Депортација на Азерите од Ерменија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Депортацијата на Азерите од Ерменија, која била спроведена во текот на XX век, резултирала со принудно раселување и етничко чистење на овој туркиски народ од територијата на Ерменија.[1][2][3][4] Пред Октомвриската револуција, Азерите сочинувале околу 43% од популацијата на Ереван.[5] Тие поминале низ период на принудна миграција прво од територијата на Демократска Република Ерменија, а потоа и од Ерменска Советска Социјалистичка Република и тоа повеќепати во текот на 20 век.[6] За време на владеењето на Јозеф Сталин, во 1948 година, биле депортирани околу 100.000 Азери од Советската Социјалистичка Република Ерменија.[5] Во нивните домови се вселиле Ерменци, кои во Советскиот Сојуз дошле од странство.[7]

Почеток на 20 век[уреди | уреди извор]

Како резултат на етничкиот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан на почетокот од 20 век, како и поради водење на координирана националистичка политика на етничко чистење и на двете држави, голем дел од населението било протерано од Ерменија и Азербејџан. Од средината на 1918 година, ерменските паравоени сили под команда на генералот Андраник Озанијан одиграле голема улога во уништувањето на муслимански населби во Зангежур и етничко чистење во тој регион. Британската влада, која имала свои политички цели, не му дозволила да ги прошири своите активности и во Карабах. Андраник Озанијан довел околу 30000 ерменски бегалци од Источна Анадолија, претежно од Муш и Битлис. Дел од ерменски бегалци останал во Зангежур, додека повеќето се населиле во Ереван и Даралагож, каде го зазеле местото на муслиманите, сè со цел да клучните подрачја во Ерменија етнички се хомогенизираат. Според статистиката од кавкаската етнографска збирки на Академијата на науките на СССР, азерското население во Ерменија било потполно раселено. Целта на политиката на „чистење на државата од странци“, што била спроведувана од страна на партијата Дашнак, била иселување на муслиманското население и тоа посебно од регионите Новобајазет, Ереван, Ешмјаџин и Шерур-Даралагож.[6]

Податоци за населеноста на ерменски области, пред и после раселувањето:[6]

Во 1897 година, населението во Зангежурскиот Ујезд се состоела од 63,6 илјади Ерменци (46,2%), 71,2 илјади Азербејџанци (51.7%), 1,8 илјади Курди (1,3%), од вкупно 137,9 илјади жители. Според податоците од 1922 година, вкупната популација во Зангежур броела 63,5 илјади жители од кои 59,9 илјади биле Ерменци (89,5%), 6,5 илјади Азербејџанци (10,2%) и 200 Руси (0,3%).

Според американскиот историчар Фируц Каземзадеу, кој го цитирал ерменскиот историчар А. Борјан, за време на владеење на Дашанак партијата во Демократска Република Ерменија, депортацијата не била направена за административни потреби, туку за да се исели муслиманското население и да им се одземат имотите. Тој, исто така, тврдел дека депортацијата на муслиманите од териториите кои биле под управа на Турција се зголемила, кога тие територии подоцна биле окупирани од страна на војската на Ерменија.[8] Од друга страна, Танер Акцам тврдел дека направените масакрите биле преувеличени, па дури и целосно измислени.[9]

Преселувања од ССР Ерменија[уреди | уреди извор]

Карта за преселување на Азерите од ССР Ерменија.

Раселувањето на Азерите за време на владеењето на Јосиф Сталин, се случило по создавањето на Ерменска Советска Социјалистичка Република. Според првиот заеднички попис на населението направен во Советскиот Сојуз, во 1926 година популацијата на Азерите изнесувала 9,6 ℅ од вкупната популација на населението.[10] Според пописот од 1939 година, во Ерменска Советска Социјалистичка Република живееле 130.896 Азери.[11] Резултатите од пописот во 1959 година покажале дека нивниот бројот во Ерменија паднал на 107.748,[12] иако наталитетот кај нив бил еден од највисоките во Советскиот Сојуз. Главната причина за намалување на азерската популација била нивната депортацијата за да нивните територии се населат со Ерменци кои живееле надвор од границите на СССР. Планот на режимот во Советскиот Сојуз бил да со раселувањето на Азерите од Ерменија, и населувањето на Ерменците на нивни место, се зајакне овој граничен регион кон Турција со која имале затегнати политички односи во тој период.[13] Затегнатите односи, траеле до смртта на Јосиф Сталин. Се сметало дека Азерите би можеле да бидат на петтата колона во случај на конфликт со Турција, и поради тоа, Сталин дозволил нивна депортација од Ерменија, во периодот од 1947-1950 година. Раселувањето било озаконето од Советот на министри на СССР кој на 23 декември 1947 година, издал декрет #4083.[14] Една од точките на декретот гласела:

Му се дозволува на Советот на министрите на ССР Ерменија да ги користи зградите и куќите кои се напуштени од страна на азербејџанското население, кое е раселено во Курско-араксинската низина во ССР Азербејџан, за населување на Ерменци кои доаѓаат надвор од границите на Советскиот Сојуз во ССР Ерменија.

