаните се разделиле. На 16 септември витез најмен од Хамбург го убил Корт фон дер Лит, член на бременскиот министеријал, предизвикувајќи го Отерндорфската побуна.[10] Хамбуршките витези тогаш ги нападнале Дитмаршаните и убиле 76 лица во нивниот воен камп близу Отерндорф.[10] Така, Дитмаршен го откажал сојузот со Роде, Бремен и Хамбург и Дитмаршаните се вратиле дома.[10] Хамбург сакал да ја поврати власта во Хаделн, кој го поседувал од 1407 до 1481 година, кога Саксо-Лауенбург го заложил Хаделн на Хамбург како покритие за кредит. Поѕоа, врската помеѓу Дитмаршен и Хамбург тогаш станала ледена, Дитмаршаните ги зазеле потопените бродови на Хамбург и нивниот товар, кои се наоѓале на или близу брегот на Дитмаршен, според традиционалниот обичај за заземање, кој порано го имале двете страни. Страните се помиреле во 1512 година.

До 20 ноември 1499 година, Магнус ја најмил т.н. „Голема“ или „Црна гарда“ на 6.000 безмислосни и насилно Холанѓани и Источни Фризи, предводени од Томас Сленц.[4][8] Црната гарда ја нападнале Принц-Архиепископијата Бремен, поминувајќи низ неа и уништувајќи област во Верден и Кнежевството Линебург-Целе, оставајќи зад себе пустош и ограбени манастири.[11][12]

На крај, на Божиќ пристигнале низводно од Везер во Лее, кога се обиделе да го освојат Вурстер, меѓутоа, слободните селани им возвратиле на нивните напади близу Ведеварден на 26 декември.[13][14] Така, гардата се упатиле североисточно, ограбувајќи го манастирот Нојенвалде, во Хаделн, совладувајќи го заедничките сили на Роде и градовите — недостигајќи поддршка на бремиските витези и Дитмаршаните — повторно освоени за Магнус кон почетокот на 1500 година.

Потоа, Роде го преобразил Хајнрих IV Помладиот во негов столб, кој со своите сили се впуштил во потера на црната гарда.[14] Бидејќи Магнус не им платил на витезите од гардата, тие станале понасилни кон месното население. Во средината на јануари 1500 година, кралот Јохан од Данска ја најмил гардата и ја гарантирал нивната безбедност преку Винзен на Луе и Хопте, преминот на Елба со фериботот Цоленшипкер до хамбуршко-либечкиот кондоминиум Бергедорф и Фирланде.[13]

Битката кај Хемингштет во историска графика од 1910 година од Макс Фридрих Кох.

Оттука, црната гарда се упатила северозападно повторно преку Холштајн со цел да се приклучи на силите на кралот Јохан во Холштајн и на Калмарскиот сојуз. Потоа, овие сили се обиделе да го освојат Дитмаршен со цел да ги потчинат слободните Дитмаршани. Дитмаршаните се обврзале на завет да го предадат манастирот во чест на тогашниот национален светец Богородица, ако успеат да ја совладаат инвазијата. На 17 февруари 1500 година, во Битката кај Хемингштет, помногубројните Дитмаршаните, предводени од Вулф Изебранд, ги поразиле силите и така го уништиле сонот на кралот Јохан за потчинување на Дитмаршаните.[10]

Во 1513 година, Дитмаршаните основале францискански манастир во Лунден исполнувајќи го нивниот завет, меѓутоа, хамбуршката катедралска комора во чија верска надлежност се наоѓал манастирот, барала таа да поставува свои пребендари.[15] По години спорови, Советот на 48., избрано управно тело на селската република Дитмаршен, одлучило да основа галиникански вид на независна католичка црква во Дитмаршен во август 1523 година, отфрлувајќи ја хамбуршката надлежност на цел Дитмаршен.[16] Комората не можела да ја поврати надлежноста, вклучувајќи го и својот удел во верските такси во Дитмаршен. По насилното отфрлање на првите проповедања на поддржувачите на реформацијата, убивајќи го Хајнрих Цутфен во декември 1524 година, сепак лутеранството започнале да навлегува во Дитмаршен.[17] Во 1533 година, Советот на 48. ја прогласил Дитмаршанската католичка црква во лутеранска државна црква.[18]

