Гробница за Борис Давидович

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Гробница за Борис Давидович (српски: Гробница за Бориса Давидовича) - збирка раскази на српскиот писател Данило Киш од 1976 година. Книгата содржи седум раскази со поднаслов „Седум поглавја на една заедничка повест“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во збирката се застапени следниве раскази:

  • Нож со дршка од дрво на роза
  • Маторицата што ги голта своите рожби
  • Механички лавови
  • Магиско кружење на картите
  • Гробница за Борис Давидович
  • Кучиња и книги
  • Куса биографија на А. А. Дармолатов (1892 - 1968)

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Токму „Гробница за Борис Давидович“, објавена во 1976 година, е книгата што најмногу ги иницирала книжевните расправи и дискусии за оправданоста, односно неоправданоста на прозните зафати на Киш. Обединувањето на седумте раскази во поголема тематска целина го чинат речиси идентичните судбини на неколку луѓе-жртви на тоталитаристичко општество, чија трагична смрт не е поради нивното неприклонување кон стожерот на владејачката идеологија, туку поради некоја ирационална логика на режимот. Неоснованите и апсурдни судења, затворања и прогонства на ликовите во овие раскази може да се споредат со кафкијанскиот модел на беспричинско казнување кога меѓусебното разбирање меѓу надредените инстанци и поединецот е невозможно.

Втората заедничка црта на седумте раскази е идентичната наративна постапка во обликувањето на приказните, која се стреми да им даде печат на автентичност. Повикувајќи се на документирани факти и сведоштва, раскажувачот, поради некаква објективност, привидно се дистанцира од своеволни интервенции во раскажувањето. Но, на маргините на таа успешно изведена мистификација се насетува неговиот ироничен однос, што на тој начин ја разблажува бесмисленоста на човечките судбини жртвувани во името на т.н. хумани идеали. Иако книгата „Гробница за Борис Давидович“ во себе вградува конкретен историски период и конкретни човечки биографии, сепак, таа го носи универзалниот и безвременски печат на сите човечки трагедии во, како што вели авторот во едно интервју, сеопштата историја на бесчестието (преземајќи ја оваа синтагма од наслов на книга од Борхес).