Декрет издаден на 23 декември 1947 година од Сталин, во кој тој ја наредил депортацијата на Азерите од ССР Ерменија и доделување на нивните домови на Ерменците од странство.

Деталите за раселувањето биле дефинирани со резолуцијата #754 на Советот на министрите. Според неа, делот од подвижниот имот на колхозите им бил даден со бесплатен транспорт до новите имоти каде требале да бидат депортирани. Цената на подвижениот имот оставен во Ерменија требал да се надомести со имот во колхозите во местата каде тие би се населиле. На Азерите при преселувањето им биле дадени и некои погодности, како на пример по 1000 рубљи по семејство и 300 рубљи за секој член на семејството поединечно.[13] Според историчарот Владислав Зубок, Сталин во разговорот со првиот секретар на ерменската комунистичката партија, Григориј Арутјунов, наредил депортација на Азерите од ССР Ерменија во ССР Азербејџан. Во исто време, се согласил да се вратат во својата земја околу 90.000 Ерменци, во местата од каде биле депортирани Азерите.[13][15] Депортацијата не била на доброволна основа.[16]

Бројни извештаи добиени од Азерите, покажуваат дека тие не сакале да ги напуштат своите живеалишта во Ерменија. Министерот за внатрешни работи на ССР Ерменија во 1948 година изјавил дека некои Азери ги посетувале гробишта и се молеле на душите на нивните предци, да им помогнат да останат во својата земја. Од друга страна, имало групи кои одлучиле дека е подобро да ја напуштат Ерменија во случај да има војна со Турција, тие биле убедени дека во таков развој на настаните би биле масакрирани од Ерменците.[17] Според британскиот историчар Томас де Вал, Азерите во Ерменија повторно станале жртви на ерменско-турските односи.[17] Како резултат на депортацијата, повеќе од 100.000 Азери биле раселени во Курско-араксинската низина во ССР Азербејџан во три наврати: во 1948 година околу 10.000, во 1949 година околу 40.000, и околу 50.000 во 1950-тите години.[18]

Постепено раселување од Ерменија[уреди | уреди извор]

Освен Азерите, други етнички групи во Ерменија биле: Руси, Курди, Украинци, Грци и други етнички малцинства. Според пописот од 1979 година, Азерите биле најголемото национално малцинство во Ерменија, со вкупно 5.3 % (околу 160.800 жители).[19] Нивно протерување од страна на ерменските екстремисти започнало во 1987 година во Кафан.[20] Околу 40.897 азерски семејства биле потполно депортирани; 216 луѓе починале за време на депортацијата.[21] Повеќето од жртвите биле од северните области; во регионот Гугарк биле убиени 11 луѓе.[22] Според информациите од Комитетот за државна безбедност (КГБ), во ерменскиот град Гугарк, Азерите биле исмевани, убивани, а нивните куќи биле ограбувани. Од останатото население, 45 замрзнале на Кавкаските планини, 45 исчезнале во планинскиот регион на Ерменија, 34 биле мачени и убиени, а шестмина биле убиени од страна на доктори во болница.[23]

Ерменскиот историчар, Размик Паносијан го означил овој трансфер на населението како последна фаза на ерменската етничка хомогенизација и како дел од етничкото чистење, врз основа на кое ерменското население се зголемило од 90 % на 98 %.[24]

Според рускиот борец за човекови права, Сергеј В. Лјозов (руски: Сергей Лёзов Владимирович), масовната депортација од Ерменија во Азербејџан била еден од факторите кој во ноември 1988 година довел да конфликтот во Нагорно-Карабах се претвори во војна, со цел едната етничка група потполно да биде протерана.[25]

Статистика на населението во Ерменија и Азербејџан[уреди | уреди извор]

Хронологија[уреди | уреди извор]

  • 1947 година - Советот на министрите на СССР донел резолуција за депортација на Азерите од ССР Ерменија во ССР Азербејџан;
  • 1947-1950 година - Депортација на Азерите од ССР Ерменија;
  • Ноември 1987 година - Напад на Азерите во Гафан, регион во Ерменија;
  • 25 јануари 1988 година - Азерите биле иселувани од Гафан;
  • 21 февруари 1988 година - Масовни демонстрации започнале во Ереван;
  • Ноември 1988 година - Масовна депортација на Азерите од Ерменија.[26]

Број на Азери во Ерменија:

