Да се преживее неделата (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Да се преживее неделата (француски: Vivement dimanche!) е француски филм од 1983 година, во режија на Франсоа Трифо (François Truffaut), кој е автор и на сценариото, заедно со Сузан Шифман (Suzanne Schiffman) и Жан Орел (Jean Aurel). Филмот претставува преработка на романот „Долгата саботна ноќ“ (The Long Saturday Night) на Чарлс Вилијамс. Главните улоги ги играат: Фани Ардан (Fanny Ardant), Жан-Луј Трентињан (Jean-Louis Trintignant), Жан-Пјер Калфон (Jean-Pierre Kalfon), Филип Лауденбах (Philippe Laudenbach), Филип Морие-Жену (Philippe Morier-Genoud), Жан-Луј Ришар (Jean-Louis Richard) и Каролин Сиол (Caroline Sihol). Ова е последниот филм на Трифо, кој умрел една година подоцна. Во него, Трифо споил повеќе елементи од неговото творештво: враќање на црно-белата техника, контрапукција на криминалистичкото проседе, употребата на хуморот итн. Заплетот и црно-белата слика потсетуваат на американскиот „филм-ноар“ од 1940-тите и 1950-тите, само во модерна форма, приспособена на естетиката од почетокот на 1980-тите. Филмот бил номиниран за наградата на БАФТА за најдобар филм на странски јазик, како и за наградата „Цезар“ во категориите: најдобра женска улога и најдобра режија.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Клод Масолие е убиен при лов, а главниот осомничен за убиството е Жулијан Версел (го игра Трентињан), агент за недвижнини чии отисоци се пронајдени на Клодовиот автомобил. Во својот дом, Жулијан добива анонимен телефонски повик во кој женски глас му кажува дека неговата сопруга, Мари-Кристин Версел (ја игра Сиол), имала многу љубовници, меѓу кои бил и Клод. Жулијан го приведуваат во полициската станица на испитување, а кога се враќа дома, тој ја наоѓа сопругата мртва. Така, тој е осомничен уште за едно убиство и поради тоа се крие од полицијата. Неговата секретарка, Барбара Бекер (ја игра Ардан), започнува сопствена истрага при што оди во Ница, барајќи информации за минатото на Мари-Кристин. Барбара дознава дека некој маж нарачал од тамошната детективска агенција да ја следи Мари-Кристин, но не познато кој е нарачателот. Постепено, таа го открива идентитетот на жената која анонимно го предупредила Жулијан за неверствата на Мари-Кристин и дознава дека таа е сосопственичка на ноќен клуб што се занимава со проституција. Додека трае истрагата, Барбара и Жулијан се вљубуваат еден во друг. Барбара оди во ноќниот клуб и таму е сведок на убиството на сопственикот на клубот, по што е убиена и жената која анонимно му се јавила на Жулијан. Еднаш, Барбара влегува во канцеларијата на адвокатот на Жулијан и таму ги открива доказите за неговата вина за убиствата. Благодарение на нејзините информации, адвокатот е повикан во полицијата. Вознемирен, тој излегува надвор и се јавува во детективската агенција во Ница, а кога полицијата го опколува, тој извршува самоубиство. Филмот завршува така што Барбара и Жулијан се венчаваат.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]