Прејди на содржината

Грејпфрут

Од Википедија — слободната енциклопедија
Блиска снимка на кришка црвен грејпфрут што ја прикажува зрнестата текстура, сочните меурчиња и дебелината на белиот слој на лушпата.

Грејпфрут (латински: Cītrus paradīsi)[1][2] — суптропско зимзелено дрво, важна овошна култура; вид од родот цитрус од семејството седефчиња; истото име го носат и плодовите од ова растение, кои достигнуваат пречник од 10 до 15 см.[3]

Историски податоци

[уреди | уреди извор]

Прв му раскажал на светот за грејпфрутот велшкиот ботаничар и свештеник Грифитс Хјуџес во 1750 г. Тој го нарекол овошјето „забранет плод“. Подоцна, грејпфрутот почнале да го нарекуваат „мал шедок“ поради неговата сличност со помелото, кое тогаш го нарекувале шедок (според презимето на англискиот капетан Шедок, кој го донел во XVII век на островот Барбадос), а во 1814 г. на Јамајка трговците го преименувале плодот во грејпфрут. Претставува случаен хибрид помеѓу помелото и портокалот.[4] По 1880 г. започнал брз раст на индустриското производство на оваа култура во САД, а потоа и во земјите од Карипскиот Басен, Бразил, Израел и ЈАР. Во XX век грејпфрутот го зазел водечкото место на светскиот пазар на овошје.

Според надворешниот изглед, плодовите на грејпфрутот се слични на плодовите на портокалот, но нивната внатрешност е покисела и со горчлив вкус. И покрај тоа, во енциклопедиите тие се класифицираат како диететски плодови. Подоцна, врз основа на грејпфрутот, одгледувачите создале танџело (хибрид Citrus paradisi x Citrus reticulata, 1905) и минеола (вид танџело, производ од мандарина од сортите Dancy и грејпфрут од сортата Duncan, 1931).

Просечниот рок за кој плодовите созреваат изнесува приближно 9 до 12 месеци.

На 2 февруари во земјите каде што се одгледува грејпфрут започнува „Празник на берба на грејпфрут“, кој трае неколку дена. Во Бразил овој празник е национален.

Етимологија

[уреди | уреди извор]

Името е создадено од англиските зборови англиски: grape (грозје) и fruit (овошје/плод), бидејќи плодовите на грејпфрутот често се собираат во гроздови, потсетувајќи на гроздовите од грозје. Растението било сметано за помело сѐ до 1830-тите, кога му било доделено латинското име Citrus paradisi.

Ботанички опис

[уреди | уреди извор]
Цветови од грејпфрут

Зимзелено дрво, обично со висина од околу 5 до 6 м, но забележани се и случаи кога дрвото достигнувало 13 до 15 м.

Листовите се темнозелени, долги (до 15 см) и тенки.

Цветовите се бели, со четири до пет ливчиња и со пречник од околу 5 см.

Плодот е со пречник од околу 10 до 15 см, со кисело-слатка горчлива внатрешност (месестиот дел) поделена на кришки. Бојата на внатрешноста разнообразува во зависност од сортата — од светложолта до црвено-рубин. Лушпата на плодовите е жолта, а кај сортите со црвена внатрешност може да добие црвеникава нијанса. Плодовите содржат гликозид наринген, кој им дава горчлив вкус.[5]

  1. ↑ Wulf, E. V.; Maleeva, O. F. „Citrus paradisi Macfad. - Грейпфрут, Гроздевидный пампельмус“. World Resources of Useful Plants [Мировые ресурсы полезных растений].
  2. ↑ „Internet Archive: Scheduled Maintenance“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2006-09-12. Посетено на 2026-09-02.
  3. ↑ Morton, J. (1987). „Grapefruit“. Fruits of Warm Climates. стр. 152–158. Архивирано од изворникот 2000-10-06. Посетено на 2012-02-09.
  4. ↑ „Genetic origin of cultivated citrus determined: Researchers find evidence of origins of orange, lime, lemon, grapefruit, other citrus species“ (англиски). ScienceDaily. Архивирано од изворникот 2017-09-21. Посетено на 2019-07-16.
  5. ↑ „Грейпфрут“. Great Soviet Encyclopedia (1969–1978).

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  • Грейпфрут // Большая советская энциклопедия : [в 30 т.] / гл. ред. А. М. Прохоров. — 3-е изд. — М. : Советская энциклопедия, 1969—1978. (руски)