1926 г. 1939 г. 1959 г. 1970 г. 1979 г. 1989 г. 2001 г.
Азери (број на жители и процент

во општата популација)

84.705 (9,6 %) 130.896 (10,2 %) 107.748 (6,1 %) 148.189 (5,9 %) 160.841 (5,2 %) 84.860 (2,5 %) 29 (0,0 %)

Промени во демографската структура на Ереван[уреди | уреди извор]

Според пописот во Русија во 1897 година, градот Ереван имал околу 29.006 жители, од кои 12.523 Ерменци и 12.359 Азери.[27] Во енциклопедијата Брокхаус и Ефрон, истакнато е дека имало 12.000 Азери, што претставувало 41% од вкупно 29.000 жители во градот.[27][28] Меѓутоа, во текот на систематското етничко чистење во Советскиот Сојуз и систематската депортацијата на Ерменците од Персија и Отоманското Царство за време на геноцидот над Ерменците, градот Ереван станал првенствено град на Ерменци. Според пописот од 1959 години, Ерменци чинеле 96% од населението, додека во пописот од 1989 година овој процент бил поголем од 96,5 %. Азерите биле само 0,01% од популацијата на Ереван. Градот Ереван со протерување на муслиманското месно население станал доминантно населен со Ерменци.[29] Како резултат на конфликтот во Нагорно-Карабах, не само што Азерите биле депортирани од Ереван туку и нивните џамии во Ереван биле срушени.[30]

Ерменска хомогеност[уреди | уреди извор]

Според извештајот на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Азерите биле прогонети од неиндентификувани локални власти како резултат на погромот на Ерменци во Сумгајит и Баку, во периодот од 1988-1989 година.[31] Ерменскиот национализам, во соработка со властите на Советскиот Сојуз довеле до прогонство на Азерите од Ерменија.[24] Кон крајот на 1988 година, целото азерско население, вклучувајќи ги и муслиманските Курди, околу 166.000 луѓе биле протерани од Ерменија.[24] Десетици луѓе биле убиени во изолирани напади или починале поради лоши животни услови. Депортацијата на Азерите била одговор на прогонот на Ерменците од Азербејџан, но исто така била и последната фаза на хомогенизацијата на Ерменија за време на советската власт. Со депортацијата, ерменската униформност се зголемила од 90% на 98%.[24] Остатокот од азербејџанската популација бил депортирани од Ерменија во 1991 година.[32] Во 2004 година, Ерменија станала единствената земја од поранешниот Советски Сојуз со хомогена популација, во која 97,9 % од населението го сочинувале Ерменци,[33] додека бројот на Азерите кои живееле во Ерменија изнесувал околу 30 поединци.[34]

