Два дена, една ноќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Два дена, една ноќ (француски: Deux jours, une nuit) е филм од 2014 година, во режија на браќата Жан-Пјер и Лик Дарден (Jean-Pierre Dardenne, Luc Dardenne), кои се автори и на сценариото. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Марион Котијар (Marion Cotillard), Фабрицио Роњоне (Fabrizio Rongione), Катрин Сале (Catherine Salée) и Пили Гројне (Pili Groyne). Режиесерите, заедно со Денис Фрејд (Denis Freyd), се продуценти на филмот, кој е снимен во продукција на Les Films du Fleuve. Кинематографер е Алан Маркоен (Alain Marcoen), а монтажата е дело на Мари-Елен Дозо (Marie-Helene Dozo). Филмот трае 95 минути, а неговата премиера била одржана на 20 мај 2014 на Канскиот филмски фестивал. Филмот освоил две награди на филмските фестивали, а бил номиниран и за „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал.[1] [2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива во индустриското гратче Серен, во провинцијата Лиеж, во Белгија. Сандра (ја игра Котијар) е мајка на две малолетни деца, која штотуку се вратила од лекувањето на нејзината депресија. Тогаш, нејзе ѝ се јавува колешката Жулиет (ја игра Сале), која ја известува дека сопственикот на фирмата за соларни системи во која работат организирал гласање во кое вработените требало да се изјаснат, дали да добијат бонус од 1.000 евра или Сандра да се врати на работа. Притоа, повеќето вработени го одбрале бонусот, така што Сандра е отпуштена. Набрзина, таа оди во фирмата, каде со поддршка на Жулиет, го убедува сопственикот да се повтори гласањето. Така, таа има можност за време на викендот да ги убеди своите колеги да гласаат за нејзино останувањена работа, а во тоа има голема поддршка од сопругот Ману (го игра Роњоне).

Во трка со времето, Сандра ги посетува сите вработени поединечно и од нив добива различни одговори: некои ја поддржуваат веднаш, некои се согласуваат дури откако таа ќе им ја објасни својата положба, но други не сакаат да гласаат за неа, бидејќи им се потребни парите. На крајот, во понеделникот, таа оди на работа, каде се повторува гласањето на кое резултатот е нерешен. Таа е разочарана, но сопственикот на фирмата ѝ нуди да продолжи со работата, по цена да не му го продолжи договорот на еден од вработените. Сандра ја одбива понудата, бидејќи станува збор за едно момче кое гласало во нејзина полза. Таа ја напушта канцеларијата на шефот со голем елан да тргне во потрага по нова работа.[3] [4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. IMDb, Two Days, One Night (2014) (пристапено на 17.11.2014)
  2. МКЦ, Пази се! Доаѓа Cinedays 13. 13-22 Ное., Скопје, 2014, стр. 34.
  3. IMDB, Two Days, One Night (2014) (пристапено на 17.11.2014)
  4. МКЦ, Пази се! Доаѓа Cinedays 13. 13-22 Ное., Скопје, 2014, стр. 34.