Декада за вклучување на Ромите

Од Википедија — слободната енциклопедија
Знаме на Ромите

Декадата за вклучување на Ромите (Дешберш ле Роменго Андеријарипинаско на ромски јазик) беше иницијатива на 12 европски земји за подобрување на социо-економскиот статус и социјалното вклучување на ромскиот народ низ целиот регион. Иницијативата беше покрената во 2005 година, а проектот се спроведуваше од 2005 до 2015 година и беше првиот мултинационален проект во Европа кој активно го зајакна животот на Ромите.

Во проектот учествуваа следните земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка и Шпанија. Сите овие земји имаат ромски малцинства, кои се во доста неповолна состојба, како на економски, така и на социјален план. Словенија[1] и Соединетите Американски Држави[2] имаа статус на набљудувач.

Владите на горенаведените земји се обврзаа да го затворат јазот во однос на условите за живот и социјалните услови на ромското и неромското население, како и да стават крај на циклусот на сиромаштија и исклучување со што голем број Роми се соочуваат. Секоја од овие земји има изработено акциски план во кој се наведени целите и показателите во приоритетните области на проектот: образование, вработување, здравство и домување.

Основачки меѓународни партнерски организации на проектот се Светска банка, Фондација - Отворено општество, Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Совет на Европа (СЕ), Банка за развој на СЕ (ЦЕБ), Контакт точка за прашања за Ромите и Синтите на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Европската канцеларија за информации за Ромите, Европскиот форум за Роми, Европскиот центар за права на Ромите и Фондот за образование на Ромите. Програмата за живеалишта на Обединетите нации (ООН - ХАБИТАТ), Канцеларијата на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) станаа партнери во Декадата во 2008 година, аСветската здравствена организација (СЗО) стана партнер во 2011 година.

Ромскиот образовен фонд (РЕФ), централна компонента на иницијативата, беше основан во 2005 година. Неговата мисија беше да се прошират образовните можности за ромските заедници во Централна и Југоисточна Европа. Целта на РЕФ е да придонесе во затворањето на јазот во образовните резултати помеѓу Ромите и не-Ромите преку различни политики и програми, вклучително и преку десегрегација на образовните системи. РЕФ добива средства од влади, мултилатерални организации и приватни извори. Финансира проекти што се предложени и спроведени од влади, невладини организации и од приватни организации.

Меѓународниот управен комитет (МКС), кој беше составен од претставници на владите учеснички, меѓународни партнерски организации и ромски организации, управуваше со планирањето на проектот. Секоја година, една од владите учеснички е претседава со проектот.

Наводи[уреди | уреди извор]

 

  1. „About“. Decade of Roma Inclusion 2005-2015. Архивирано од изворникот на 2012-07-11. Посетено на 2012-07-12.
  2. „U.S. Government became observer to the Roma Decade of Inclusion“. Office of Policy Planning and Public Diplomacy, in the Bureau of Democracy, Human Rights and Labor, of the U.S. Department of State. Архивирано од изворникот на 2012-09-15. Посетено на 2012-07-12.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]