Госпоѓицата Скидери

Од Википедија — слободната енциклопедија

Госпоѓицата Скидери (германски: Fräulein von Scuderi) — расказ (новела) на германскиот писател Ернест Теодор Хофман.

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на расказот се случува во Париз, есента 1680 година, во времето на владеењето на Луј XIV. Една ноќ, непознат млад човек, вооружен, но видно возбуден и очаен, тропа на вратата на госпоѓицата Магдалена де Скидери. Бидејќи кон куќата се приближува полициската потера, тој набрзина остава мала кутија наменета за госпоѓицата Скидери и побегнува. Утредента, слугите Мартиниерка и Батист, целите преплашени, ѝ ја даваат кутијата на нивната господарка, а внатре има прекрасно изработен накит. Госпоѓицата и слугите се исплашени, зашто во тоа време Париз го потресувале две големи афери: Најпрвин, во градот се појавиле непознати трујачи кои биле виновни за смртта на голем број луѓе. Кога полицијата успеала конечно да ги открие трујачите, започнала низа кражби на накит при што многу луѓе биле убиени, а власта никако не можела да ги открие таинствените крадци. Стравот на госпоѓицата Скидери произлегува оттаму што таа е убедена дека накитот е украден, а покрај тоа во кутијата има писмо во кое непознатите крадци ѝ го поклонуваат накитот. Утредента, таа оди кај својата пријателка, маркизата де Мантенон, која го препознава мајсторот кој го изработил накитот. Набргу, пристигнува златарот Рене Кардијак, кој признава дека накитот е негов, но не одбива да го земе, туку ѝ го подарува на госпоѓицата Скидери. По неколку месеци, додека госпоѓицата Скидери се вози со кочија низ градот, ја пресретува истиот млад човек кој ја преколнува веднаш да му го врати накитот на златарот. Меѓутоа, таа задоцнува еден ден, а кога пристигнува во неговиот дом, гледа како полицијата го апси Оливје Брисон, помошникот на Кардијак, обвинет за убиството на златарот. Госпоѓицата Скидери ја зема со себе ќерката на Кардијак, Мадлона, која ѝ раскажува за убиството на нејзиниот татко, тврдејќи дека Оливје не е виновен.

Убедена дека девојката ја зборува вистината, госпоѓицата Скидери го посетува претседателот на судот, Ла Рењи, кој ѝ ги кажува доказите и околностите против Оливје. Таа бара средба со Оливје, но притоа се онесвестува, зашто го препознава момчето кое ѝ донел кутијата со накит. Неа ја посетува заповедникот на полицијата, Дегре, кој ѝ ја пренесува молбата на Оливје да разговара со неа. Госпоѓицата Скидери го прима Оливје и тој ѝ кажува дека е синот на Ана Гијо, девојката која своевремено ја одгледала како своја ќерка, а кога се родил Оливје, таа го негувала и го воспитувала и него. Тогаш, Оливје почнува да ја раскажува својата животна приказна: Неговото семејство се преселило во Женева, каде набргу умреле неговите родители, а тој работел како помошник кај некој златар, брзо напредувајќи во работата. По препорака на еден купувач, Оливје дошол во Париз, каде му станал помошник на Кардијак и се вљубил во неговата ќерка, а поради тоа, Кардијак го избркал од својот дом. Една ноќ, сосема случајно, Оливје открил дека Кардијак е таинствениот убиец кој сее страв низ градот и тогаш Кардијак повторно го примил во својот дом, а Оливје ја прифатил понудата воден од љубовта кон Мадлона. Кардијак чувствувал голема страст кон накитот што го изработувал и не можел да поднесе да се раздели од него. Тоа било причината што почнал да им го краде накитот на своите купувачи и да ги убива. Еднаш, во знак на благодарност и почит кон госпоѓицата Скидери, тој го натерал Оливје да ѝ го однесе најубавиот накит што го имал изработено, но подоцна му се појавила намерата да си го врати накитот назад. Оливје претчувствувал дека Кардијак ќе ја убие госпоѓицата Скидери и затоа се обидел да ја предупреди. И навистина, една ноќ, Кардијак тргнал кон домот на госпоѓицата Скидери, но патем налетал на еден офицер од кралската гарда и во борбата со него бил смртно ранет. Оливје го следел мајсторот и неговото рането тело го однел дома.

Откако ја слуша целата приказна за смртта на Кардијак, госпоѓицата Скидери е потполно убедена во невиноста на Оливје и со сите сили се труди да го ослободи. Во тоа ѝ помага офицерот кој го убил Кардијак, како и најпознатиот париски адвокат. Најпосле, служејќи се со својата вештина за раскажување, таа бара молба од кралот, кој по некое време го ослободува Оливје, под услов веднаш да го напушти градот. Притоа, кралот ѝ дава голем паричен износ на Мадлона, таа и Оливје се венчаваат и потоа се селат во Женева, каде живеат среќно. Една година подоцна, парискиот надбискуп и адвокатот издаваат проглас со кој ги известуваат жртвите на Кардијак дека може да си го вратат украдениот накит.[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

„Госпоѓицата Скидери“ спаѓа во групата новели на Хофман чија тема се уметниците, зашто главниот лик е писателка на романи и поетеса. Ова дело е претставително за творештвото на Хофман, и тоа според тематиката, стилот и композицијата. Притоа, за разлика од бројни други негови дела, во „Госпоѓицата Скидери“ воопшто не се појавуваат духови или други натприродни суштества, но сепак, ниту ова дело не е лишено од страшни настани и атмосфера. Исто така, на посреден начин, во него авторот дава слика и на процесот на распаѓање на моралот на феудалното општество кон крајот на 17 век.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. E. T. A. Hofman, Gospođica Skideri - Majorat. Beograd: Rad, 1963, стр. 5-69.
  2. Branimir Živojinović, „Hofman - novelista na prekretnici“, во: E. T. A. Hofman, Gospođica Skideri - Majorat. Beograd: Rad, 1963, стр. 149-153.