Децата на полноќта

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Децата на полноќта“ (англиски: Midnight's Children) — роман на индиско-англискиот писател Салман Ружди од 1981 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од три книги со по 8, 15 и 7 глави, соодветно.

Прва книга[уреди | уреди извор]

  • Дупнатиот чаршав: Салем Синај, човек на возраст од 31 година, роден на полноќ, на 15 август 1947 година, за време на прославата на независноста на Индија. Тој почнува да ја раскажува својата животна приказна во присуство на жената со која живее, работничката Падма. Приказната започнува во 1915 година, кога неговиот дедо, Адам Азиз, се враќа во родниот град во Кашмир, по петгодишни студии по медицина на УНиверзитетот во Хајделберг. За време на студиите, татко му претрпел мозочен удар така што мајка му ја презела трговијата со скапоцени камења. Месниот земјопоседник Гани го повикува Адам Азиз да ја лекува неговата болна ќерка Насема. Кога пристигнува во домот на Гани, лекарот ја затекнува девојката покриена со чаршав за тој да не може да ја гледа.[1]
  • Меркурохром: По првата посета на докторот, Насема често заболува, па Адам често ја посетува и тоа трае неколку години при што тој запознава дел по дел од нејзиното тело. Всушност, тој е вљубен во девојката, а и таа покажува наклонетост кон него, преправајќи се дека постојано е болна. Во 1918 година умираат родителите на Адам. Еднаш го посетува Илза, неговата пријателка од Германија, која намерно се дави во езерото. Пролетта 1919 година се одржува свадбата на Адам и Насема, кои потоа се селат во Агра, каде Адам добива работа на универзитетот. Со себе, младенците го носат и чаршавот кого го чуваат како реликвија до крајот на животот. Патем, тие застануваат во еден град, каде Индијците одржуваат митинг против британската власт. Тогаш, британската војска пука во луѓето, убивајќи многу од нив, а Адам е непосреден сведок на масакрот.[2]
  • Плукни во кофата: Во 1942 година, Адам и Насема се веќе средовечен брачен пар со пет деца. Во тоа време, во Агра треба да се одржи собрание на организацијата „Слободен ислам“, а Адам е воодушевен приврзаник на водачот на организацијата, Мијан Абдулах. Меѓутоа, непосредно пред собранието, неколку маскирани луѓе влегуваат во седиштето на организацијата и го убиваат Абдулах. Неговиот секретар, поетот Надир Кан, успева да побегне и се сокрива во куќата на докторот Адам Азиз.[3]
  • Под ќилимот: Надир Кан живее скриен во подрумот на куќата на Адам Азиз, а Насема е против тоа и во текот на две години не зборува со никого. За Надир Кан се грижи ќерката на Адам, Мумтаза која се вљубува во бегалецот. Во 1943 година се одржува тајната венчавка на Надир Кан и Мумтаза, кои потоа живеат заедно во подрумот, а Насема не присуствува на венчавката. Во август 1945 година се разболува Мумтаза, а при прегледот, татко ѝ открива дека таа и Надир Кан немале никакви полови односи во бракот. Тогаш, Насема го прекинува тригодишниот молк, обвинувајќи го сопругот дека го уништил семејството, а за време на кавгата, најмладата ќерка Емералда оди во касарната и го пријавува Надир Кан кај мајорот Зулфикар. Во домот на Адам Азиз доаѓа војската, но во меѓувреме, Надир Кан успева да побегне, оставајќи порака дека ја ослободува Мумтаза од брачната обврска. Подоцна, мајорот Зулфикар ја бара Емералда за жена, а нивната свадба се одржува во 1946 година. Истата година, неколку месеци подоцна, Мумтаза се мажи за трговецот Ахмед Синај, кој неколку години претходно ѝ се додворува на најстарата ќерка Алија. Поради тоа, Алија никогаш повеќе не прозборува со сестра си Мумтаза, а истовремено решава да не се мажи. Веднаш по свадбата, Ахмед ѝ го менува името на Мумтаза во Амина.[4]
