Градината на Финци-Континиеви
„Градината на Финци-Континиеви“ (италијански: Il giardino dei Finzi-Contini) — историски роман на Џорџо Басани. Романот е пишуван во периодот 1958-1961, а објавен е во 1962 година. Во него се раскажува за случувањата и односите меѓу нараторот и семејството Финци-Контини, во периодот од подемот на Бенито Мусолини до почетокот на Втората светска војна. Притоа, романот е посветен на Микол.[1]
Заднина
[уреди | уреди извор]„Градината на Финци-Континиеви“ се смета за најдобар од низата романи што Басани ги напишал за животот на италијанските Евреи во италијанскиот град Ферара. Иако романот се фокусира на односите меѓу главните ликови, сенката на притаениот италијански фашизам, особено на расните закони кои го ограничуваа учеството на Евреите во италијанското општество, се наѕира зад сите настани во романот. Според Басани, сто осумдесет и три Евреи кои живееле во Ферара биле депортирани во германските концентрациони логори, претежно под марионетската Италијанска Социјална Република во 1943 година.
Кратка содржина
[уреди | уреди извор]Пролог
[уреди | уреди извор]Романот започнува со краток пролог во кој нараторот објаснува дека идејата за романот се родила во април 1957 година, кога со своите пријатели ја посетува познатата етрурска гробница во околината на Рим. Тогаш, тој се потсетува на семејната гробница на семејството Финци-Контини во Ферара. Од помладите генерации, во гробницата на семејството Финци-Контини почиваат Гвидо, шестгодишниот син кој починал од болест пред да се роди нараторот, и Алберто, вториот на Финци-Контини и пријател на нараторот, кој починал од лимфогрануломатоза (Хочкинов лимфом) пред депортацијата на остатокот од семејството во концентрационен логор во Германија. Тука, нараторот открива дека никој од Финци-Контини не ја преживеал војната.[2]
Прв дел (I-VI глава)
[уреди | уреди извор]Првиот дел од книгата ги опфаќа искуствата од детството на нараторот, опишувајќи ги различните општествени кругови на локалното еврејско население и неговите односи со децата на Финци-Контини, синот Алберто и ќерката Микол. Во градските гробишта се наоѓа семејната гробница на Финци-Контини, изградена во 19 век од богатиот поседник Мојзе Финци-Контини кој, исто така, ја изградил и големата семејна куќа во околината на гардот, опкружена со огромна градина. По смртта на Мојзе, во куќата живее неговиот син, професорот Ермано со сопругата Олга и со децата. Во 1914 година, на шестгодишна возраст, умира нивниот прв син Гвидо, а во следните две години се ражаат синот Алберто и ќерката Микол. За разлика од другите деца кои учеле во јавното училиште, Алберто и Микол ги учат приватни учители, а тие се појавуваат во јавното училиште само на годишните испити. Летото, 1929 година, раскажувачот паѓа на тестот по математика и, разочаран и исплашен од реакцијата на татко му, шета надвор од градот и доаѓа во близината на имотот на Финци-Континиеви, каде што разговара со Микол. Таа го кани да влезе во градината, но тој е загрижен за безбедноста на својот велосипед. Микол му покажува безбедно скривалиште, но додека го крие својот велосипед, тој започнува да фантазира, а во меѓувреме Микол ја повикуваат да се врати дома и така нараторот ја пропушта можноста да ја разгледа градината.[3]
Втор дел (I-V глава)
[уреди | уреди извор]Дејствието во вториот дел се одвива во 1938 година, кога биле донесени расните закони со кои на Евреите им биле скратени многу права. Во меѓувреме, нараторот, Алберто и Микол стануваат студенти и неколку години немаат никаков меѓусебен контакт. Еден ден, кон крајот на октомври, откако на Евреите им е забрането да членуваат во градскиот тениски клуб, Алберто неочекувано му се јавува на нараторот со покана да го посети имотот на Финци-Континиеви за да играат тенис. Неколку дена подоцна, и Микол ја повторува поканата. Така, во следните десетина дена, нараторот и неколку други младинци секојдневно го посетуваат имотот на Финци-Континиеви, играјќи тенис на нивното приватно тениско игралиште. Таму, нараторот се запознава и со таткото на Алберто и Микол, професорот Ермано, а неколкупати има можност да прошета заедно со Микол по имотот.[4]
