Прејди на содржината

Градиште (Шестево)

Координати: 40°35′26″N 21°16′41″E / 40.5905° СГШ; 21.2780° ИГД / 40.5905; 21.2780
Од Википедија — слободната енциклопедија
Градиште
Κάστρο του Λογγά
Остатоци од тврдината
Карта
МестоШестево, Костурско
ОбластЕгејска Македонија, Грција
Координати40°35′26″N 21°16′41″E / 40.5905° СГШ; 21.2780° ИГД / 40.5905; 21.2780
Видтврдина
Историја
Раздобјеримско и среден век
Белешки за наоѓалиштето
Состојбаурнатини

Градиште или Шестевска тврдина (грчки: Κάστρο του Λογγά) — средновековна тврдина чии остатоци се наоѓаат во селото Шестево, Костурско, Егејска Македонија.[1]

Местоположба

[уреди | уреди извор]

Тврдината е сместена на врвот на мал рид, на кратко растојание источно од Шестево. Пристапот до неа е мошне тежок и возможен само низ премин од северна страна на замокот, што ја прави важно и недостапно утврдување.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Групи проучуваања на тврдината направил истакнатиот археолог Николаос Муцопулос, кој утврдил дека средновековната тврдина се темели на постара римска населба. Римската ѕидина била укрепена со кула во времето на големите градежни потфати на Јустинијан I во VI век. Може да станува збор за тврдината Лагис (Λάγης), која стои на долгиот список на Прокопиј Кесариски за тврдините на Јустинијан во Македонија и останала непрепознаена.[1]

Тврдината е уништена во VII век од словенските напади и напуштена до X век, кога е обновена од македонските кралеви. Оваа нова тврдина Лонга (Λογγά) прв ја споменува византискиот летописец Јован Скилица во неговиот опис на походите на царот Василиј II против Самуил: „тврдината наречена Лога беше под опсада“[2].[1] Според Николаос Мерѕос тука е месноста Убави Дабови, која според Скилица се наоѓала „меѓу Костур и Преспа“, и во која е убиен комитопулот Давид, братот на Самуил.[3][4] Царот во 1017 г. ја продолжил војната против Самуил во Западна Македонија. Пристигајќи на подрачјето северно од Костур, тој релативно лесно го зазел замокот Лонга и се продолжил да се движи кон Костур, но не успеал да го совлада отпорот на Македонците. Лонга е уништена, а жителите се распрснале.[1]

Следното сведоштво, кое веројатно се однесува на таа тврдина, е на Георги Акрополит, кој ги опишува судирите помеѓу армиите на Никејското Царство и епирскиот деспот Михаил II Комнин, кој им се приклучил на Норманите. Во 1259 г. се одиграла решавачка битка меѓу никејската и норманската армија. Таа е позната како Пелагониска битка, но започнала со судир кај Бориловата Шума (Βορίλλα λόγγος). Тројца византиски историчари — Георги Пахимер, Георги Акрополит и Никифор Григора ја нарекуваат Битка кај Костур и некои историчари сметаат дека таа се водела во малата долина северно од езерото, близу старата тврдина Лонга.[1]

На крајот на византискиот и почетокот на османлискиот период на подножјето на ридот, 3 км западно од Тиолишта, е создадено селото Л’ка. Тоа село е напуштено пред 1880 г. поради свлечишта и поплави од реката која се спушта од Вишени, како и поради зулумите на албанските банди.[1]

Бедемот е зачуван на висина од околу 1,70 м. Изграден е од сув камен без малтер и оградува површина од 7 декари. Бил висок 2,5 - 3,0 м, а дебел 2,20 м, со внатрешна коса потпора за подобра одбрана бидејќи на влезот има само една кула.[1]

Внатре има напречни ѕидови кои ја двојат тврдината на две нивоа. На југоисточниот крај се остатоците од црквата, мала базилика со внарешен двор одзади. Откриени се многу фрагменти од керамика и стаклени садови, водоводни цевки, два гроба и метални предмети како ножеви, стрели и накит.[1]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 „Κάστρο του Λογγά“. Ελληνικά Κάστρα. Посетено на 29 декември 2020.
  2. φρούριον τὸ λεγόμενον Λογγᾶν εἷλε πολιορκίᾳ
  3. τούτων δὲ τῶν τεσσάρων ἀδελφῶν Δαβὶδ μὲν εὐθὺς ἀπεβίω ἀναιρεθεὶς μέσον Καστορίας καὶ Πρέσπας κα τὰς λεγομένας Καλὰς δρῦς παρά τινων Βλάχων ὁδιτῶν
  4. Μέρτζος, Ν. Ι (2001). Αρμάνοι: Οι βλάχοι (грчки). Θεσσαλονίκη: Ρέκος. стр. 15. ISBN 960-358-143-7.