  • Прокламација: Во јануари 1947 година, Ахмед Синај и Амина живеат во Делхи. Иако во нејзините спомени сè уште живее Надри Кан, таа е вредна домаќинка, верна на сопругот кого се труди да го засака. Во тоа време, Амина сфаќа дека е бремена и чека згодна прилика да му каже на сопругот, но тој мора веднаш да ја напушти куќата поради веста за пожар во трговските складишта. Истиот ден, насобраната толпа во муслиманската улица сака да линчува еден Хиндус, а Амина храбро го зема во одбрана и му го спасува животот така што пред присутните ја кажува својата тајна за бременоста.[5]
  • Стоглавите чудовишта: Во знак на благодарност, спасениот Хиндус ја носи АМина кај својот роднина-гаталец, кој ѝ ја претскажува иднината на нејзиниот син. Истата ноќ, Ахмед Синај и неговите деловни соработници одат во старата тврдина со намера на една банда да ѝ дадат пари за да го спасат своето складиште. Меѓутоа, еден мајмун ги уништува парите и така пропаѓа зделката, а бандата веднаш подметнува пожар во складиштето. Тогаш, Ахмед решава да го напушти градот и во јуни 1947 година, тој и Амина се селат во Бомбај.[6]
  • Метволд: Во Бомбај, Ахмед Синај купува евтино англиска вила при што продавачот, Англичанецот Метволд, поставува услов новите сопственици да не менуваат ништо во вилата. Истовремено, еден весник објавува награда за детето што ќе се роди на полноќ, на 15 август, кога треба да биде прогласена независноста на Индија. Амина е убедена дека нејзиниот син ќе ја освои наградата.[7]
  • Тика-така: Конечно, Амина ја зафаќаат породилните болки и Ахмед ја носи во болницата на докторот Нарликар. Додека целиот град ја прославува независноста на земјата, Амина раѓа син. Истовремено, во другата соба, една сиромашна жена раѓа машко дете, чиј вистински татко е Метволд, при што таа умира за време на породувањето. Меѓутоа, акушерката Марија Переира ги заменува бебињата и на Амина ѝ го дава другото бебе на кое му го даваат името Салем. Три дена подоцна, бидејќи ја гризе совеста, Марија се пријавува кај Амина и оттогаш таа служи како дадилка на Салем. По некое време, Амина ја интервјуираат новинарите од весникот во кој е објавена статија и голема фотографија на „детето на полноќта“.[8]

Втора книга[уреди | уреди извор]

  • Показалецот на рибарот: Салем е крупно и мирно бебе со небесносини очи. Тој расте многу брзо, а Амина и Марија го негуваат со голема љубов. Одвреме-навреме, во околината доаѓа уличниот свирач, заедно со синот Шива, кој е роден истовремено со Салем. Бидејќи Амина е целосно посветена на негата на Салем, Ахмед Синај се чувствува запоставен и станува алкохоличар, а исто така, има неколку љубовници. По некое, време, наговорен од лекарот во чија болница е роден Салем, Ахмед започнува еден деловен потфат, но власта му го замрзнува целиот имот.[9]
  • Змии и скали: Бидејќи семејството Синај наеднаш осиромашува, горниот кат на вилата му го издава под наем на еден стар доктор кој целиот живот ги проучува змиите. Тогаш, во посета на Амина доаѓаат нејзините родители од Пакистан. Амина, пак, почнува да се обложува коњски трки и постојано добива, заработувајќи многу пари, но нив му ги дава на соседот-адвокат кој ја води судската постапка за одмрзнување на имотот на Ахмед. Братот на Амина, Ханиф, се доселува во Бомбај и снима филм чија премиера се прекинува поради веста за убиството на Ганди. Во домот на семејството Синај се раѓа голема нетрпеливост меѓу Марија и главнито слуга Муса, кој краде некои скапоцени работи, но полицијата го открива и тој е принуден да ја напушти куќата. Подоцна, полицијата открива еден сомнителен човек кој ноќе го посетува имотот во близината на вилата, а потоа се дознава дека тој е Јосиф де Коста, поранешниот љубовник на Марија Перерира, кој умира каснат од змија. Кон крајот на август 1948 година, Салем се разболува од тифус и нема никакви изгледи да преживее. Тогаш, потстанарот му дава мала доза отров од кралска кобра и Салем наеднаш оздравува. Неколку дена подоцна, на 1 септември, Амина раѓа ќерка која, поради црвената коса, ја нарекуваат Црвенокосата Мајмунка.[10]
