Денко Дејановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Денко Дејановски
Роден 1920 година
Никифорово
Починал февруари, 1944 година
Козица (Кичевско)
Народност Македонец

Денко Дејановски - Мате (Никифорово, Гостиварско, 1920 - Козица, Кичевско, 1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Потекнувал од сиромашно селско печалбарско семејство. Од почетокот на април 1937 година, па се до 6 април 1941 година, беше на печалба во Белград како ѕидарски работник.

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Споменик на НОБ во Никифорово, на кое се наоѓа и името на Дејан Дејановски.

Веднаш по бомбардирањето на Белград од страна на Германија, се вратил во своето родно село Никифорово. По враќањето се вклучил во народноослободителното движење и за кусо време станал активен соработник на НОБ, а во втората половина на 1941 година бил примен за член на КПЈ во првата партиска ќелија во Никифорово. Тој мошне совесно и одговорно ги извршувал задолженијата што му ги поставувала партиската ќелија. Покрај задачите што ги вршел во селото тој бил задолжен и за одржување на курирски врски со Дебар и Струга. Организирано и активно работел во Никифорово, се до заминувањето во партизани. По директива на КПЈ без колебање се вклучил во Првиот мавровски партизански одред. Како борец во одредот останал се до неговото расформирање по директива на КПЈ, односно се до крајот на ноември 1942 година. Со уште некои другари преку врски, заминал за Скопје. По кус престој во Скопје повторно се вратил во Никифорово каде живеел илегално се до формирањето на Вториот партизански одред „Кораб“. Кога на 25 април 1943 година бил нападнат Вториот партизански одред „Кораб“ од Џемовските балистички банди во Ново Село, пробивајќи се низ обрачот, Денко бил ранет в рака и лекуван во село Беличица. Веднаш по залечувањето на раната, се вклучил во Мавровскиот одред. Во партизанските одреди останал се до формирањето на Првата македонска бригада кога станал нејзин борец. Во февруари 1944 година кога бригадата се повлекувала од Февруарскиот поход, една група партизани се издвоила и се упатила кон кичевскиот терен каде се воделе повеќе борби. Во борбата кај село Козица (Кичевско), Денко храбро загинал.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 258.