Прејди на содржината

Димитар Мокранин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитар Мокранин
Роден(а)непознато;
втора половина на 18 век?
с. Поткожани, мокранско
Починал(а)1832
с. Велестово, охридско
Причина за смртзараза од колера
НародностАлбанец
ДецаГенадиј Велешки

Димитар Мокранинпросветар во Охрид во периодот на раната преродба.

Животопис[уреди | уреди извор]

Димитар Мокранин е роден во селото Поткожани, денес во Албанија, кое се наоѓа во историско–географскиот регион наречен по планината Мокра, недалеку од Поградец на Охридското Езеро. По регионот од кој потекнува го носи прекарот Мокранин или Мокјранин. Шапкарев го споменува како „родум Албанец од мокранското село Подкожани, прадедо на нашите денешни Генадиевци“.[1]

Димитар работел како грчки учител во Охрид. Шапкарев известува дека тој бил љубимец на преспанскиот и охридски митрополит Калиник. Но, Димитар, бидејќи сатиричен, често го исмевал владиката за неговото непристојно поведение. Тоа, според Шапкарев, било повод Димитар Мокранин да биде отстранет од неговото работно место во главното училиште во градот, по што продолжил да работи во училиштето во градското маало Месокастро, а во главното училиште дошол хаџи Пуљо Самарински. Еден од учениците на Димитар Мокранин, а потоа и на хаџи Пуљо Самарински, бил Димитар Миладинов, кој по заминувањето на хаџи Пуљо кон крајот на 1830 година станал привремен главен учител во Охрид. Шапкарев, пишувајќи за раните години на Миладинов, упатува пофални зборови за Димитар Мокранин како главен учител во Охрид:

„Најпосле, правел што правел ученољубивиот Христо Миладинов, па го однел својот син Димитрија во охридските училишта, кои тогаш, сразмерно со тогашните времиња, цветеле под управата на учителот Димитар Мокрјанинот, родум Албанец од мокранското село Подкожани, прадедо на нашите денешни Генадиевци, кој се населил во Охрид, а починал во 1832 година, при првата колера кај нас, во охридското село Велестово, и потоа на некој учител еднорак, така што тие училишта во тоа време биле посочувани со прст по цела Македонија и Албанија“.[1]

Димитар Мокранин извесно време престојувал во градот Каваја, денес во Албанија, на јадранското крајбрежје. Кога се вратил од Каваја во 1832 година, охридскиот крај бил зафатен од епидемија на колера, поради што влезот во градот бил забранет. Димитар останал во охридското село Велестово, каде и починал од колерата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Шапкарев, Кузман. За възраждането на българщината в Македония. Неиздадени записки и писма, Издателство Български писател, София, 1984, стр. 383–384.