По победата во Хемингштет, Дитмаршен редовно испраќал свои делегати во Ханзините собранија (Hansetage).[2] Во 1554 година, Ханзиното собрание потврдило дека слободните селани од Дитмаршен не можат да бидат сметани за еднакви со трговците од слободните градови, но сепак се притени да ги уживаат поволностите на Ханзата.[2] Така, трговците од Дитмаршен, заедно со оние од Тевтонска Прусија, биле единствените корисници на квазичленството на Ханза, иако немале жителство во автономен или слободен град.[2]

Во 1559 година се случила последната освета помеѓу данскиот крал и Дитмаршаните кога слободните селани биле приморани да се откажат од нивната политичка и верска автономија; биле освоени од грофот Јохан Ранцау од Штајнбург, еден од најдобрите стратези во тоа време. Оттогаш, грбот на Дитмаршен прикажува борец на коњ, претставувајќи го витезот од Ранцау. Овој витез подоцна бил претставуван како Свети Георги, тогаш сметан за патрон на Дитмаршен.

Освојувачите — кралот Фредерик II, војводата Адолф и војводата Јохан II Постариот — го поделиле Дитмаршен на два дела, југот станал дел од Холштајн во личен сојуз со Данска додека северот станал посед на другиот војвода на Холштајн. Од 1773 година, цел Холштајн бил обединет со личен сојуз со Данска и така останал до 1864 година, кога по Втората шлезвишка војна, Војводствата Холштајн и Шлезвиг станале окупирана територија на Германскиот Сојуз. Две години подоцна, по Австриско-пруската војна, Дитмаршен станал дел од Кралството Прусија, кое ги припоило Холштајн и Шлезвиг и ги споило во подоцнежната Покраина Шлезвиг-Холштајн.

Средниот век во Дитмаршен почнал да завршува во XIX век, кога Килскиот Канал бил завршен, мочуриштата започнале да се сушат и започнале да се спроведуваат земјоделски реформи. Во рамките на сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, областа останала поделена на окрузите Северен Дитмаршен (Norderdithmarschen) и Јужен Дитмаршен (Süderdithmarschen) пред да бидат обединети во 1970 година како округ Дитмаршен.

Култура[уреди | уреди извор]

Традиции[уреди | уреди извор]

„Денови на зелката“

Луѓето во Дитмаршен прикажале голема гордост во нивната историја. Во неодамнешните децении многу традиции биле обновени и биле создадени нови настани во традиционален дух.

Јазик[уреди | уреди извор]

Денес, литературниот германски јазик е преовладувачки јазик, но долногерманскиот јазик во неговата холштајнска верзија сè уште се сретнува во разговорниот јазик. До 1960-тите години, долногерманскиот јазик бил главен јазик во секојдневната комуникација. Повеќето Дитмаршани родени пред 1960 година сè уште го сметаат долногерманскиот јазик за нивен мајчин јазик. Тој е повеќе застапен во селските средини, отколку во градските и главно е говорен од повозрасните жители.

Најпознат писател на долногермански јазик бил Клаус Грот од Хајде. Денес, веројатно најпознат долногермански говорник во Германија е Вилхелм Вибен, поранешен водител на омиленото германско телевизиско издание „Тагесшау“ (Tagesschau), кој сега создава долногермански аудиокниги. Само две епизоди на омиленото криминалистичко телевизиско издание „Место на злосторството“ (Tatort) имале германски превод. Една од овие епизоди се случувале во Дитмаршен: се сметало дека долногерманскиот јазик во дијалозите бил претежок за општата германска јавност да го разбере!

Архитектура[уреди | уреди извор]

Црквата и Градското собрание во Марне

Во пејзажот на Дитмаршен долго преовладувале црквите. Дворците и велепоседничките домови никогаш не биле изградени во селската република. Неколкуте замоци кои биле изградени имале мали улоги. Наспроти тоа, црквите биле симболи не само на верска основа, туку и на световна сила. Средновековната република била организирана во парохии („Kirchspiele“) поделени врз основа на црквите. Црквата во Дитмаршен не била само верска градба; била исто така главно место за политичките собири. Администрацијата на верските и политичките работи била вршена од истите луѓе во истото место, па така имало мала потреба за да се подигнат претставителни секуларни градби. Политичкиот и верскиот живот во Дитмаршен останал неподелен до припојувањето на Шлезвиг-Холштајн во Прусија во 1867 година.

