Димитрије Јузбашиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитрије Јузбашиќ
Роден 30 септември 1909
Дарувар,  Хрватска
Починал 1974
Сарбрикен, Германија
Занимање универзитетски професор, гинеколог

Димитрије Јузбашиќ (30 септември 1909 Дарувар - 1974 Сарбрикен) — хирург, професор на Медицинскиот факултет во Скопје и во Загреб, основоположник на Клиниката за хируршки болести, директор на Катедрата за хирургија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Димитрије Јузбашиќ е роден во Дарувар, Хрватска. Медицински факултет завршил во Белград во 1934 година, а специјализација во Белград, Берлин и Франкфурт на Мајна, каде бил избран за доцент на истиот факултет. Во 1944 година, се префрлил во Базел, Швајцарија, на Клиниката на професор доктор Хеншен, каде се занимавал со научно-експериментална и клиничка дејност.[1]

Во 1947 година, на покана на Комитетот за заштита на народното здравје на ФНРЈ, Јузбашиќ дошол во Скопје како професор по предметот „Хирургија“. На 17 март 1947 година, ја отворил Хируршката клиника на Медицинскиот факултет во Скопје, и станал нејзин прв директор. Во Скопје, меѓу другото, Димитрије Јузбашиќ ги поставил првите основи на современата Торакална хирургија, бил редовен професор, шеф на катедрата по хируршки болести и директор на Хируршката клиника, а еден мандат бил декан на Медицинскиот факултет.[1]

Во 1953 година, заминал за Загреб, каде бил избран за редовен професор и управник на Хируршката клиника на Медицинскиот факултет во Загреб, каде останал сè до своето пензионирање. По пензионирањето, во 1973 година заминал во Сарбрикен, Германија, каде работел како шеф на еден хируршки оддел.

Автор е на голем број стручни и научни публикации, а бил одликуван и наградуван со домашни и странски признанија. Бил избран за редовен член на Академијата на природни науки на германското јазично подрачје „Леополдина“. Бил почесен член на хируршките друштва во Лион и Падова, бил дописен член на Германското друштво, Лондонското друштво и Друштвото за хирургија во Рим. Одликуван е со Орден на трудот од I ред.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 д-р Марјан Димитријевски: „Декани - 1947-2012“, Скопје, Медицински факултет, 2015 г., стр. ​21-23