  • Несреќниот случај во сандакот за алишта: Во 1956 година, Салем има девет години. Тој е грдо дете со огромен нос поради кој е изложен на потсмев, а расте под притисокот дека треба да постигне голем успех во животот. Немоќен да ја пронајде својата животна цел, најмногу сака да се крие во сандакот за нечистата облека. Истовремено, сестра му расте како немирно девојче кое постојано прави ситни проблеми, борејќи се да го привлече вниманието на родителите врз себе. Во тоа време, непознат човек често телефонира во нивниот дом, а по секој разговор, Амина е видно вознемирена. Еден ден, Салем се крие во сандакот за нечистата облека и го слуша разговорот меѓу мајка си и непознатиот човек по што таа почнува да плаче и да го извикува името на Надир Кан. Тогаш, Салем ја гледа мајка си гола, но таа го открива и тој е казнет. Утредента, Салем им соопштува на родителите дека слуша некакви внатрешни гласови, но тие не му веруваат, а татко му му удира шлаканица. Во таа прилика, Амина се присетува на претскажувањето на гатачот во кое се споменувале и сандак за облека и внатрешни гласови.[11]
  • Сеиндиското радио: Салем ја крие својата тајна — дарбата да ги чита туѓите мисли. Неговата способност му создава збрка во главата и тој се крие во блиската напуштена кула, каде ужива читајќи ги мислите на непознатите луѓе од целата земја. Во тоа време, деловниот соработник на татко му, докторот Нарликар, умира под налетот на разулавената толпа и тогаш Ахмед го губи капиталот. Кон крајот на 1956 година умира уличниот пејач — таткото на детето Шива кое се раѓа истовремено со Салем во клиниката на доктор Нарликар.[12]
  • Љубов во Бомбај: На почетокот од 1957 година, во соседството на Салем доаѓа американското девојче Евелин Барнз и тој се вљубува во неа, иако таа не покажува никаков интерес кон него. Во една прилика, настојувајќи ја се покаже пред неа, Салем се судира со велосипедот и претрпува тежок потрес на мозокот. Во февруари истата година, во Бомбај се одржуваат масовни демонстрации, а Салем, повторно со намера да се покаже пред саканата, упаѓа со велосипедот меѓу демонстрантите. Под присила, тој им кажува една песничка, која малку подоцна се јавува како причина за крвав судир меѓу две противнички групи којшто завршува со многу жртви и повредени.[13]
  • Десеттиот роденден: Ноќта, на 15 август 1947 година, во Индија се родиле 1001 дете и секое имало некаква необична дарба. Подоцна, многу од нив умреле, така што во 1957 година преостанале 581 деца на полноќта, а од нив, само Салем и Шива се родени точно на полноќ. Во тоа време, Ахмед Синај се повлекува во себе и уште повеќе тоне во алкохолизмот. Тој ги продава недвижностите и почнува да се занимава со финансиски спекулации при што остварува голема заработка. Истовремено, Марија ја прогонува духот на мртвиот љубовник Јосиф де Коста, а нејзината сестра, Алиса, му станува секретарка на Ахмед Синај. Во такви околности, Салем го прославува десеттиот роденден на кој присуствуваат малку гости, зашто, по наредба на Евелин, тој е исфрлен од неговата маалска дружина. Тој насетува дека мајка му крие некаква тајна, а во својата глава го создава замисленото Друштво на Децата на полноќта.[14]
  • Во кафеаната „Нов свет“: Воден од сомнението, еден ден, Салем ја следи мајка си и открива дека во една кафеана се среќава со Надир Кан, кој сега се вика Касим Кан и е кандидат на Комунистичката партија на претстојните избори. Така, тој целосно ја дознава тајната на мајка си, која и понатаму продолжува да се среќава со својот прв сопруг, иако Салем повеќе не ја следи. Во тоа време, Салем стапува во контакт со детето Шива, кој е насилник и водач на детска улична банда. Салем и Шива имаат сосема различни погледи на светот така што меѓу нив се јавува соперништво. Бандата на Шива ги застрашува гласачите на изборното место, па Касим Кан за малку не успева да стане пратеник.[15]