Во рамните мочуришта на Дитмаршен, црковните кули често можеле да се видат на растојание од 10 километри. Црквите вообичаено биле градени на највисоките точки во селата. Селските улици воделе кон средишната црква, давајќи им на селата поинаков средновековен карактер. Веројатно постарите куќи биле срушени за да се направи место за овие цркви.

Св. Секундус во Хенштет

Најважната црква во Дитмаршен била црквата Св. Јован во Мелдорф, која поради нејзината големина била наречена и Мелдорфска катедрала. Помеѓу IX и XI век била единствена црква во Дитмаршен и една од неколкуте северно од реката Елба. Во средниот век, црквата била место на претставниците на административните парохии на Дитмаршен. Местото околу оваа црква била најважното собирно место во Дитмаршен, а самиот Мелдорф бил единствената населба која се развива во урбана населба. Дури и откако политичкиот центар се преселил во Хајде, црквата Св. Јован во Мелдорф останала најважната верска градба во Дитмаршен. Реформацијата во Дитмаршен започнала тука во 1524 година, кога Дитмаршен преминал на лутеранство.

Денешната црква била изградена во XIV век. Додека надворешната главно била повторно изградена во XIX век, внатрешноста сè уште содржи делови од готската архитектура од периодот 1250-1300. Сликите се меѓу најизвонредните во Шлезвиг-Холштајн, давајќи поглед на поранешното богатство на селската република.

Црквата Св. Јирген во Хајде започнале да се гради како капела во XV век. Поради конфликтите во Дитмаршен, Мелдорф ја загубил својата улога како средишно собирно место. Луѓето од северниот дел на Дитмаршен започнале да се сретнуваат во 1447 година „на Хајде“ (auf der Heide); подоцна, Советот на 48. претставници на најважните семејства и средишно одлучувачко тело на Дитмаршен се сретнувал во Св. Јирген. Сржта на долгата, еднокорабна црква е сè уште градбата од XV век. Нејзиниот надворешен изглед е преовладуван од ренесансната кула додадена во 1724 година.

Црквата Св. Вартоломеј во Веселбурен била исто така изградена во 1737/1738 од Јохан Георг Шот. Подигнал барокна градба од остатоците на постари цркви откако Веселбурен бил опожарен во 1736 година. Нејзината кромидеста купола е многу необична за Северна Германија. Исто така познати се црквата во Телингштет од XII век и црквите во Хеме и Бизум.

Образование[уреди | уреди извор]

Во 1993 година била отворена Високата школа во Хајде, која била најнова во покраината. Околу 800 студенти изучуваат економија, електротехника, информатика, меѓународен туризам и право на Високата школа Западен брег (Fachhochschule Westküste). Килскиот универзитет има своја подружница во Бизум — Истражувачки и технолошки центар Западен брег — која ја истражува крајбрежната геологија, географија и заштита.

Во 2004 година, 17.900 студенти учеле во сите училишта во Дитмаршен. Во округот постојат шест гимназии, три стручни гимназии, две стручни училишта и 44 основни училишта.

Економија[уреди | уреди извор]

Економијата во Дитмаршен главно се состои од туризам, земјоделство и енергија. Туризмот е сконцентриран во северниот дел на округот, во Бизум и на југ, во Фридрихског. Повеќето туристи доаѓаат како семејства за да уживаат на плажите на Северното Море. Значаен број на туристи исто така доаѓаат за велосипедски тури. Скоро сите од околу два милиони туристи секоја година доаѓаат од Германија.

Бајер, најважниот работодавец во округот.

Стапката на невработеност била 11,6% во септември 2004 година. Откако бил воведен концептот „Харц“ и прифатени нови статистички методи, стапката на невработеност се искачила на 17,4% во јануари 2005 година. Стапката на невработеност досега била над просекот на Шлезвиг-Холштајн (12,7%) и остатокот на Германија. Најважни работодавци во округот се Бајер во Брунсбител (1.000 вработени), Шпаркасе Западен Холштајн (600), рафинеријата на Ројал Дач Шел во Хемингштет (570), хемиската фабрика Зазол во Брунсбител (570), издавачкото претпријатие Еверс во Мелдорф (560) и производственото претпријатие Бајшлаг во Хајде. Германската војска има училиште за офицери во Хајде.

