Димилка



Димилка или пчеларска димилка — направа што се користи за смирување на пчелите со чад при отворање на кошницата. Димилката е една од попрепознатливите алатки кои ги поврзуваме со пчеларството. Тоа е всушност прилично едноставна направа во која согорува запалив материјал во затворена средина без речиси никаков кислород. Класичната димилка има мев што пчеларот го притиска за да дува воздух во ложиштето (куќиштето) на димилката, кој потоа излегува на стеснетиот врв на димилката, заедно со чадот.
Постојат неколку различни видови димилки, но најважно е механизмот за вдувување воздух во димилката да е добар, цилиндерот да биде со соодветна зафатнина, така што материјалот што создава чад да трае што е можно подолго со едно полнење. Се разбира, димилката не смее да биде премногу тешка или незгодна за ракување и мора да има решетка за да не излегуваат од неа искри, смолести материи и саѓи. Материјалот за согорување треба да биде таков да гори бавно и да произведува чад што не е многу лут. За таа цел најдобро е да се користат сушени печурки кои растат на дрвја, гнило дрво, стари крпи, кора од дрвја и слично.[1]
Делувањето на чадот врз пчелите
[уреди | уреди извор]Денес знаеме дека кога пчелата е во опасност, лачи феромон кој ги тревожи другите пчели, предупредувајќи ги за опасноста. Овој феромон е толку силен што дури и многу послабото сетило за мирис кај луѓето може да го открие. Нагонски, пчелите полетуваат, кружат и ја истражуваат причината за опасноста. Ако утврдат дека постои закана за другите пчели во заедницата и за живеалиштето на самата заедница, тие може да одлучат да боцнат. Со боцкањето, пчелите ослободуваат уште повеќе феромони, што доведува до зголемена активност кај другите пчели додека не се надмине опасноста.
Во нивните рани денови, и пред појавата на денешните кошници, луѓето кои краделе мед од пчелните заедници што ги наоѓале во природата, сфатиле дека е многу побезболно и полесно да се ограбуваат пчелите кога во близина има запален факел што чади. Како функционира чадот? Начинот на општење на пчелите (комуникацијата) е преку мирис и вид. Со уфрлање малку чад внатре во заедницата, се намалуваат основните средства за општење на пчелите, првенствено мирисот. Присуството на чад ефективно ја нарушува комуникацијата меѓу пчелите за кратко време и привремено предизвикува збунетост и дезориентација. Се прекинува комуникацијата меѓу чуварите, куќните пчели, матицата и излетничките. Пчелите нагонски се смируваат, „насетувајќи“ го нивото на опасност што им се заканува во нивното живеалиште. За тоа време, пчеларот треба да ги заврши планираните задачи што е можно побрзо, а притоа што помалку да ги вознемирува веќе збунетите пчели.
Прекумерното и пречесто дување чад во заедниците може да има негативно влијание врз пчелната заедница и да создаде прекумерно ниво на тревога што се јавува доколку пожар се прошири во близина. Пчелите ќе ја сфатат дезориентираноста како знак на опасност и ќе почнат да летаат наоколу, обидувајќи се да сфатат што се случува и да ги зачуваат своите резерви.
Материјал за димилки
[уреди | уреди извор]Многу материјали се повеќе или помалку добри, но има и такви кои се опасни и за пчелите и за пчеларите. На пазарот денес има голем избор на готови материјали за димилки. Најчесто тоа се брикети од пресувани памучни влакна или струготини. Треба да се запомни дека сите природни материјали се повеќе или помалку добри, а треба да се избегнува употреба на хемикалии, нафта и нафтени производи, бензин и слични производи на негова основа и слично. Сувото гнило дрво е одличен избор, како и остатоците од суви листови тутун, борови иглички, печурки, струготини, суви гранчиња и слично.
Модели димилки
[уреди | уреди извор]На пазарот има различни модели димилки, кои во основа се поделени на големи и мали. Подобар избор би бил голем модел. Иако историски, димилките се правеле од разни материјали како бакар, лим и слично, денес тие најчесто се направени од нерѓосувачки челик, кој се покажал како најприфатлив. Најдолго траат и полесно се одржуваат. Меѓу моделите, освен големината, ги среќаваме и оние кои имаат заштитник однадвор, што е мала, но важна подробност што го оправдува своето постоење доколку само еднаш спречи изгореница. Значи, освен да купите димилка со поголем пречник, треба да внимавате и да има надворешен заштитник од изгореници (температура).[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Zoran Stanimirović i sar.: "Medonosna pčela", [1], www.pdfknjige.net, пристапено на 30.12.2020
- ↑ Pčelarstvo OnLine: "Pčelarske dimilice", [2] Архивирано на 10. rujna 2019.., Pcelarska radionica, www.pcelarstvo.hr, пристапено на4.1.2021