  • Алфа и омега: По изборите, Бомбај го зафаќа голема суша, проследена со наплив на мачки-скитници. Евелина ги убива мачките со воздушна пушка сè додека не биде натепана од Црвенокосата Мајмунка, а потоа си заминува во САД. Еден ден, професорот по географија му ја корне косата на Салем поради што е отстранет од училиштето. Истиот ден, за време на ученичката забава, во тепачката со две деца поради една девојка, Салем претрпува тешка повреда на прстот и итно е однесен на болница. Таму, анализата на крвта покажува дека тој не е дете на Амина и Ахмед.[16]
  • Клинос Кид: Салем излегува од болницата и некое време живее кај вујко му Ханиф Азиз, а покрја него е и Марија. Една ноќ, Салем ја сонува смртта на еден училиштен другар, а утредента дознава дека детето навистина умрело. Салем открива дека Пија подолго време го изневерува Ханиф со еден филмски продуцент, кој ја напушта поради друга љубовница. Набргу, поради недозволена интимна блискост со Пија, Салем е вратен дома.[17]
  • Палката на капетанот на фрегата Сабармати: По враќањето дома, родителите не му се повеќе наклонети на Салем, а сестра му станува новата семејна миленичка. Во тој период, Друштвото на Децата на полноќта започнува да се распаѓа. Новата љубовница на филмскиот продуцент е сосетката на Салем, инаку сопруга на капетанот Сабармати. Салем го известува капетанот за неверството на жена му и тој ги застрелува двајцата љубовници. По долготрајниот судски процес, капетанот Сабармати најпосле е осуден, а Амина престанува да се гледа со Касим Кан. Набргу, сите соседи ги продаваат вилите и се иселуваат, па така завршува детството на Салем.[18]
  • Откровенија: По скандалот со капетанот Сабармати, Ханиф Азиз извршува самоубиство и во Бомбај се собира целото семејство Азиз за време на 40-дневната жалост. Стариот Адам Азиз е тешко болен и му се јавуваат привиденија, а неколку години подоцна, во 1964 година, тој ненадејно заминува во родното место и таму умира. За време на жалоста поради смртта на Ханиф, Марија Переира конечно ја открива тајната дека Салем не е дете на Ахмед и Амина, туку дека е син на уличен пејач, а неговата вистинска мајка е мртва.[19]
  • Маневрите на биберниците: Амина и децата се преселуваат во Равалпинди, Пакистан каде живеат во куќата на Емералда и Зулфикар. Во октомври 1958 година, Салем присуствува на состанокот на група високи пакистански офицери на кој тие се договараат да извршат државен удар при што Салем му помага на тетин му Зулфикар во објаснувањето на акцијата што треба да ја преземе војската. На 1 ноември 1958 година, на полноќ, Зулфикар го поведува Салем со себе при апсењето и депортирањето на претседателот на Пакистан. Потоа минуваат четири години во кои Амина сè повеќе пропаѓа, а Салем израснува во големо момче. Во 1962 година, при прославата на нејзиниот четиринесетти роденден, Црвенокосата Мајмунка ја покажува својата голема дарба за пеење и оттогаш ја викаат Џамила Пејачката.[20]
  • Дренажа и пустина: Во септември 1962 година, Амина и децата се враќаат во Бомбај поради здравствените проблеми на Ахмед кого во меѓувреме го напуштила секретарката Алиса. Амина грижливо го негува Ахмед и тој закрепнува неочекувано брзо по што се развива голема љубов меѓу него и Амина. По четиригодишна пауза, Синај повтонро воспоставува контакт со Децата на полноќта, но нивното друштво забрзано се распаѓа. Есента, 1962 година почнува кратка војна меѓу Индија и Кина, а во ноември, служејќи се со измама, родителите го носат Салем во болница каде му прават операција на синусите. По операцијата, тој никогаш повеќе не ги слуша гласовите во својата глава. Во февруари 1963 година, семејството Синај ја продава куќата и се сели во Карачи, а пред заминувањето, Салем ги закопува писмото од Нехру и фотографијата од весникот во дворот на куќата.[21]
