Димитар Матов
Димитар Матов | ||
Роден | 15 мај 1864 Велес, денес Македонија | |
---|---|---|
Починал | 15 септември 1896 Дрезден, Германија |
Димитар Матов (15 мај 1864 - 15 септември 1896) — истакнат македонски фолклорист и етнограф од голема важност во XIX век. Роден е на 15 мај 1864 година во старо градско семејство во Велес.[1] Иако со македонско потекло, бил познат како промотор на тезата дека Македонците се Бугари. Автор на бројни лингвистички, фолклористички и етнографски трудови во кои ја заговарал бугарската теза за етничката припадност на македонските Словени[2].
Школувањето го започнал во Велес, а гимназија и универзитетско образование завршил во Русија, во украинските градови Николаев и Харков. На Историско-филолошкиот факултет во Харков (денешна Украина) слушал лекции по лингвистика кај А.Потебња, а историја кај Марин Дринов[3]. По завршувањето на високото образование се враќа во Македонија, каде што во учебната 1888/89 година ја почнува својата кариера на наставник во Солунската бугарска гимназија. Во овој период почнува и неговиот позголемен интерес кон јазикот и фолклорот, па системно и неуморно ја проучува македонската културна традиција. Станува уредник на списанието „Книжици за прочит“, кое го издава книжарницата на Коне Самарџиев. Во Солун останува само две години. Заминува за Виена и Лајпциг на специјализација по словенска филологија кај професорите Јагиќ и Лескин. Потоа се преселува во Софија, каде што најпрвин е учител во гимназија, а потоа е назначен за соработник во научното списание на проф. Иван Д. Шишманов „Сборник за народни умотворения, наука и книжнина“, на кое во шест години му втиснува белези на високонаучно гласило. Во истиов период активно соработува и во списанието „БÍлгарски преглед“, во кое објавува серија забележани трудови од областа на историјата, јазикот и фолклористиката. Ја застапува тезата за бугарско потекло на македонските Словени и полемизира со противниците на тоа гледиште. Познати му се „Белешките по етнографијата на Македонија“, во кои води препирки со П. Д. Драганов, К. Хрон, С. Гопчевиќ, Стојан Новаковиќ и др. Пократко време е вмешан и во општествено-политичките настани на времето, па работи како секретар на Врховниот македонски комитет, на чие чело се наоѓал Трајко Китанчев.
Негови книжевни дела се песните „Македонија“ и „Сурвакана на 1881 година“. Во нив ја истакнува својата приврзаност за автономна Македонија.
Подоцна литературната дејност ја заменува со научната и заминал на стручно усовршување во Виена и Лајпциг. Се занимавал со собирање на фолклористички материјал од Велес и Велешко, печател студии од областа на јазикот и фолклорот.
Умира мошне млад по неуспешна операција во Дрезден, Германија, на 15 септември 1896 година. Смртта го затечува како доцент на Софискиот универзитет.
Творештво
[уреди | уреди извор]Насловите на делата се дадени во оригиналот како што се објавени.
- Животопис на св. Климента, български архиепископ. От Теофилакта, Охридски архиепископ. Превел от гръцки с малки съкращения Д. Матов. Пловдив, 1896
- Гр. С. Пърличев. Книжовно биографически чертици. (сп. "Български преглед", кн. 4-5, 1895)
- Кратка расправия по етнографията на Македония. Периодическо списание на Българското книжовно дружество в Средец, г. 7, кн. 34 (с. 425 - 474) и кн. 35 (с. 675 - 717), 1890.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Личности што го обележиле Велес, www.veles.gov.mk[мртва врска]
- ↑ Македонскиот 19 век. Скопје: Македоника. 2014. стр. 126. ISBN 978-608-4614-59-3. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ „МАТОВ, Димитар“. Македонска Енциклопедија. 2018-10-11. Посетено на 2020-11-12.