Градски ѕид

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Градски Ѕид - Скопје)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Градски ѕид

Градски ѕид — е составен дел од центарот на градот Скопје и е проектирана од познатиот јапонски архитект Кензо Танге, после големиот земјотрес во Скопје, во 1963 година. Како составен дел од центарот на градот, композицијата го нагласува и обиколува централното градско јадро, а објектите се ситуирани десно од реката Вардар.

Градскиот ѕид се состои од верижно поврзани блокови ( P+6, H=24m ) и кули ( P+12, H=45m ) – еден вид на прстенеста ѕидна рамка во модерна интерпретација.

Местоположба и ориентација[уреди | уреди извор]

Објектите се ситуирани десно од реката Вардар, помеѓу реката и булеварот „ЈНА„, „Јужен булевар„, булеварот „Кочо Рацин„. Блоковите се со ориентација север-југ и североисток-југозапад, а становите во станбените кули се ориентирани во правец североисток-северозапад. Двата вида на објекти внесуваат разноликост во композицијата – кулите овозможуваат аерација на блоковите кои се виткаат кон центарот, а помеѓу станбените кули и блоковите се наоѓаат зелени површини, детски игралишта, градинки и простори за одмор, кои во решението се одвоени од надворешниот сообраќај со цел овозможување на безбедност.

Историја[уреди | уреди извор]

По земјотресот во 1963 година градот Скопје имаше потреба за нов урбанистички план. Во 1965 година беше распишан интернационален конкурс за нов урбанистички план за центарот на градот на кој учествуваа како домашни (во тоа време – југословенски) така и странски архитекти. На меѓународниот конкурст поголемиот дел од првата награда ја доби планот за центарот на Скопје на јапонскиот архитект Кензо Тангe. План кој ќе донесе нов развој на градот, кој нема да ги занемари неговите историски вредности, но сепак ќе создаде еден нов, модерен, идентитет на градот. „Градскиот Ѕид„ е можеби најмаркантната структура во планот на Кензо Танге и единствена структура која е во целост изведена од неговиот план. Оваа структура е најпрепознатливиот елемент од неговиот план кој се простира низ целиот центар на Скопје. И покрај тоа што „Градскиот Ѕид„ претрпел повеќе измени од првичната замисла до неговата изведба, сепак неговата симболика и метафоричка претстава и ден денес е зачувана.

Архитекти[уреди | уреди извор]

Градски ѕид е идејно дефиниран со конкурсниот проект (1965) на Кензо Танге. Меѓутоа, при разработката на проектот со т.н. деветтата варијанта се отстапува од конкурсната идеја за Градски ѕид оформен со повеќекатни терасести блокови, кои се заменети со станбени кули и ламелни станбени блокови. Станбените блокови (1966-) се подигнати според проектите на авторскиот тим составен од: Н. Богачев, С. Ѓуриќ, Љ. Маленкова, А. Серафимовски, С. Симоски и В. Ќосевска.

Автори на станбената кула тип М (1966-) во состав на Градскиот ѕид се Д. Димитров, С. Ѓуриќ, В. Ладинска, Р. Минчева и А. Серафимовски, додека Александар Смилевски (1939-) се јавува како автор на станбената кула тип Б (1966-). Сите тие објекти имаат примерно функционално решение и конструктивен состав, и еден „рутински“ обликуван израз.

Градски ѕид - Скопје

Архитектура[уреди | уреди извор]

Најголемата структура во планот на Танге и структура која го дефинира центарот на градот – „Градскиот Ѕид„ е првенствено станбена структура намената да ги задоволи потребите за станување кој поради земјотресот биле круцијални во тоа време. Барањата на градот тогаш биле со новиот план на Скопје да се обезбедат 2200 станови кои Танге требало да ги предвиди во неговата единствена станбена структура – „Градскиот Ѕид„. Оваа урбана структура требало да го обиколи центарот на градот толку колку што топографијата би дозволила. Тој е всушност станбена структура со висока густина на жители кои би живееле во неа и која воедно би содржела и други содржини задоволувајќи ги потребите на граѓаните. Првичната идеја била тој да биде составен од поврзани високи блокови чии долен дел би бил трапезоиден. Подоцна тие биле едноставни кубични блокови кои се верижно поставени и кои го обиколуваат центарот на градот на десниот брег и пресечени од Републичкиот Плоштад, продолжуваат на левиот брег на реката Вардар.

