Горничевска битка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Горничевска битка или Битка на Мала Ниџе
Дел од Битолската офанзива (Прва светска војна)
Malka Nidzhe Battle.JPG
Распоред на силите пред битката
Датум 12–14 септември 1916
Место Мала Ниџе, Горничево, Македонија
Исход Тактичка победа на Антантата
Завојувани страни
 Бугарија  Франција
Предлошка:Country data Руско Царство

 Србија

Команданти и водачи
Кралство Бугарија Тодор Митов
Кралство Бугарија Стефан Тасев
Франција Виктор Кордонје

Кралство Србија Павле Јуришиќ Штурм

Сила
8.127 пушки
56 артилериски орудија
непозната
Жртви и загуби
1.683 луѓе, 34 артилериски
орудија уништени или заробени
непозната

Горничевска битка или Битката на Мала Ниџе – воведна битка на Битолската офанзива. Битката траела три дена и завршила со победа за силите на Антантата.

Заднина[уреди | уреди извор]

Во август 1916 година борбите на Балканот добиле нов момент со вклучувањето на Романија во Големата војна. Загрижена за ваквиот тек на настаните, бугарската команда ја убедила сојузничката германска команда дека демонстрацијата на сила е потребна на Македонскиот фронт, со цел да се скрати линијата на централните сили и да се спроведе превентивен напад врз силите на Антантата во Солун, кои подготвувале своја офанзива, надевајќи се дека ќе ѝ помогнат на Романија. Така, на 17 август Бугарската прва армија ја започнала Чеганската офанзива и го зазела Лерин, но по десетдневните борби не успеала да ги постигне своите цели. На 27 август операцијата била отповикана, а армијата добила наредба да се вкопа на позициите меѓу Петерското Езеро, Островското Езеро и по должината на сртот на планината Мала Ниџе, која ја окупирале.

Состав и распоред на ангажираните воени сили[уреди | уреди извор]

Бугарските сили во окупираните области го сочинувале десното крило на бугарската Прва армија. Нејзе ја сочинувале 3. Пешадиска бригада на 6. Бдинска пешадиска дивизија, засилена со 3. Коњичка бригада, 8. Пешадиска дивизија Тунџа и 1. Пешадиска бригада на 3. Балканска пешадиска дивизија. Вкупно околу 36 пешадиски баталјони, 30 артилериски батерии, 74 митралези и десет коњички ескадрони. Линијата на фронтот што требало да ја заштитат била долга 79 километри, што генерално значи дека била слабо покривана. Армијата како целина работела во планински регион и немала доволна планинска артилерија. Односот на полски и планински артилериски орудија бил 9 спрема 1,5.

Силите на Антантата се состоеле од 3. Српска армија под команда на генералот Павле Јуришиќ Штурм со пешадиските дивизии Вардар, Дунав и Дрина во првата линија и Моравската дивизија во втората линија. Србите требало да го понесат главниот напад во насока на Мала Ниџе и Горничево. На фронт долг 10 километри ним директно им се спротивставувале Првата (23. и 30. Пешадиски полк) и Втората (10. Пешадиски полк) пешадиска бригада на бугарската 8. Пешадиска дивизија Тунџа - 10 и пол пешадиски баталјони поддржани од 15 артилериски батерии во првата линија и резерва од три баталјони (12. Пешадиски полк) во втората линија.

На југозападната страна на Островското Езеро биле силите на генералот Виктор Луј Кордонје, кои се состоеле од француските 156. и 57. Пешадиска дивизија поддржувани од една руска пешадиска бригада. Нивната цел бил опсегот Маларека. На фронт долг 20 километри фронт ним им се спротивставувале три баталјони, три артилериски батерии и шест коњички ескадрили во првата линија, поддржани од уште три и пол баталјони со пет артилериски батерии во втората линија. Покрај тоа на источната страна на Островското Езеро, меѓу двете главни сојузнички сили, била српската коњичка дивизија составена од 16 ескадрони.

За двете насоки на сојузничките напади, исто така, Бугарите можеле да сметаат и на армиската резерва од четири и пол баталјони и една планинска артилериска батерија во третата линија.

Тек на воените дејствија[уреди | уреди извор]

Рано наутро на 12 септември 1916 година во секторот Мала Ниџе, сојузничката артилерија започнала подготвителен артилериски баражен оган против двете бугарски пешадиски бригади кои се наоѓале таму. Истиот, со различен интензитет и точност, продолжил речиси цел ден. Српската пешадија го користела овој артилериски оган за да ѝ пристапи на бугарската бодликава жица на десниот бок и да постигне ограничени придобивки во центарот на линијата, бидејќи бугарската артилерија во тоа време ги спречила да напредуваат понатаму. Бугарскиот контранапад бил задоцнет и почнал во вечерните часови. Со него привремено биле обновени бугарските позиции, но под сојузничкиот силен артилериски оган загубите (околу 400 загинати, повредени или исчезнати) биле тешки и позицијата наскоро станала неодржлива.

Истовремено со српскиот напад на Горничево, Французите и Русите започнале свој напад и брзо ја зазеле првата бугарска линија, принудувајќи ги бугарските сили да се повлечат на главната дефанзивна линија на сртот Маларека.

На 13 септември артилеријата на сојузничките сили го продолжила баражниот оган и Србите го искористиле ова време за да стигнат уште поблиску до бугарските позиции. До крајот на денот бугарските војници се повлекле на главната одбранбена линија на Мала Ниџе.

На 14 септември сојузничкиот артилериски оган почнал да предизвикува сериозни оштетувања на некои бугарски артилериски батерии, со што се намалила нивната моќ за поддршка на бугарската пешадија. Српската пешадија го започнала својот напад околу 10 часот и успеала да влезе во 800-метарскиот дел од фронтот меѓу 23. и 30. пешадиски полк, кои не биле доволно заштитени и чувани. Бугарските единици што биле испратени да ја затворат дупката, не успеале да ги сопрат и наскоро почнале да се повлекуваат заедно со другите сили што биле во оваа област. Дури и трупите кои ги опслужувале локалните бугарски артилериски батерии биле збришани од повлекувањето и морале да се повлечат, оставајќи им ги своите оштетени оружја на Србите. Ова ја загрозило одбраната на целата линија на фронтот. Вечерта Бугарите се повлекле по целата линија во насока на Баница и се групирале околу дивизиската резерва (12. Пешадиски полк).

Во меѓувреме, на југозападниот дел, Французите и Русите не успеале да направат одлучувачки пробив и привремено биле задржани од бугарската артилерија. Српскиот успех, сепак, им се заканил на крилата на бугарските сили на сртот Маларека и тие, исто така, одлучиле да се повлечат.

Последици[уреди | уреди извор]

Во текот на тридневните борби 1. и 2. Бригада на 8. Дивизија Тунџа, во просек имале 21% жртви и напуштиле многу од нивните артилериски оружја, што дополнително ги ослабнало и покрај тоа што успеале да се повлечат на нова позиција околу Лерин. Нивниот пораз ги принудил западните делови од десното крило на бугарската Прва армија да се повлечат и на тој начин го отвориле патот за понатамошни сојузнички напади што ќе се развијат во тримесечната Битолска офанзива.

Поврзано[уреди | уреди извор]