Во изминативе години, голем број на луѓе од Дитмаршен работат во Хамбург. Во 2002 година, 9.200 лица патувале на работа надвор од округот, вклучувајќи 1.700 кои оделе до Хамбург.

Енергија[уреди | уреди извор]

Ветерни турбини близу Попенвурт
Стара нафтна пумпа во Хемингштет
Рафинеријата во Хемингштет

Приватните ветропаркови започнале во Дитмаршен. Првиот ветерен парк во Германија бил отворен во 1987 година во Кајзер-Вилхелм-Ког, пробна ветерна турбина стоела на местото од 1983 до 1987 година. До 2008 година, највисоката ветерна турбина во светот била пробната турбина близу Емден.

Во Дитмаршен се наоѓаат околу 800 ветерни турбини, скоро сите во мочуришната област. Тоа значи дека 5% од сите германски ветерни турбини се наоѓаат во округот. Освен кај Бизум, каде малиот аеродром спречува нивно поставување и природниот резерват кај Шпајхерког, целиот брег е обележан со ветерни турбини. Од ветерните турбини доаѓа околу половина од побарувачката за електрична енергија на округот. Приходот кој го добива округот од нив е околу 4 милиони евра годишно. Бидејќи приватните ветропаркови во Германија првпат се појавиле во Дитмаршен, повеќето ветерни турбини се релативно стари и произведуваат мала количина на електрична енергија.

Нафтното поле на отворено море Мителплате близу брегот произведува 2 милиони тони нафта, околу 54% од германското производство. Рафинеријата во Хемингштет обработува околу 4 милиони тони нафта секоја година, делумно од Мителплате и делумно од нафта доставена преку пристаништето во Брунсбител. Уште едно нафтено поле помеѓу Хајде и Хемингштет било активно до 1991 година. Атомската централа во Брунсбител е една од најстарите во Германија, која произведувала евтина електрична енергија за важната алуминиумска индустрија во Шлезвиг-Холштајн. Била затворена во 2007 година.

Туризам[уреди | уреди извор]

Плажа во Бизум

Главни туристички одредишта во Дитмаршен се Северното Море и Националниот парк Ваденско Море. Округот поседува околу 10 километри зелени плажи; Бизум исто така поседува вештачки песочни плажи. Во 2003 година, 205.382 туристи направиле 1.173.205 ноќевања во Дитмаршен, главно во Бизум (756.630 ноќевања), пред Фридрихског (75.654) и Бизумер Дајхаузен (33.811). Туризмот малку опаднал во наредните години, но не толку како на балтичкиот брег на Шлезвиг-Холштајн.

Во округот се развила жестока дискусија за плаќањето влезници за плажите. Бизум (околу 1.000.000 посети секоја година) и Фридрихског (300.000) вовела такса, додека повеќето помали села не.

Туризмот во Дитмаршен се обидува да воведе разновидни знаменитости. Фитнесот и здравјето имаат растечка улога во германскиот живот, па така патеки за велосипеди и скејт-паркови биле изградени. Во источниот дел на Дитмаршен се промовира еколошкото патување со кану или кајак долж Ајдер.

Грб[уреди | уреди извор]

Грб Грбот на округот прикажува витез на Холштајн. Овој грб бил неомилен многу години во Дитмаршен, бидејќи бил знак на освојување. Овој грб бил користен од владетелите, но не бил прифатен од луѓето. Во 1930 година, кога овие стари непријателства станале неважни, овој бил бил повторно воведен во малку различни облици од Јужен и Северен Дитмаршен. Кога обата окрузи биле споени во 1970 година, грбот на Јужен Дитмаршен станал симбол на новосоздадениот округ.

Градови и општини[уреди | уреди извор]

Панорама на Веселбурен

Градовите и општините во Дитмаршен се развиле од старите парохии кои биле независни административни единици во средновековната селска република. Овие парохии постоеле како првични административни единици до XIX век. Само Мелдорф успеал да се развие во урбана заедница во текот на средниот век.

Во поново време, Хајде станал соперник на Мелдорф. Веселбурен и Верден имале некаква важност како средишни села во богатиот северен дел.