  • Џамила Пејачката: Во Карачи, семејството живее кај сестрата на Амина, Алија. Ахмед купува фабрика за производство на крпи, а истовремено почнува да гради куќа. Џамила станува славна пејачка која заработува многу пари при што секогаш пее покриена со превез, така што никој не го има видено нејзиниот лик. Салем не може да се привикне на животот во градот, а кај него се буди половиот нагон и тој ги користи услугите на една стара проститутка. Меѓутоа, кај него се раѓа љубов кон Џамила и една ноќ, за време на свршувачката на синот на генералот Зулфикар, тој влегува во собата на Џамила и ѝ ја изјавува својата љубов.[22]
  • Салемовата втора невиност: По смртта на дедото Адам Азиз, неговата сопруга Насема се преселува во Пакистан, каде заедно со снаата Пија успешно води бензиска пумпа. Од друга страна, фабриката на Ахмед Синај постепено пропаѓа и тој пак станува алкохоличер. Салем и Џамила не разговараат меѓу себе, а Амина останува бремена. Летото 1965 година, синот на генералот Зулфикар се соочува со криумчари за кои дознава дека работат за татко му. Поради тоа, за време на неговото воено отсуство, тој го убива татка си поради што е осуден на затворска казна. Набргу по 18-годишнито роденден на Салем започнува војната меѓу Индија и Пакистан, а Ахмед Синај претрпува мозочен удар. Во септември истата година, за време на индиското бомбардирање на пакистанските градови гинат повеќето членови на семејството Азиз: Насима, Пија, Емералда. Најпосле, една ноќ, Салем е сведок на експлозијата во која гинат тетка му Алија, како и неговите родители, Ахмед и Амина.[23]

Трета книга[уреди | уреди извор]

  • Буда: Така, наеднаш, Салем останува сирак. Повреден во главата од мајчиниот сад за плукање, тој лежи на болница. Неколку години подоцна, за да се ослободи од него, Џамила го испраќа во пакистанската војска, каде тој служи како извидник во една тајна единица за специјални акции. Таму, Салем ужива углед на чудак, зашто не разговара со никого, не покажува никакви емоции и не се сеќава на својот дотогашен живот. Во 1971 година, неговата единица е тајно префрлена во Дака, каде шеикот Муџибур Рахман штотуку ја прогласува независноста на Бангладеш. Притоа, Салем учествува во апсењето на шеикот, а исто така, тој е сведок на големото крвопролевање што го извршува пакистанската војска. Тогаш, заедно со тројца млади војници, Салем плови по текот на реката Ганг и пристига во прашумата Сундарбани.[24]
  • Во Сундарбани: Всушност, сакајќи да избега од војската, Салем ги наведува војниците што подалку во прашумата под изговор дека ја намирисал трагата на непријателот. Тогаш започнува сезоната на монсуните и четворицата војници се изложени на суровиот живот во прашумата поради што често халуцинираат. Еден ден, Салем е каснат од отровна змија, но сепак успева да преживее и тогаш му се враќаат спомените на минатото, иако сè уште не може да се сети на своето име. По еден месец, тие конечно успеваат да излезат од прашумата, а потоа, во текот на неколку месеци, постепено се движат кон север, во насока на Дака. Патем гинат двајца од војниците, а во едно поле, меѓу телата на убиените индиски војници, Салем ги препознава своите другари од соседството во Бомбај. Исто така, тој ја слуша приказната за страшниот индиски војник кој убива со стисокот на нозете и во него го препознава Шива.[25]
  • Сем и Тигар: На 15 декември 1971 година, во Дака се одржува церемонијата на предавањето на пакистанската војска. Тогаш, Салем тајно влегува во градот кој е заземен од индиската војска. Тогаш умира и последниот војник од неговата група. Во прославата на ослободувањето на градот учествуваат и бројни индиски магионичари, жонглери и други забавувачи меѓу кои и Парвати-Вештерката, едно од децата на полноќта. Таа го препознава Салем во толпата и тогаш тој го дознава своето име. Потоа, со помош на Парвати, Салем се префрла тајно во Индија.[26]