Промените во демографијата биле придружени со промени во топонимите на населбите на територијата на Ерменија. Вкупно, повеќе од 600 топоними биле сменети во периодот од 1924 до 1988 година.[18] Политиката на преименување продолжила и по колапсот на Советскиот Сојуз. Преименувањето на турските топоними во државата била последната фаза. Според извештајот на претседателот на државниот комитет, Манук Варданјан, 57 топоними биле преименувани во 2006 година и уште 21 во 2007 година.[35] Придонесот на Азерите во културната разновидност во Ерменија доживеал голем удар, а училиштата Агабаба-Чилдир и Даралагож потполно исчезнале од Ерменија.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Черный сад": Глава 5. Ереван. Тайны Востока“ (руски). BBC Russia. 8 мај 2005. Посетено на 13 мај 2018.
  2. Barrington, Lowell W. (2006). After Independence: Making and Protecting the Nation in Postcolonial & Postcommunist States. USA: University of Michigan Press. ISBN 978-0-472-06898-2. Посетено на 13 мај 2018.
  3. Suny, Ronald Grigor (1999–2000). Provisional Stabilities: The Politics of Identities in Post-Soviet Eurasia. International Security. Vol 24, No. 3. стр. 139–178. Посетено на 13 мај 2018.
  4. Ambrosio, Thomas (2001). Irredentism: ethnic conflict and international politics. USA: Greenwood Publishing Group. ISBN 978-0-275-97260-8. Посетено на 13 мај 2018.
  5. 5,0 5,1 Grenoble 2003, стр. 135
  6. 6,0 6,1 6,2 Volkova, Nataliya Georgievna (1969). Caucasian Ethnographical Collection of Academy of Sciences of the USSR. IV. USSR, Institute of Ethnography named after M. Maklay, Academy of Sciences, USSR, Moscow: Nauka. стр. 10. 2131 Т11272.
  7. „Н. А. Добронравин, профессор, доктор филологических наук“ (PDF) (руски). стр. 334. Архивирано од изворникот (PDF) на 1 јуни 2016. Посетено на 13 мај 2018.
  8. Kazemzadeh, Firuz (1951). The Struggle for Transcaucasia, 1917-1921 (англиски). Philosophical Library.
  9. Akçam, Taner (2007). A Shameful Act: The Armenian Genocide and the Question of Turkish Responsibility. New York: Metropolitan Books. ISBN 0805079327.
  10. „Всесоюзная перепись населения 1926 года. Национальный состав населения по регионам республик СССР“ (руски). Посетено на 13 мај 2018.
  11. „Всесоюзная перепись населения 1939 года. Национальный состав населения по регионам республик СССР“ (руски). Архивирано од изворникот на 26 септември 2011. Посетено на 13 мај 2018.
  12. „Всесоюзная перепись населения 1959 года. Национальный состав населения по регионам республик СССР“ (руски). Архивирано од изворникот на 26 септември 2011. Посетено на 13 мај 2018.
  13. 13,0 13,1 13,2 Zubok 2007, стр. 58
  14. „Постановление N: 754 Совета министров СССР. О мероприятиях по переселению колхозников и другого азербайджанского населения из Армянской ССР в Кура-Араксинскую низменность Азербайджанской ССР“ (руски). Посетено на 13 мај 2018.
  15. „Wayback Machine“ (PDF). web.archive.org. 2016-06-01. Архивирано од изворникот на 2016-06-01. Посетено на 2019-04-16.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  16. „Armenia: Political And Ethnic Boundaries 1878–1948 - Cambridge Archive Editions“. www.archiveeditions.co.uk. Архивирано од изворникот на 2017-09-17. Посетено на 2019-04-16.
  17. 17,0 17,1 Waal, Thomas De (2015). Great Catastrophe: Armenians and Turks in the Shadow of Genocide (англиски). Oxford University Press. ISBN 9780199350698.
  18. 18,0 18,1 Saparov, Arseny (2003-01-01). „The alteration of place names and construction of national identity in Soviet Armenia“. Cahiers du monde russe. Russie - Empire russe - Union soviétique et États indépendants (француски). 44 (44/1): 179–198. doi:10.4000/monderusse.8604. ISSN 1252-6576.
  19. „POPULATION OF ARMENIA (1828-1989)“. www.iatp.am. Посетено на 2019-04-16.
  20. Waal, Thomas de (2013-07-08). Black Garden: Armenia and Azerbaijan Through Peace and War, 10th Year Anniversary Edition, Revised and Updated (англиски). NYU Press. ISBN 9780814760321.
  21. „A free-thinker loses his freedom in Azerbaijan“. openDemocracy. Посетено на 2019-04-16.
  22. „Погромы в Армении: суждения, домыслы и факты. "Экспресс-Хроника", 16.04.1991 г.“. www.sumgait.info. Посетено на 2019-04-16.
  23. Azvision. „Mass human rights violation during deportation of Azerbaijanis from Armenia and Armenian-occupied territories“ (англиски). Посетено на 2019-04-16.
  24. 24,0 24,1 24,2 24,3 Barrington, Lowell W. (2009-12-18). After Independence: Making and Protecting the Nation in Postcolonial and Postcommunist States (англиски). University of Michigan Press. ISBN 9780472025084.
  25. Лëзов, С. В. (1999). Попытка понимания: избранные работы (руски). Университетская книга.
  26. „Карабах: хронология конфликта“ (англиски). 2005-08-29. Посетено на 2019-04-16.
  27. 27,0 27,1 „Демоскоп Weekly - Приложение. Справочник статистических показателей“. www.demoscope.ru. Посетено на 2019-04-16.
  28. „Эривань / Энциклопедия Брокгауза и Эфрона“. gatchina3000.ru. Посетено на 2019-04-16.
  29. Suny, Ronald Grigor (1993). Looking Toward Ararat: Armenia in Modern History (англиски). Indiana University Press. ISBN 9780253207739.
  30. „Глава 5. Ереван. Тайны Востока“ (англиски). 2005-07-08. Посетено на 2019-04-16.
  31. „International Protection Considerations Regarding Armenian Asylum-Seekers and Refugees“ (PDF).
  32. „Armenia“. U.S. Department of State (англиски). Посетено на 2019-04-16.
  33. „Население Армении - чуть больше 3,2 млн“. www.languages-study.com. Посетено на 2019-04-16.
  34. „SECOND REPORT SUBMITTED BY ARMENIA PURSUANT TO ARTICLE 25, PARAGRAPH 1 OF THE FRAMEWORK CONVENTION FOR THE PROTECTION OF NATIONAL MINORITIES“ (PDF).
  35. „Новости - Армения“. web.archive.org. 2007-02-25. Архивирано од изворникот на 2007-02-25. Посетено на 2019-04-16.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]