Откако Шлезвиг-Холштајн била припоена од Прусија во 1867 година, некои села станале градови и со тоа административни ги напуштиле нивните стари парохии: Мелдорф во 1869 година, Хајде во 1878 година, Марне во 1891 година и Веселбурен во 1899 година. Старото сел Брунсбител и новосоздаденото Брунсбителког се соединиле во 1970 година за да го создадат градот Брунсбител.

Парохиите биле распуштените и поединечните села станале независно во текот на нацистичкиот период. За поефикасна администрација, општините се обединувале во општински заедници, кои поради некои историски причини биле именувани Амт Црковни Општини (Amt Kirchspielslandgemeinden).

Најнаселен град е Хајде. Бизум има специјална улога на туристичко одморалиште. Иако член на општинска заедница, со неговото население лете станува најголем во округот.

Социогеографски, разликата помеѓу мочуриштата и повисоките посуви области одиграла важна улога. Плодните мочуришта историски биле богати, додека горните области сиромашни, но помалку подложни на поплави. Двата најважни града, Хајде и Мелдорф, биле изградени на заштитени области близу мочуриштата, каде луѓето можеле да ги обработуваат своите полиња.

Слободни градови
  1. Брунсбител
  2. Хајде
Општински заедници
  1. Аферлак
  2. Брикелн
  3. Буххолц
  4. Бург1
  5. Динген
  6. Еделак
  7. Егштет
  8. Фрештет
  9. Гросенраде
  10. Хохдон
  11. Куден
  12. Квикборн
  13. Санкт Михаелисдон
  14. Зидерхаштет
  1. Бизум1
  2. Бизумер Дајхаузен
  3. Фридрихсгабеког
  4. Хедвигенког
  5. Хелшен-Херингзанд-Унтершар
  6. Хилгрофен
  7. Нордајх
  8. Естердајхштрих
  9. Естервурт
  10. Рајнсбител
  11. Шилп
  12. Штрибел
  13. Зидердајх
  14. Варверорт
  15. Веселбурен2
  16. Веселбуренер Дајхаузен
  17. Веселбуренерког
  18. Вестердајхштрих
  1. Баркенхолм
  2. Бергеверден
  3. Делштет
  4. Делфе
  5. Дерплинг
  6. Федеринген
  7. Гаусхорн
  8. Глизинг
  9. Грофен
  10. Хеме
  11. Хенштет1
  12. Холингштет
  13. Хефеде
  14. Каролиненког
  15. Клеве
  16. Кремпел
  17. Лее
  18. Линден
  19. Лунден
  20. Нордерхајштет
  21. Пален
  22. Рем-Фледе-Барген
  23. Санкт Анен
  24. Шалкхолц
  25. Шлихтинг
  26. Зидердорф
  27. Зидерхајштет
  28. Телингштет
  29. Тиленхеме
  30. Вален
  31. Велмбител
  32. Вестерборстел
  33. Вимерштет
  34. Вром
  1. Хемингштет
  2. Лит
  3. Лое-Рикелсхоф
  4. Нојенкирхен
  5. Нордерверден
  6. Нордхаштет
  7. Острое
  8. Штеле-Витенвурт
  9. Ведингштет
  10. Веселн
  11. Верден
  1. Дикхузен-Фарштет
  2. Фридрихског
  3. Хелзе
  4. Кајзер-Вилхелм-Ког
  5. Кронпринценког
  6. Марне1, 2
  7. Марнердајх
  8. Нојфелд
  9. Нојфелдерког
  10. Рамхузен
  11. Шмедесвурт
  12. Треневурт
  13. Фолземенхузен
  1. Алберсдорф
  2. Аркебек
  3. Баргенштет
  4. Барлт
  5. Бунзо
  6. Бузенвурт
  7. Елперсбител
  8. Епенверден
  9. Гудендорф
  10. Именштет
  11. Крумштет
  12. Мелдорф1, 2
  13. Ниндорф
  14. Нордермелдорф
  15. Одераде
  16. Офенбител
  17. Остераде
  18. Зарцбител
  19. Шафштет
  20. Шрум
  21. Тенсбител-Рест
  22. Венбител
  23. Виндберген
  24. Волмерсдорф
1седиште на општинската заедница;2град

Збратимување[уреди | уреди извор]