  • Во сенката на џамијата: По враќањето во Индија, кратко време, Салем живее во едно гето во Њу Делхи со уличните магионичари, а откако дознава дека Парвати се сретнала со Шива во Дака, тој ја напушта и се преселува кај вујко му Мустафа Азиз, кој работи како државен службеник. Таму, Салем дознава за смртта не неговото семејство, но и за ненадејното исчезнување на Џамила од јавната сцена. Имено, откако слушнала дека Салем погинал во Бангладеш, таа наеднаш почнала да зборува против власта, а потоа нашла засолниште во еден христијански манастир во Карачи. Салем минува 420 дена кај вујко му Мустафа, а во февруари 1973 година ја среќава Парвати, по што го напушта домот на вујко му и се враќа во гетото. Непосредно пред да си замине, во кабинетот на вујко му Салем здогледува тајно досие на кое пишува ДДП и чувствува дека се работи за нешто опасно. Парвати е вљубена во него, но тој не возвраќа на нејзината љубов, бидејќи таа му ги буди спомените на сестра му Џамила.[27]
  • Венчавка: Во мај 1974 година, неочекувано во магионичарското гето пристига Шива, кој е мајор во индиската војска. Славен поради херојските подвизи за време на војната во Бангладеш, тој е прифатен во високите кругови и омилен кај жените со кои има голем број вонбрачни деца. Меѓутоа, откако од една негова поранешна љубовница дознава дека богатите жени, всушност, го презираат и му се потсмеваат, него го фаќа гнев и поради тоа го посетува магионичарскиот кварт и со себе ја зема Парвати. Таа живее со Шива четири месеци, но кога му кажува дека е бремена, тој ја брка од својата куќа и таа пак се враќа во гетото. Салем се согласува да се ожени со неа и во февруари 1975 година тие прават свадба при што Парвати го приваќа исламот и добива ново име — Лејла. На 25 јуни 1975 година, Парвати раѓа машко дете кое има големи уши, а кому му го даваат името Адам. Исто како Салем, и Адам се раѓа точно на полноќ, а неговото раѓање се поклопува со воведувањето на вонредната состојба од страна на владата на Индира Ганди.[28]
  • Полноќ: Зимата 1975-76, малиот Адам Синај (кој е нем) се разболува од туберкулоза. Во април 1976 година, Салем дознава дека вујко му Мустафа е убиен и тогаш се сеќава на досието „ДДП“ и насетува непозната опасност. Набргу, војската упаѓа во магионичарското гето и го разурнува, а житлеите ги раселува. При нападот на војската, Шива го заробува Салем кого потоа го затвораат. За време на испитувањето, Салем ги предава децата на полноќта кои војската ги апси и ги затвора по налог на Вдовицата (премиерката Индира Ганди). Во затворот, Салем дознава дека Парвати погинала за време на нападот на гетото. Иако некои од децата на полноќта успеваат да побегнат до затворот, поголемиот дел од нив се убиени. Во јануари 1977 година, на децата на полноќта им ги отстрануваат органите за рамножување и тогаш го кастрираат и Салем. Во март, откако Индира Ганди е поразена на изборите, децата на полноќта се ослободени, а мајорот Шива е затворен. По излегувањето од затворот, Салем заминува во Њу Делхи и по упорна потрага успева да го пронајде малиот Адам.[29]
  • Абракадабра: Еден ден, заедно со малиот Адам и со пријателот, кротителот на змии, Синг, Салем заминува во Бомбај, којшто во меѓувреме значително се променил. Целта на нивното патување е да го пронајдат кротителот на змии за кои еден уличен трговец од Њу Делхи им кажува дека е подобар од Синг. Тие успеваат да го пронајдат соперникот, кој работи во еден ноќен клуб и Синг успева да победи во натпреварот со него. Во ноќниот клуб, Салем јаде храна која го потсетуваа на онаа од младоста и се разделува од Синг во потрага по фабриката за туршија која ја произведува вкусната храна. Таму го пречекува работничката Падма, а веднаш ја среќава и директорката на фабриката, неговата некогашна дадилка Марија Переира, која сега се презива Браганза. Марија е богата и живее со сестра си Алиса во облакодер изграден на местото каде порано се наоѓала родната куќа на Салем. Спроти 15 август, денот кога треба да наполни 31 година, Салем ја завршува својата приказна, чувствувајќи дека телото му се распаѓа и соочен со неизвесната иднина на неговата татковина.