Поминувајќи низ деветте верзии на планот на Кензо Танге, Градскиот Ѕид повеќепати се менувал. Блоковите од Градскиот Ѕид кои биле предвидени да се градат на левиот брег на Вардар биле отстранети поради тоа што од таа страна немало потреба од структура која би го дефинирала центарот на градот. Од една страна, тврдината Кале и старата скопска чаршија не би ги прифатиле овие нови структури, а од друга страна тврдината, чаршијата и ридот Гази Баба се ефективен природен „ѕид“ на северната страна од центарот на Скопје. Во формата на Градскиот Ѕид се имплементирани и кули. Со тоа тој се состои од верижно поврзани блокови со висина од 24 метри и кули високи 45 метри кои би ги пресекувале овие линеарни елементи. Висината на блоковите се совпаѓа со висината на веќе постоечките објекти во центарот на градот и така тие не би доминирале. Со тоа се дооформува идеата за Градскиот Ѕид – тој да биде еден вид на ѕид-тврдина во модерна интерпретација. Кулите се поставени на двете страни од улиците кои ја пресекуваат оваа структура или на местата каде што ѕидот формира агол. Тие се поставуваат во групи од 2 или 3 кули. Со тоа нивната симболична интерпретација би била дека тие се бастиони на тврдината. По должината на целиот Градскиот Ѕид било замислено да има шеталиште. Оваа структура било предвидено целосно да се втопи во зеленило. Балконите на горните катови на блоковите од Градскиот Ѕид биле замислени да бидат издадени за да ја покријат таа патека. Паркирањето на возилата е решено да биде во подземни паркинзи и надземни паркиралишта пред објектите.

Приземниот дел на објектите и мезанинот било предвидено да бидат окупирани од комерцијални содржини и на места да има пасажи низ објектите кои би го поврзувале предниот и задниот дел од Градскиот Ѕид. Така оваа структура би овозможила и поинакви доживувања од нејзините две страни. Предниот дел на ѕидот е ориентиран кон центарот на градот, кон фреквентни улици и дел кој е бучен, додека задниот дел станува поинтимен дел со плочник кој би претставувал бегство од урбаниот и брз живот. Овие две доживувања се поврзани преку периодичните пасажи. Градскиот Ѕид е планиран да биде еден од главните белези на градот. Тој е структура која не може да се одмине при пешачко или автомобилско движење низ центарот на градот. Структура која се повторува и која му дава идентитет на градот. Овој ѕид го затвора центарот на градот, без да се наметнува на внатрешноста и оставајќи ја таа понатаму да се развива. Човекот е основната еднинка според која се водат урбанистите и планерите и при планирањето треба да се овозможи негов поквалитетен живот. Така луѓето како перманентна единка на еден град, Танге ги сместува во овој симболичен ѕид кој воедно и го дефинира новиот идентитет на градот. Овој ѕид го одвојува центарот на градот, но воедно и го поврзува со останатитот дел на градот овозможувајќи им на луѓето за момент да влезат или да избегаат од брзиот и бучен живот.

Станбени кули, дел од градски ѕид - Скопје

Внатрешна организација на станови[уреди | уреди извор]

Оваа композиција на блокови и кули, се состои со капацитет од околу 1814 станови, во кои се сместени околу 7800 корисници. Преку пристапни улици и пешачки патеки, композицијата воспоставува контакт со околината и во внатрешноста на истата се предвидени околу 1800 паркинг места, од кои, 1000 на отворено и под тремови, а околку 800 гаражирани во подземно ниво.

Структурата на становите во овие станбени објекти е :

- гарсониери 56

- двесобни 308

- двеиполсобни 448

- трисобни 792

- четирисобни 38

- петсобни 112

-------------------------------------------------

Вкупно: 1814 станови

Освен тоа, секоја од кулите и блоковите беше предвидено да располага со помошни простории како – просторија за состаноци на куќен совет и игра за деца, двособен стан за хаузмајстор, работилница со остава, просторија за оставање на велосипеди и детски колички, заедничка сушална во мезанинот и сл.