Прејди на содржината

Дегустација на виски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вообичаена чаша за дегустирање на виски

Дегустација на виски[1] — оценка на квалитетот на вискито. Неговиот квалитет, како жесток пијалак, се оценува според вкус, арома и изглед. Дегустирањето обично се извршува од група луѓе, дегустатори, кои вршат оценка на пијалакот, што понатаму ќе послужи за подобро дефинирање на неговиот квалитет. Во поново време, забележлив е пораст на заинтересираноста за ваквите дегустации, тие прераснуваат во прилично популарен настан и на социјалните мрежи.[2]

Процес на дегустација

[уреди | уреди извор]

Нема некој строго зацртан процес на дегустација на вискито, меѓутоа, за успешната дегустација важно е да се практикува и да се знае следново:

  • Дегустациски белешки — Во текот на процесот на дегустација може да се прават белешки. Тие често бидуваат поделени на белешки за мирисот, непцето и завршетокот. Не постојат правила за пишување дегустациски белешки. Најважно е да помогнат за подобро регистрирање на она што се чувствува за време на дегустирањето. Белешките можат да бидат и поемотивни. На пример, во нив, некој може да посочи дека мирисот на виски го потсеќа на стара работна соба, со мирис на мувлосани книги, на кожа и, евентуално, на арома на тутун. Треба да се знае дека секој, на свој начин, е чувствителен на одредена арома, а понекогаш нечиј нос може и да не детектира одреден мирис. Оваа појава, позната како слепило на носот, е причината зошто дегустациските белешки најдобро се составуваат од страна на тројца или повеќе дегустатори.[3]
  • Изглед — Чашата за виски треба да се држи под агол од 45 степени, често наспроти бела заднина, за да се добие јасен поглед низ пијалакот. Длабочината на бојата во голема мера е одредена од бурето во кое е кондиционирано вискито: на пример, шпанскиот и европскиот даб имаат склоност да даваат многу повеќе боја од американскиот бел даб.[4] Светлата боја може да укажува и на буре што е повторно употребено неколку пати. Златната боја може да биде последица на буре од поранешен бурбон, додека буре од шери ќе му даде на вискито бакарна боја. Бојата може да даде и индиции за староста на вискито, созревањето што го имал жестокиот пијалак, и дали се додадени вештачки бои. Меѓутоа, во вториот случај, аромата на карамела, која често се користи за боење на вискито, веројатно ќе биде забележлива.[5] По почетната проба, вискито се промешува во чашата, така што се разнесува/разлева по нејзините ѕидови и се остава да се стабилизира. Дел од алкохолот останува на ѕидот од чашата. Дебелината на таквите траги и времето што тие ќе потраат, се показател за јачината на алкохолот и за нивото на интеракција со бурето. Забележете колку интеракцијата со бурето е важна, наспроти зрелоста, бидејќи оставените траги од алкохол на ѕидовите од чашата се зависни од тоа колку било активно бурето.[6] За време на повторениот процес, откако ќе се додаде вода, магливоста на пијалакот ќе укаже дека филтрирање со ладилник не се случило.[7]
  • Нос — Пијалакот се вдишува преку нос за да може да се испита аромата (со носот). Носот треба да биде над работ на почетокот на чашата, а потоа постепено да се навлегува подлабоко во неа, за да се опфати целата арома. Во зависност од јачината на анализираниот пијалак, препорачливо е да не се нурнува носот премногу длабоко во чашата. Притоа, треба да се избегнува силно вдишување, бидејќи може да дојде до презаситување од пареата на пијалакот. Ова особено важи за пијалаци со јачина од буре, 60 % алкохол (alcohol by volume или ABV). Стандардната јачина, 40 % ABV, веројатно нема да влијае на носот на овој начин. Откако ќе се почувствувате удобно со јачината на пијалакот, типично е длабоко да вдишувате од пијалакот со отворена уста, што има ефект на отворање на непцето и полесно откривање на аромите. Потоа чашата се врти додека вискито се загрева со раката и процесот на вдишување преку нос се повторува.[8]
  • Непце — Вискито се дегустира, честопати со мали голтки на почетокот, а потоа, во поголеми количини, при што жестокиот пијалак се движи врз јазикот и се голта полека. Целта на првичната дегустација е да се процени текстурата, додека со последователните дегустации се анализираат вкусот и мирисот. Во втората дегустација се одредуваат примарните вкусови. Постојат само пет од нив, се регистрираат со јазикот: солен, сладок, кисел, горчлив и месесто-солен вкус (умами). Другите „вкусови“ се ароми, се препознаваат на задниот дел од носниот канал. Финално, вкусот на вискито ќе се задржи на непцето и ќе се менува со текот на времето како што вкусот се губи во устата.
  • Вода — Алтернативно, целиот процес се повторува со мала количина вода, што го менува вкусниот профил на жестокиот пијалак. Ова е затоа што водата ги разградува масните естри во вискито, ослободувајќи го вкусот заклучен внатре. Водата треба да биде на собна температура. Следната најдобра работа е мека изворска вода. Вода од чешма е соодветна, ако се остави да отстои неколку часа за да се раствори хлорот. Ладна вода или мраз не се препорачливи за дегустација на виски, бидејќи го блокираат вкусот. Водата треба да се додава по неколку капки за да се избегне „удавување“ на вискито. Општо земено, вискито го дава најголемиот дел од вкусот кога е разредено на 20–30 % ABV.[9]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

Постојат неколку издавачи на дегустациски белешки, вклучувајќи ги и следниве:

  • Murray, Jim (2013). Jim Murray's Whisky Bible 2013. Dram Good Books Ltd. ISBN 978-0955472978.
  • Jackson, Michael (2010). Malt Whisky Companion 6th Edition. Dorling Kindersley. ISBN 978-1405319669.
  • Buxton, Ian (2013). 101 Whiskies to Try Before You Die. Hachette Scotland. ISBN 978-0755360833.
  1. „How to taste whisky“. Архивирано од изворникот на 2013-05-14. Посетено на 2013-05-13.
  2. Away From The Ordinary (2020). „The Joys of a Virtual Whisky Tasting“. Afar.com. Посетено на 4 јуни 2021.
  3. „Whisky Magazine Nosing and Tasting Course - Part 1 : What can your nose tell you“. www.whiskymag.com (англиски). Архивирано од изворникот на 2016-02-07. Посетено на 1 ноември 2025.
  4. „Whisky Magazine Nosing and Tasting Course - Part 2 : Sensory evaluation“. www.whiskymag.com (англиски). Архивирано од изворникот на 2018-08-15. Посетено на 1 ноември 2025.
  5. „Whisky Magazine Nosing and Tasting Course - Part 2 : Sensory evaluation“. www.whiskymag.com (англиски). Архивирано од изворникот на 2018-08-15. Посетено на 1 ноември 2025.
  6. „How to Taste Whisky — Whiskybosh“. Whiskybosh (англиски). Архивирано од изворникот на 2023-04-07. Посетено на 1 ноември 2025.
  7. „Whisky Magazine Nosing and Tasting Course - Part 2 : Sensory evaluation“. www.whiskymag.com (англиски). Архивирано од изворникот на 2018-08-15. Посетено на 1 ноември 2025.
  8. „Whisky Magazine Nosing and Tasting Course - Part 2 : Sensory evaluation“. www.whiskymag.com (англиски). Архивирано од изворникот на 2018-08-15. Посетено на 1 ноември 2025.
  9. „Како да дегустирате виски“. Архивирано од изворникот на 2016-10-24. Посетено на 2025-11-01.