Прејди на содржината

Деспотот и жртвата

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Деспотот и жртвата“ (српски: Деспот и жртва) — роман на српскиот писател Добрило Ненадиќ од 1998 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 20 глави:

  • Глава 1-2: Богдан е млад човек кој работи како читач на дворот на српскиот деспот Ѓураѓ Бранковиќ во Смедерево. Градот забрзано се развива и во него има богата трговска активност, а деспотот забрзано ја гради тврдината. Пред две децении, Богдан и целото негово семејство биле грабнати од Турците и продадени како робје, така што тој завршил во Едрене. Таму го запознал Петрашин (поранешниот монах Никифор), кој му помогнал да побегнат, а потоа двајцата се населиле во околината на Будва, каде работеле како писари и стекнале сопствен имот. Кога еден насилник им го одзел имотот, тие се преселиле во Србија. каде на брегот на Дунав пронашле римски урнатини и тука си направиле дом. Меѓутоа, во потрага по градежен камен, луѓето на деспотот ја уништиле римската тврдина и така тие повторно станале бездомници. Тогаш, Богдан дошол во Смедерево, а Петрашин скитал наоколу како испосник и проповедник. Во Смедерево, Богдан работи разни работи, трудејќи се да се зближи со деспотот. Кога се заљубува во убавата Ленка, сопруга на богатиот трговец Зовко, тој го препорачува кај деспотот и така Богдан станува дворски читач.[1]
  • Глава 3-12: По некое време, Петрашин се враќа во Смедерево, каде се истакнува со продаважбата на мед и восок. Еден трговец сака по секоја цена да ја открие тајната на Петрашин за производство на чист восок и за таа цел ја употребува Ленка, која го посетува Петрашин и води љубов со него. Богдан дознава за тоа и уште повеќе копнее да ја освои Ленка. За време на изградбата на тврдината има многу жртви, а Богдан го предава својот учител, кажувајќи му на деспотот за критиката на Петрашин. Веднаш потоа, Богдан се кае за предавството и го предупредува Петрашин за опасноста, но тој воопшто не е загрижен за себе, туку ја претчувствува пропаста на градот. Набргу, деспотот го затвора Петрашин, а Богдан се кае за својата постапка. Во очај, една ноќ, додека беснее невреме, тој ја посетува Ленка, која дури тогаш првпат ја забележува неговата привлечност. Кога во градот избувнува пожар, народот го обвинува Петрашин за несреќата. Една ноќ, Ленка го посетува Богдан со веста дека народот бара од деспотот да им го предаде Петрашин при што таа го наговара Богдана да му помогне на учителот. Таа ноќ, Богдан и Ленка стануваат љубовници.[2]
  • Глава 13-20: Богдан успева да го посети Петрашин во затворот и го затекнува расположен и безгрижен, убеден во својата невиност. Загрижени од гласовите дека деспотот ќе ја запре изградбата на тврдината, тројцата најголеми снабдувачи со камен се здружуваат против Петрашин кого го обвинуваат дека е виновен за сите несреќи на градилиштето. Кога еден од нив пронаоѓа римски храм и притоа погинува, другиот снабдувач го искористува отсуството на деспотот и го подбуцнува народот против Петрашин. Разбеснетата толпа влегува во затворот, го врзува Петрашина, а потоа го мачи и го води наоколу. На брегот на Дунав, Петрашин ја среќава Ленка која, исто така, е врзана и мачена. Сепак, таа успева да се оттргне од мачителите и се фрла во Дунав, Петрашин е жив соѕидан во највисоката кула на тврдината, а Богдан го напушта градот.[3]

За делото

[уреди | уреди извор]

Романот добил позитивни оцени од книжевната критика и бил добро прифатен од публиката. За него авторот ги освоиле наградата „Меша Селимовиќ“, наградата на Народната библиотека на Србија за најчитана книга на годината и наградата Златен бестселер. Заедно со „Доротеј“, овој роман се смета за најуспешното дело на Ненадиќ. Во него, Ненадиќ покажува одлично познавање на српскиот среден век, како и дарба за градење атрактивни заплети. Реконструирајќи го профаниот дух на тоа време, авторот им пристапува на многубројните ликови како на типови, а заплетите ги решава почитувајќи ги стандардните очекувања на читателите, сведочејќи дека сите човечки приказни се слични, ако не исти. Исто така, тој посветува големо внимание на јазикот и на стилот, создавајќи убедлив впечаток за примитивното, архаично време кое неверојатно личи на транзициската, постутописка денешнина. Потпирајќи се делумно на живата покраинска лексика и на архаичната, патетична и покраинска структура на реченицата и истовремено градејќи ги експресивните изрази по моделите на денешните, Ненадиќ воспоставува рамнотежа меѓу логичното развивање на фабулата и ироничните и циничните коментари, односно гротескните слики. Централните уметнички вредности на романот се кријат во целосната и интересна визија на дамнешното време и на нејзината симболична сила.[4]

  1. Добрило Ненадић, Деспот и жртва. Политика и Народна књига, Београд, 2004, стр. 5-58.
  2. Добрило Ненадић, Деспот и жртва. Политика и Народна књига, Београд, 2004, стр. 58-143.
  3. Добрило Ненадић, Деспот и жртва. Политика и Народна књига, Београд, 2004, стр. 143-199.
  4. Васа Павковић, „О Деспоту и жртви и Добрилу Ненадићу“, во: Добрило Ненадић, Деспот и жртва. Политика и Народна књига, Београд, 2004, стр. 203.