Детски права

Од Википедија — слободната енциклопедија

Детските права како дел од човековите права им припаѓаат на сите деца без оглед на нивното национално или етничко потекло, пол, род, боја на кожа, религија, возраст, попреченост, сексуална ориентација, родов идентитет, јазик или кој било друг статус. Човековите права се меѓуповрзани, меѓузависни и неделиви. Тие се универзални и се гарантираат со закон, конвенции, обичајно и меѓународно право, со општи принципи и со други извори на меѓународното право.

Конвенцијата за правата на децата (КПД) е најшироко ратификуваниот договор за човековите права во светот, клучен обврзувачки инструмент кој ги вклучува граѓанските, политичките, економските, социјалните и културните права на децата. Во КПД се вклучени правата на здравствена заштита, образование, семејство, игра, одмор и забава, заштита од насилство, сексуално насилство и сексуална експлоатација и др.

Според Алтернативниот извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата, од 2020 година, во Македонија голем број деца се без документи за идентификација, немаат пристап до основни здравствени услуги, илјадници деца се надвор од образовниот систем, голем број девојчиња стануваат сопруги и мајки пред полнолетството, долга е низата на проблеми и кршења на детските права.[1]

Историски осврт[уреди | уреди извор]

За првпат во Франција во 19. век се појавува идејата за посебна заштита на децата и со тоа започнува прогресивниот развој за правата на малолетниците. Во 1841 година, Законот за заштита на децата на работното место за првпат стапил на сила, додека во 1881 година е донесен Законот за правото на образование за децата. Првите закони за заштита на децата се донесени во Франција за потоа по нивниот пример да следат и другите земји низ Европа. Друштвото на народите на 16 септември 1924 ја усвоило Декларацијата за правата на детето, кој е првиот меѓународен договор за правата на децата.

Во 1959 година, Генералното собрание на ООН ја усвоило Декларација за правата на детето, која содржи 10 принципи на детски права. Иако, декларацијата не е потпишана од сите држави и нејзините принципи имаат само индикативна вредност, сепак служи како основа за Универзалната декларација на правата на децата. По усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, ООН сакајќи да донесе Повелба за човекови права која ќе биде обврзувачка за сите држави основа Комисија за човекови права со цел да ја подготви Повелбата.

Конвенцијата за правата на децата била донесена едногласно од Генералното собрание на ООН на 20 ноември 1989 година. Оваа Конвенција е една од најбрзо усвоените и прифатените меѓународни договори низ светот. Во КПД се уредени граѓанските, политичките, економските, социјалните, здравствените и културните права на децата. Државите кои ја имаат ратификувано Конвенцијата за правата на детето имаат обврска да ја почитуваат, да поднесуваат извештаи и да се појавуваат пред Комитетот за правата на детето при ООН за да се разгледа нивниот напредок во однос на применување на Конвенцијата. Првиот извештај за состојбата со правата на децата државата потписничка мора да го поднесе две години по ратификацијата на Конвенцијата. Понатаму, извештаи се бараат секои пет години со можност за додатни извештаи во меѓупериодот, доколку е тоа потребно. Сите извештаи ги разгледува Комитетот за правата на детето при ООН. Откако Комитетот ќе ги добие државните извештаи, понатаму бара пишани информации од невладини и меѓувладини организации. Она што е посебно важно е дека Комитетот особено цени доколку и децата дадат свој извештај и учествуваат на состаноците (сесиите на кои се разговара за извештаите и се бараат одговори од владата на одредени прашања). Почитувањето на мислењето на децата и учеството на децата во прашања кои се од нивен интерес е од особена важност за секоја држава која се стреми да биде демократска и по мерка на децата. Детското учество им овозможува на децата и младите да бидат слушнати, активно да создаваат и да предизвикуваат позитивни промени во заедницата.

Во рамките на Македонија, Првата детска амбасада во светот Меѓаши редовно подготвува и поднесува алтернативни извештаи за состојбата за правата на децата во Македонија пред Комитетот за правата на детето. Во 2009 година до Комитетот за правата на децата поднесен бил вториот алтернативен извештај подготвен заедно со невладини организации, членки на Македонската националната коалиција за правата на детето, и првиот детски алтернативен извештај за состојбата со правата на детето подготвен од група деца.[2][3] Во 2020 година Првата детска амбасада Меѓаши ги поднесе до Комитетот и третиот алтернативен извештај на невладините организации и вториот детски алтернативен извештај.

На 25 мај 2000 година, биле донесени два факултативни протоколи. Со првиот се ограничува вклучување деца во воени судири а со вториот се забранува продажба на деца, детска проституција и детска порнографија. Факултативен протокол со кој се дава надлежност на Комитетот за правата на детето (Комитетот) да разгледува индивидуални претставки и меѓудржавни комуникации со што би се унапредил механизмот за контрола на почитувањето на детските права. На 19 декември 2011 година, Генералното собрание на Обединетите нации го усвоило Третиот факултативен протокол за комуникациски процедури кон Комитетот. Македонија го потпишала овој Протокол на 23 мај 2012 година.

Денес КПД е потпишана од 196 држави, а ратификувана од 195 држави. Единствени држави во светот што ја немаат ратификувано Конвенцијата се Јужен Судан и Соединетите Држави.

Во Македонија, Конвенцијата била прифатена од 3 јануари 1991 год со ратификацијата во СФРЈ, а Република Македонија како самостојна држава ја има ратификувано на 2 декември 1993 година.

Освен Конвенцијата за правата на децата од 1989 год, Македонија ја има ратификувано и Конвенцијата за забрана и елиминација на најлошите видови детски труд на 30 мај 2002. Оваа Конвенција е донесена во Женева во 1999 година.

На 25 октомври 2007 год Македонија ја потпиша Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, на 11 јуни 2012 ја ратификувала, а на 1 октомври 2012 стапила во сила.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Алтернативен извештај на невладините организции за состојбата со правата на децата во Македонија“ (PDF). Прва детска амбасада во светот Меѓаши. 2020. Посетено на 14 април 2021.
  2. „Втор алтернативен извештај на невладините организции за состојбата со правата на децата во Македонија“ (PDF). Прва детска амбасада во светот Меѓаши. 2009. Посетено на 14 април 2021.
  3. „Првиот детски алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во Македонија“ (PDF). Прва детска амбасада во светот Меѓаши. 2009. Посетено на 14 април 2021.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]