[30]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во 2013 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Магор“, во рамките на библиотеката „Ѕвезди на светската книжевност“. Книгата е испечатена во печатницата „Пропоинт“ од Скопје, во тираж од 1.000 примероци, а печатењето било финансирано од владата на Македонија. Преводот од англиски јазик го направиле Бисера Банова и Марија Џонс, а автор на корицата е Кочо Фиданоски. Книгата, со обем од 574 страници и димензии од 20 сантиметри, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-223-156-3.[31]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Веднаш по објавувањето, романот „Децата на полноќта“ постигнал голем успех и бил награден со Букеровата награда (придружена со паричен износ од 10 000 фунти), како и со Џејмс-Тејт Блековата меморијална награда и Книжевната награда на Здружението за англиски јазик. Исто така, романот остварил солидна продажба (над 50 000 примероци во Индија и над 250 000 примероци во САД).[32] Во 1993 година, по повод 25-годишнината на Букеровата награда, романот бил награден со „Букер над Букерите“.[33]

Романот истовремено претставува семејна сага и зачудувачка евокација на Индија и нејзините жители - брилијантно олицетворение на универзалната човечка комедија. Чудесно епска, прозата на Ружди се распрснува во различни временски насоки, создавајќи моќни психолошки слики, аналитички политички панорами и незаборавни поединечни судбини. „Децата на полноќта“ е епохално прозо дело кое во 2009 година било добитник на наградата „Најдоброто од Букер“, која била доделена по повод четириесетгодишнината од постоењето на наградата „Букер“.[31]

Во својот осврт кон делото, српскиот академик Светозар Кољевиќ истакнува дека, и покрај тоа што во романот се споменуваат голем број настани и ликови од историјата и од политичкиот живот на Индија, сепак тој е далеку од каков и да било облик на историски роман, а уште подалеку од какво и да било политичко сфаќање на историјата и на смислата на човечкиот живот во неа. Основните одлики на „Децата на полноќта“ не произлегуваат оттаму што ова дело може да се чита како Bildungsroman кој во своето симболично ткиво опфаќа голем дел од хиндуското и муслиманското културно, историско и религиозно наследство во Индија. Природата на Руждиевата уметничка постапка се согледува во хумористичното, ирационално стилско ткаење кое ја открива безумната кореспонденција на личниот и јавниот живот, укажувајќи дека човечката стварност е почудесна од секоја перверзија која би можел да ја создаде човечкиот ум. Целиот роман е создаден врз еден парадокс: стварноста не е она што се случило, туку она на кое се сеќаваме или кое ни се причинува. Како хумористична евокација на таквото сеќавање, романот отвора бескрајни можности на поимањето на она што се случува. Покрај тоа, богатите настани во романот се искажани со необично силен и сликовит англиски јазик во кој стандардната семантика, синтакса и идиоматика, а често и фонетиката (особено во дијалозите), се изложени на деформациите и дејствието на другите јазици. Сето тоа е направено под притисокот на исклучително богатата имагинација на авторот, така што во јазичното ткиво се остварува големо поместување на веќе изместената јазична норма. Токму на тој начин настанува Руждиевиот голем театар на апсурдот на културната дијаспора. Притоа, потресното метафизичко кинење на раскошното реалистично ткиво, тој егзистенцијално-историски сомнамбулизам претставува битно својство на уметничкиот израз на Ружди. Во тој поглед, автобиографскиот, историскиот и неисторискиот материјал имаат подеднакво значење во романот. Руждиевата способност хумористично да ја релативизира историјата се открива како голема можност за одбрана пред политичката мора на еднозначниот свет. Меѓутоа, и покрај бројните искривени паралели на стварноста, „Децата на полноќта“ може да се чита само како модерна фантастична книжевна автобиографија, како слободно поместена исповед во која авторот создава раскошна космополитска метафорика која ги брише границите меѓу јавето и сонот, географските региони и историските периоди.[34]

