Господ никому не му останува должен

Од Википедија — слободната енциклопедија

Господ никому не му останува должен (српски: Бог ником дужан не остаје) - српска епска песна. Песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од Рово, момокот на Јован Обреновиќ.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Браќата Павле и Радуле многу ја сакаат сестрата Јелица на која ѝ даваат разни поклони, меѓу кои и позлатено ноже. Завидливата сопруга на Павле ја прашува сопругата на Радуле дали знае некаква билка која ќе предизвика омраза меѓу браќата и сестрата, но таа ѝ одговара дека таквата љубов е разбирлива, зашто и неа ја сакале браќата. Тогаш, Павлевица го убива коњот на Павле, а му кажува дека тоа го направила Јелица, но таа лесно се оправдува пред него. Ноќта, Павлевица го убива соколот на Павле и повторно безуспешно ја префрла вината врз Јелица. Најпосле, Павлевица ѝ го краде ножето на Јелица и утрото го коле своето мало дете, а за злосторството ја обвинува Јелица. Кога Павле го открива крвавиот нож, ја обвинува сестрата за убиството, а потоа ја врзува на коњите кои ја растргнуваат. Притоа, таму каде што капе нејзината крв расте билје, а на местото каде паѓа нејзиното тело се појавува црква. По некоо време се разболува Павлевица која боледува девет години при што низ коските ѝ расте трева, а во тревата се кријат змии. Таа го моли Павле да ја однесе во црквата за да побара милост од Јелица, но кога се приближуваат до неа, од црквата проговара непознат глас, кој ѝ забранува да влезе внатре. Тогаш, Павлевица бара Павле да ја врзе за коњите за да ја растргнат, но таму каде што капе нејзината крв растат трње и коприви, а на местото каде паѓа нејзиното тело се појавува езеро по кое плива коњ, а по него лелајка со машко дете при што под грлото му стои мајчината рака, а во раката ножот на Јелица.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 490.
  2. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 264-267.