Даница Перчинкова

Од Википедија — слободната енциклопедија
Даница Перчинкова
Родена 15 април 1925
Ваташа, Кавадеречко , Македонија Македонија
Починала 2002
Занимање професор

Даница Перчинкова (родена на 15 април 1925 година во Ваташа, Кавадеречко - починала во 2002 година) — македонски научник и универзитетски професор.

Животопис[уреди | уреди извор]

Даница Перчинкова е родена на 15 април 1925 година во Ваташа, Кавадеречко. Основно училиште завршила во родното место, а гимназија учела во Кавадарци и Скопје. Матурирала во Кавадарци во 1944 година. По завршувањето на гимназијата, две години работела како учителка во околината на Кавадарци, а од 8 јуни до 1 декември 1946 година била службеник при Претседателството на Владата на НРМ. Потоа се запишала на студии како редовен студент во првата генерација на студенти на Филозофскиот факултет (група за математика). Дипломирала на 30 септември 1950 година со општ среден успех 9,25. Од 28 мај 1947 до 30 октомври 1950, била демонстратор (лаборант) при Катедрата за математика. Веднаш по дипломирањето била избрана за асистент на Катедрата за математика на Филозофскиот факултет во Скопје. Станала доцент во 1959, вонреден професор во 1965, а редовен професор во 1971 година (до пензионирањето во 1975 г.). Нејзиниот хабилитационен труд, примен од факултетската управа на Филозофскиот факултет во Скопје на 28 декември 1957 година носи наслов „Прилог кон интеграцијата на диференцијалните равенки“, а дисертациониот труд (одбранет на 20 мај 1963 г.) има наслов „Прилог кон изучувањето на хомогените проблеми со сопствени вредности при обичните линеарни диференцијални равенки“. Била на студиски престои на Електротехничкиот факултет во Белград, во Институтот „Анри Поенкаре“ во Париз и на Природно-математичкиот факултет во Париз.

Како наставник држела предавања по предметите: диференцијални равенки, диференцијално и интегрално сметање, вовед во виша математика и математички семинар.

Одликувана е со орден на трудот од трет ред и орден на трудот со златен венец, а има добиено и плакети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1979) и ПМФ (1986 г.). Добила и повеќе повелби: по повод 30-годишниот јубилеј на ДМФАЈ, по повод 30-годишнината на ДМ НРМ и други. Во светската едиција „Која е која од жените во светот“ (Меѓународен биографски центар Кембриџ, Англија) е дадена нејзината куса биографија (во третот издание од 1976 г., на стр. 665 и во четвртото издание од 1978 г. на стр. 907).

Починала во 2002 година.

Литература[уреди | уреди извор]

  • ПМФ 1946-2006, монографија; БУ бр. 331/1979.