Некои индиски критичари го критикувале Ружди поради тоа што во романот уфрлил многу журналистичко-политички елементи од индискиот живот и поради тоа што „овој вид популарна журналистичка историја ја накалемил на вистинскиот творечки потфат“, зашто романот и без неа би бил исто толку витален и силен“. Наспроти овие заблешки, критиката забележува дека „неспорно, Ружди создал еден целосен свет во романот“ и дека „богатството и изобилноста на ликовите и настаните, инвентивноста во создавањето на ситуациите и анегдотските пресврти покажуваат извонредна творечка моќ“ благодарение на која Ружди е „навистина добредојден во друштвото на светските писатели“.[35]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 9-32.
  2. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 33-54.
  3. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 55-77.
  4. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 78-98.
  5. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 99-122.
  6. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 123-143.
  7. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 144-166.
  8. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 167-187.
  9. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 191-215.
  10. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 216-236.
  11. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 237-261.
  12. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 262-284.
  13. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 285-305.
  14. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 306-328.
  15. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 329-351.
  16. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 352-373.
  17. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 374-396.
  18. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 397-421.
  19. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 422-444.
  20. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 445-464.
  21. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 465-483.
  22. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 484-514.
  23. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 515-540.
  24. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 543-565.
  25. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 566-586.
  26. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 587-602.
  27. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 603-633.
  28. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 634-659.
  29. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 660-691.
  30. Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 692-723.
  31. 31,0 31,1 Салман Ружди, Децата на полноќта. Скопје: Магор, 2013.
  32. Svetozar Koljević, „Hiljadu i jedna ponoć Salmana Ruždija“, во: Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 729.
  33. Svetozar Koljević, „Hiljadu i jedna ponoć Salmana Ruždija“, во: Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 761.
  34. Svetozar Koljević, „Hiljadu i jedna ponoć Salmana Ruždija“, во: Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 739-750.
  35. Svetozar Koljević, „Hiljadu i jedna ponoć Salmana Ruždija“, во: Salman Ruždi, Deca ponoći. Beograd: Dereta, 2008, стр. 752.