Трет дел (I-VII глава)
[уреди | уреди извор]Лошото време го прекинува дружењето на раскажувачот со Микол, но тие продолжуваат секојдневно да се слушаат по телефон. а тој чувствува дека е заљубен во неа. Еден ден, Микол без најава заминува во Венеција за да работи на својата дипломска тема. И покрај нејзиното отсуство, во текот на зимата 1938-1939, тој често го посетува Алберто, каде води долги разговори со неговиот пријател Џампјеро Малнате, додека Алберто најчесто е само пасивен слушател. Господинот Ермано му дозволува на раскажувачот да ја користи семејната богата библиотека во изработката на дипломската работа. Така, повеќе од два месеци, тој секојдневно ја посетува куќата на Финци-Континиеви. За време на свечената вечера на празникто Пасха, Алберто го повикува раскажувачот веднаш да дојде во нивната куќа. Таму го пречекува Микол, која во меѓувреме дипломирала, и тој ја бакнува на влезот од куќата. Семејството Финци-Контини го пречекува срдечно на нивната свечена вечера, но тој сфаќа дека, наспроти бакнежот, нема изгледи да се оствари неговата љубовна врска со Микол.[5]
Четврти дел (I-X глава)
[уреди | уреди извор]По враќањето од Венеција, Микол е рамнодушна кон нараторот. Додека таа лежи болна во постелата, тој ја посетува и повторно се обидува да ја бакне, но таа не му дозволува. Подоцна, тој продолжува да ѝ се додворува, но за време на една прошетка на имотот на Финци-Контини, Микол отворено ги одбива неговите изливи на љубов и го замолува поретко да ја посетува. Во меѓувреме, нараторот забележува дека Алберто е тешко болен, иако семејството Финци-Контини се прави дека не ја забележува неговата лоша здравствена сосотјба. Нараторот се придржува на молбата на Микол и започнува секојдневно дружење со Малнате, кому му ги раскажува своите љубовни маки. Истовремено, татко му го советува да се откаже од Микол за која смета дека не е соодветна прилика за него. По разговорот со татко му, раскажувачот ги прекинува средбите како со Малнате така и со Финци-Континиеви. Една ноќ, додека шета низ градот, тој го прескока ѕидот и влегува на имотот на Финци-Континиеви. Додека ја разгледува градината, наеднаш заклучува дека цело време Микол му била тајна љубовница на Малнате.[6]
Епилог
[уреди | уреди извор]Во овој дел, авторот накратко соопштува за судбината на главните ликови во романот: Алберто умира во септември 1942 година; во 1943 година, сите членови на семејството Финци-Контини се одведени во концентрационен логор во Германија; во 1939 година, Малнате се преселува во Милано, а во 1941 година погинува на источниот фронт; а раскажувачот никогаш повеќе не ги видел ниту Финци-Континиеви ниту Малнате.[7]
Адаптации
[уреди | уреди извор]Врз основа на романот, во 1970 година е снимен истоимениот филм во режија на Виторио Де Сика.[8]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Đorđo Basani, Vrt Finci-Kontinijevih. Beogradsko izdavačko-grafički zavod, Beograd, 1973, стр. 9 и 220.
- ↑ Đorđo Basani, Vrt Finci-Kontinijevih. Beogradsko izdavačko-grafički zavod, Beograd, 1973, стр. 11-15.
- ↑ Đorđo Basani, Vrt Finci-Kontinijevih. Beogradsko izdavačko-grafički zavod, Beograd, 1973, стр. 19-50.
- ↑ Đorđo Basani, Vrt Finci-Kontinijevih. Beogradsko izdavačko-grafički zavod, Beograd, 1973, стр. 53-91.
- ↑ Đorđo Basani, Vrt Finci-Kontinijevih. Beogradsko izdavačko-grafički zavod, Beograd, 1973, стр. 95-150.
- ↑ Đorđo Basani, Vrt Finci-Kontinijevih. Beogradsko izdavačko-grafički zavod, Beograd, 1973, стр. 153-218.
- ↑ Đorđo Basani, Vrt Finci-Kontinijevih. Beogradsko izdavačko-grafički zavod, Beograd, 1973, стр. 219-220.
- ↑ Đorđo Basani, Vrt Finci-Kontinijevih. Beogradsko izdavačko-grafički zavod, Beograd, 1973, стр. 4.