Димитар Благоев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитар Благоев
Роден 14 јуни 1856
Загоричани, Костурско, Османлиско Царство
Починал 7 мај 1924
Софија, Бугарија

Димитар Благоев (бугарски: Димитър Благоев; Загоричани, Костурско, 14 јуни 1856 - Софија, 7 мај 1924) — македонски политичар од Бугарија, основач на Бугарската работничка социјалдемократска партија (БРСДП). Во 1903 приврзаниците на Благоев предизвикаа расцеп во партијата и ја преименуваа партијата во БРСДП (тесни социјалисти). Во текот на Првата светска војна БРСДП (т.с.) ја напушти Втората интернационала. Во 1919 БРСДП (т.с.) се преименува во Бугарска комунистичка партија (тесни социјалисти). Неговото име е овековечено во името на градот Благоевград, преименуван од дотогашното Горна Џумаја во 1950 г.

Животопис[уреди | уреди извор]

Се школувал во Цариград, Одрин, Габрово, Стара Загора, Свиштов, во гимназијата во украинскиот град Одеса (1879-80 г.) и на Универзитетот во Санкт Петербург (1881). Bo декември 1883 г. ja организира првата социјалдемократска група во Русија (наречена Благоевска група). Во 1885 г. Благоев започнува да го издава нелегалниот весник “Работи” и воспоставува врска со радикалната социјал-анархистичка Плехановска група во Женева.

Во март 1885 г. Благоев е уапсен и интерниран во Бугарија. Од јуни 1885 г. во Софија почнува да го издава списанието “Современ показател”. Во него тој ги застапува идеите на научниот социјализам. Во брошурата “Што е социјализам и има ли за тоа почва кај нас?” Благоев ги изложува основните положби на научниот социјализам и ги критикува мнението дека во Бугарија нема услови за социјалистичко движење.

Благоев е основач, идеолог и долгогодишен предводник на Бугарската работничка социјалдемократска партија, претходничка на Бугарската социјалистичка партија. БСДП е основана на 2 август 1891 г. на врвот Бузлуџа на Балкан планина.

Во периодот помеѓу 1897 - 1924 г. Благоев го раководи издавањето на теоретичкиот орган на партијата - списанието “Современ показател”, автор е на над 500 статии. Во 1905 г. го преведува на бугарски првиот том на “Капиталот” на Маркс, со свој предговор. Починал на 7 мај 1924 г. во Софија.

Еден од поголемите градови во Пиринска Македонија Горна Џумаја, на 9 мај 1950 г. е преименуван во Благоевград, во чест на Димитар Благоев.[1]

Димитар Благоев за Македонија и Македонците[уреди | уреди извор]

Изјави на Димитар Благоев во Бугарскиот парламент по повод учеството на Бугарија во Балканските војни и во Првата светска војна (види: Орде Иваноски: “Искажување на Димитар Благоев за народността на Македонците пред Бугарскиот парламент во 1917“. Современост, Скопје, јануари 1967):

  • „Која историја? Таа ли, која вие ја фалсификувате? Таква историја ние не признаваме, бидејќи целите на војната не се за никакво „обединување на бугарското племе“, туку за бугарска хегемонија на Балканот, поточно да се завладеат местата што и се неопходни на бугарската буржоазија за да може да излезе на големите водни патишта и на Егејско Море.“
  • „Јас сум родом од Загоричане, меѓутоа јас не сум Бугарин, јас сум Македонец, македонски Славјанин! ...И како таков, ако сакате да знаете, јас сум за Македонија како словенска земја, која ќе има сопствена управа.“[2]
  • „Ако сте вие убедени дека во Добруџа живеат Бугари, дека во Моравско, дека во Македонија живеат Бугари, дека во Сер, Драма и Кавала се Бугари, зошто тогаш се плашите од формулата на рускиот цар, „мир без анексии, без обесштетување и со право на народите на самоопределување“. Ако сте убедени дека некаде има Бугари, нека се спроведе референдум и да видиме што ќе кажат.“
  • “Зошто кревате врева? Значи несигурни сте, значи има нешто што ве тревожи, има некои области завладеани од вас, кои ако се подложат на референдум ќе ви се измолкнат од рацете.“

Други изјави Димитар Благоев:

  • “Роден сум во фамозното македонско село Загоричани, Костурско. Тоа е големо, чисто бугарско село, сместено во последните ридски падини на јужните ограноци на големиот планински масив Вич Планина.“[3]

Забелешка:

При печатењето на неговите целокупни дела во 1962 година, издавачите од Софија, од стенографските белешки го исфрлиле делот од говорот на Благоев за неговото македонско потекло и за идентитетот на Македонците.[4]


Извори[уреди | уреди извор]

  1. Енциклопедија Македоника, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 169
  2. Говорот на Димитар Благоев „Дедото“ во Бугарското народно собрание
  3. Благоев, Д. Кратки бележки из моя живот, София, 1977
  4. Димитар Благоев, Сочиненија, 1962, том.17, стр. 415

Надворешни врски[уреди | уреди извор]