Прејди на содржината

Грајфсвалдски Залив

Координати: 54°13′22″N 13°32′48″E / 54.22278° СГШ; 13.54667° ИГД / 54.22278; 13.54667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Поглед кон заливот

Грајфсвалдски Залив (германски: Greifswalder Bodden) — залив во југозападниот дел на Балтичкото Море, близу германскиот брег во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија. Со површина од 514 км², тој претставува една од најголемите области со соленикава вода на германскиот балтички брег, кои во германскиот јазик се нарекувани „боден“ (Bodden).[1]

На запад се наоѓа островот Риген; на југоисток, островот Узедом; на исток, Поморскиот Залив и на југ,германското копно. Заливот е исто така поврзан со Балтичкото Море преку Штрелазунд, тесен мореуз кој го одвојува Риген од копното. Северниот крај на заливот понекогаш е нарекуван Ригенски Залив (Rügischer Bodden).

Самиот залив има прилично вовлечен брег, поради што се појавуваат заливи во заливот. ’Ртовите Менхгут (во источен Риген) и Цудар (во јужен Риген) – првиот всушност е составен од неколку полуострови – го делат заливот на многу помали. Главното пристаниште во заливот се наоѓа во Грајфсвалд. Помеѓу островите во источниот дел на заливот се наоѓаат Вилм, Кос, Римс и поранешниот остров Штубер, сега песочен брег.

Грајфсвалдскиот Залив е прилично плиток, со просечна длабочина од 5,6 метри и максимална длабочина од 13,5 метри.[1] Неговата вода е соленикава наместо солена пред сè поради вливот на реките и комплексната хидрографија на Балтичкото Море (посолената вода обично се наоѓа на поголеми длабочини). Просечната соленост е од 7 до 8 psu,[2] движејќи се од 5,3 до 12,2 psu.[1]

Пред повторното обединување на Германија во 1990, Грајфсвалдскиот Залив бил јавно место за водени спортови, за разлика од поголемиот дел од балтичкиот брег во Источна Германија. Локалната географија го прави многу лесен неговиот надзор, спречувајќи ги оние кои би помислиле да го користат за бегство од земјата. Место надвор од Варшавскиот пакт најблиску до заливот бил данскиот остров Борнхолм, повеќе од 100 километри оддалеченост.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 Улрих Шивер, Екологија на балтичките крајбрежни води, Springer, 2008, стр. 87, ISBN 3-540-73523-2
  2. Reinhard Lampe in Hans Heinrich Blotevogel, Jürgen Ossenbrügge, Deutsche Gesellschaft für Geographie, "lokal verankert, weltweit vernetzt": [52. Deutscher Geographentag, Hamburg, 2.-9. Oktober 1999]: Tagungsbericht und wissenschaftliche Abhandlungen, Franz Steiner Verlag, 2000, p.123, ISBN 351507631

54°13′22″N 13°32′48″E / 54.22278° СГШ; 13.54667° ИГД / 54.22278; 13.54667