Дерсу Узала (филм)
| Dersu Uzala Дерсу Узала デルス·ウザーラ | |
|---|---|
| Режисер | Акира Куросава |
| Заснован на | „Дерсу Узала“ мемоари од Владимир Арсениев |
| Премиера | јули 1975 (СССР) 2 август 1975 (Јапонија) |
| Времетраење | 144 минути |
Дерсу Узала ( руски: Дерсу Узала; јапонски: デルス·ウザーラ, romanized: Derusu Uzāra; алтернативен американски наслов: Dersu Uzala: The Hunter) ― авантуристички филм и драма со биографски елементи, премиерно прикажан во 1975 година. Режијата на филмот и косценариото се на Акира Куросава. Ова е единствениот филм на Куросава на руски јазик и негов единствен 70 милиметарски филм.
Инспирација за филмот и награди
[уреди | уреди извор]Се работи за јапонско-советска копродукција. Филмот е инспириран од мемоарите „Дерсу Узала“ на рускиот истражувач Владимир Арсениев. Опфатено е неговото истражување на регионот Сихоте Алин, во рускиот далечен исток, за време на неколку експедиции на почетокот на 20 век. Снимен речиси целосно на отворено, во дивината на рускиот далечен исток, филмот ја обработува темата за животот на човек-ловец, целосно интегриран во неговата околина - шумата, водејќи вид на изолиран живот на кој неминовно му се заканува прогресот на цивилизацијата. Воедно, во филмот доловено е раѓање на длабоко пријателство и вземна почит помеѓу двајца поединци (капетанот Арсениев и ловецот Дерсу), чии животни приказни и погледи на светот се дијаметрално различни, притоа, се расправа и за потешкотиите што ги носи староста и губењето на можноста за самоодржливост.
Филмот „Дерсу Узала“ најпрвин започнал со премиерно прикажување во Советскиот Сојуз во јули 1975 година, за потоа да биде прикажан и во Јапонија, на 2 август, истата година.
„Дерсу Узала“ освоил Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.[1] Следувале и ред други награди, меѓу кои вредни за сппменување се: Златната награда и наградата ФИПРЕСЦИ од Меѓународната федерација на филмски критичари на 9-тиот Московски меѓународен филмски фестивал.[2] Филмот бил бокс-офис хит, со преку 21 милиони продадени билети во Советскиот Сојуз и Европа, истовремено заработувајќи $1.2 милиони во САД и Канада. Меѓутоа, по снимањето на филмот, режисерот Куросава завршил со прилично скромен финансиски надоместок и бил во незавидна финансиска ситуација сè додека не започнал со продуцирање на својот следен филм, „Кагемуша“ [3], со кој остварил далеку подобра заработувачка.
„Дерсу Узала“ е еден од четирите руски оскаровци, покрај „Војна и мир“ (1966–1967), „Москва не верува во солзи“ (1980) и „Изгорен од сонцето“ (1994).[4]
Заплет
[уреди | уреди извор]Филмот „Дерсу Узала“ нè пренесува на самиот почеток на 20-от век. Тогаш, капетанот Арсениев предводи научна експедиција во регионот Шкотово, на територијата Усури. Таму доаѓа до средба со Дерсу Узала, ловец кој живее номадски живот. Капетанот останува импресиониран од вештините, снаодливоста и прилагодливоста на ловецот Дерсу, кој знае како да опстане во дивина, и го поканува да му биде водач. Дерсу ја прифаќа поканата и ја води експедицијата на капетанот Арсениев низ суровите предели на рускиот далечен исток.
Дерсу се покажува како исклучително добар водач и бидува почитуван од групата. Покрај тоа што се грижи за нивниот опстанок во дивината, тој во еден момент од патувањето го спасува животот и на самиот Арсениев, кога бидуваат заглавени среде големо невреме. На крајот од ова возбудливо патување, капетанот Арсениев го поканува Дерсу да му се придружи на патот назад во Хабаровск. Но, Дерсу претпочита да остане во шумата, каде што мисли дека му е местото, единствено нешто што го побарува од капетанот се неколку фишеци за пушката.
Филмот продолжува со тоа што е прикажана уште една средба, пет години подоцна, помеѓу главните јунаци, капетанот Арсениев и ловецот Дерсу. И овој пат се работи за експедиција предводена од Арсениев. Тој потајно се надева дека ќе се сретне со Дерсу. На крајот, тие се среќаваат и на Дерсу му е препуштено водењето на групата. За време на патувањето низ дивината, доаѓа до опасна ситуација додека со сплав се спуштаат по текот на споулавена планинска река. Соочени со опасноста сплавот да биде уништен, а со тоа да биде загрозен животот на Арсениев, Дерсу се жртвува себеси, туркајќи го капетанот на безбедно место. За среќа сè добро се завршува, групата за возврат го спасува Дерсу, при што доаѓа до дополнително зацврснување на пријателството меѓу нив. Се работи за многу интересен филм кој продолжува со уште неколку вакви авантури и незаборавни моменти.
Улоги и продукција
[уреди | уреди извор]- Јуриј Соломин како Владимир Арсениев
- Максим Мунзук како Дерсу Узала
- Владимир Кремена како Туртигин
- Александар Пјатков како Оленев
- Светлана Данилченко како Ана
- Суимекул Чокморов како Џанг Бао
Во едно интервју во 1999 година, глумецот Соломин изјавил дека режисерот Куросава од поодамна знаел за книгата на Арсениев и планирал да направи филмска верзија уште кон крајот на 1930-тите. Сепак, се откажал, најмногу затоа што сфатил дека мора да се снима во тешко пристапниот регион на тајгата, каде што всушност требало да се случува дејствието. Друга причина била што советската влада, дотогаш, само на неколку странци им дозволила пристап таму. Работите се промениле на подобро во 1970-тите години, кога најпосле им била дадена дозвола за снимање на Куросава и на неговиот тим, но притоа тие биле набљудувани и следени во текот на целата продукција на филмот.
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Дерсу Узала — Советски филм од 1961 година во режија на Агаси Бабајан
- Дерсу Узала (историска личност)
- Дерсу Узала (книга, 1923)
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Academy of Motion Picture Arts and Sciences (29 March 1976). „The 48th Academy Awards (1976) Nominees and Winners“. Посетено на 11 January 2024.
- ↑ „9th Moscow International Film Festival (1975)“. MIFF. Архивирано од изворникот на 2013-01-16. Посетено на 2013-01-04.
- ↑ Hashimoto, Shinobu (2006). Compound Cinematics. Преведено од Hitchcock Morimoto, Lori. New York: Vertical (објав. 2015). стр. 211. ISBN 978-1-939130-58-7.
- ↑ (in en-US) Moscow Does Not Believe in Tears (1980) - Trivia - IMDb. https://www.imdb.com/title/tt0079579/trivia/.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Дерсу Узала есеј на Доналд Ричи (на англиски)