Дендроцелум магнум

Од Википедија — слободната енциклопедија

Дендроцелум магнум (Dendrocoelum magnum) се ендемичен вид сплескани црви (планарии) од класата Турбелариа (Turbellaria ) во Охридско Езеро. [1]

Опис[уреди | уреди извор]

Сплесканите црви, Дендроцелум магнум, опишани се од Станковиќ, 1969 година. Имаат крупно тело и според својата големина заземаат едно од првите места во охридската серија на дендроцелидите. Според Станковиќ, должината на полово зрелите единки се движи од 24 до 26 мм, со ширина од 6 мм. Но, евидентирани биле и единки со должина од 30 мм со ширина од 7-8 мм.

Овој вид при бавно лизгање има издолжено тело, а при мирување, формата на телото е јајцевидна, со рамни рабови на телото. Предниот крај на главата, односно нејзиниот фронтален раб, е сосема малку конвексен , без посебни „ушни“ делови. Главата е мала и минува неосетно во телото, кое завршува прилично тапо. Субтермално постои мал адхезивен орган. Очите се ситни и лежат блиску едно до друго.Нивното растојание од предниот раб на главата е поголемо од растојанието до бочните рабови.

Грбот на Дендроцелум магнум е кафеаво пигментиран. Пигментацијата кон бочните рабови на телото постепено избледува. По должината на грбната страна се наоѓа една средногрбна, светлокафеава трака која одвојува два надолжни редови од разгранети светложолти дамки. Бројот на дамките се движи од 8 до 12 во секој ред. На главата, странично, се забележуваат две непигментирани бразди, а вдолѓ светлокафеавата трака се забележува една темна линија.

Усниот отвор кај овој вид се наоѓа кај третата третина од стомачната страна. Голтката е цилиндрична. Нејзиниот внатрешен мускулен слој е изграден од испреплетени мускулни влакна (својствено за претставниците на фамилијата Dendrocoelninae).

Половиот отвор е сместен постфарингијално во третата третина од стомачната страна. Околу половиот отвор се наоѓаат голем број на еозинофилни жлезди. Половиот отвор води во општиот атриум кој комуницира со аденодактилот, машкиот атриум и каналот на семеприемникот. Машкиот атриум е долг и истиот се поврзува со општиот атриум во близина на гениталниот отвор. Во задниот дел на машкиот атриум се влеваат јајцеводите преку релативно долг, заеднички јајцевод.

Пенисот се наоѓа десно од средишната линија и е изграден од булбус и папила на пенисот. Булбусот на пенисот е топчест и во неговата внатрешност се наоѓа обемен сменен меур, во кој најчесто лежи завиткана папилата на пенисот. Семеводите одделно се влеваат во булбусот на пенисот. Меѓутоа, пред нивното влевање, во нивото на голтката, како и кај другите планари, творат одредени проширувања исполнети со сперма.

Аденодактилот е сместен лево од средишната линија. Тој е покрупен од пенисот и е изграден од мускулест булбуст и папила, која го исполнува општиот атриум , или пак излегува преку половиот отвор.

Семеприемникот е обемен и е сместен помеѓу голтката и пенисот. неговиот канал е доста широк и истиот се протега грбно и во висината на задниот дел од машкиот атриум се спушта вентрално и се спојува со општиот атриум во близината на гениталниот отвор.[1]

Хоризонтална и вертикална дистрибуција[уреди | уреди извор]

Хоризонтална дистрибуција[уреди | уреди извор]

Дендроцелум магнум е организам кој го населува сублиторалниот регион на езерото, при што најголема густина на популацијата се забележува на длабочина од 25 до 30 метри , односно во појасот на корубите од школката Dreissena и некои полжави.

На длабочина од 30 метри, густината на популацијата се движи од 310 инд./ м² во Радожда и 339 инд./ м² кај месноста Св.Заум.

Вертикална дистрибуција[уреди | уреди извор]

Според вертикалната дистрибуција, Дендроцелум магнум е стенобатен организам. По однос на езерската подлога, според фактот дека исклучиво ја населува зоната на корубите, овој вид е стенотопен.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Krstanovski, Z., (1994). Biosistematski i ekolo{ki istra`uvawa na planariite od Ohridskoto, Prespanskoto i Dojranskoto Ezero so nivnite krajbre`ni vodi. Doktorska Disertacija. Univ. 'Sv. Kiril i Metodij, Prirodno-matemati~ki fakultet, Institut za biologija, Skopje.