Моментално, Дитмаршен е збратимен со Рестормел, дел од британскиот округ Корнвал.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Население во разните административни единици на Шлезвиг-Холштајн во 2020 г.“. Статистичка служба за Хамбург и Шлезвиг-Холштајн. јуни 2021. (германски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Philippe Dollinger, Die Hanse [La Hanse (XIIe-XVIIe siècles); германски], p. 124. ISBN 3-520-37105-7.
  3. Магнус бил наследник на војводата Бернхард III како осма генерација.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Karl Ernst Hermann Krause, "Johann III., Erzbischof von Bremen", vol. 14, pp. 183–185, here p. 184.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Michael Schütz, "Die Konsolidierung des Erzstiftes unter Johann Rode", vol. II: pp. 263–278, here p. 266. ISBN 3-9801919-8-2.
  6. Меѓу другите биле Алтес Ланд, Хаделнски крај, Хазелдорфер Марш, Кединген и Вилстермарш, Ланд Вурстер, Бутјадинген и Штадланд, како и Штединген, Ланд Вирден. Cf. Karl Ernst Hermann Krause, "Johann III., Erzbischof von Bremen", vol. 14, pp. 183–185, here p. 184.
  7. 7,0 7,1 Elke Freifrau von Boeselager, "Das Land Hadeln bis zum Beginn der frühen Neuzeit", vol. II: pp. 321–388, here p. 332. ISBN 3-9801919-8-2.
  8. 8,0 8,1 Michael Schütz, "Die Konsolidierung des Erzstiftes unter Johann Rode", vol. II: pp. 263–278, here p. 267. ISBN 3-9801919-8-2.
  9. Heinz-Joachim Schulze, "Johann III. Rode", vol. 10, pp. 480seq., here p. 480.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 Elke Freifrau von Boeselager, "Das Land Hadeln bis zum Beginn der frühen Neuzeit", vol. II: pp. 321–388, here p. 333. ISBN 3-9801919-8-2.
  11. Karl Ernst Hermann Krause, "Johann III., Erzbischof von Bremen", vol. 14, pp. 183–185, here p. 185seq.
  12. Michael Schütz, "Die Konsolidierung des Erzstiftes unter Johann Rode", vol. II: pp. 263–278, here pp. 267seq. ISBN 3-9801919-8-2.
  13. 13,0 13,1 Karl Ernst Hermann Krause, "Johann III., Erzbischof von Bremen", vol. 14, pp. 183–185, here p. 185.
  14. 14,0 14,1 Michael Schütz, "Die Konsolidierung des Erzstiftes unter Johann Rode", vol. II: pp. 263–278, here pp. 268. ISBN 3-9801919-8-2.
  15. Thies Völker, Die Dithmarscher Landeskirche 1523–1559: Selbständige bauernstaatliche Kirchenorganisation in der Frühneuzeit Архивирано на 30 јуни 2017 г., section 'Konfliktauslöser: Besetzung der Pfarrstellen und Klosterprojekt', posted on 16 July 2009 on: suite101.de: Das Netzwerk der Autoren Архивирано на 5 септември 2018 г..
  16. Thies Völker, Die Dithmarscher Landeskirche 1523–1559: Selbständige bauernstaatliche Kirchenorganisation in der Frühneuzeit Архивирано на 30 јуни 2017 г., section 'Gründung der Landeskirche 1523', posted on 16 July 2009 on: suite101.de: Das Netzwerk der Autoren Архивирано на 5 септември 2018 г..
  17. Thies Völker, Die Dithmarscher Landeskirche 1523–1559: Selbständige bauernstaatliche Kirchenorganisation in der Frühneuzeit Архивирано на 30 јуни 2017 г., section 'Heinrich von Zütphen 1524', posted on 16 July 2009 on: suite101.de: Das Netzwerk der Autoren Архивирано на 5 септември 2018 г..
  18. Thies Völker, Die Dithmarscher Landeskirche 1523–1559: Selbständige bauernstaatliche Kirchenorganisation in der Frühneuzeit Архивирано на 30 јуни 2017 г., section 'Sieg der Reformation 1533', posted on 16 July 2009 on: suite101.de: Das Netzwerk der Autoren Архивирано на 5 септември 2018 г..

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 54°05′ N; 9°05′ E / 54.08° СГШ; 9.08° ИГД / 54.08; 9.08