Горењска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Горењска
Gorenjska
Историско-географска област
Јулиски Алпи
ДржаваСловенија
Tрадиционални региони во Словенија.

Горењска (словенечки: Gorenjska; германски: Oberkrain; италијански: Alta Carniola) — еден од 8-те традиционалните региони на кои е поделена Словенија. Таа е северниот планински дел од поголемиот регион Крањска. Средиштето на регионот е Крањ,[1] додека другите урбани средишта се Јесенице, Тржич, Шкофја Лока, Камник и Домжале. Има околу 300.000 жители или 14% од населението на Словенија.

Историска позадина[уреди | уреди извор]

Австриска карта од доцниот 18 век на Горењска или Љубљански Округ.

Нејзиното потекло како посебен политички ентитет може да се проследи уште во 17 век, кога хабсбуршко Војводство Крањска било поделено на три административни области. Оваа поделба била детално опишана од изучувачот Јанез Вајкард фон Валвазор во неговото дело од 1689 година Славата на Војводството Крањска. Окрузите биле познати на германски како „Kreise“ (крајзе) („kresija“ (кресија) на старословенечки јазик). Тие биле: Горењска со средиште во Љубљана, што ги опфаќа северните области на војводството; Долењска, што ги опфаќала истокот и југоистокот, со средиште во Ново Место; и Нотрањска што ги опфаќала западниот и југозападниот дел од војводството, со средиште во Постојна.

Оваа административна поделба остана, во различни постатувања, до 1860-тите, кога старите административни окрузи биле укинати и Горењска била поделена на помали окрузи Крањ, Радовљица и Камник. Сепак, регионалниот идентитет останал силен и потоа. По распаѓањето на Австроунгарија по Првата светска војна, Крањска била припоена прво во Државата на Словенците, Хрватите и Србите, а потоа во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и престанала да постои како посебна политичка и географска целина. Крањскиот регионален идентитет набрзо избледел, но регионалната идентификација со нејзините подединици (Горењска, Долењска и, во помала мера, Нотрањска) останала силна.

Горењска близу Долна (Сподња) Сорица.

Географски граници[уреди | уреди извор]

На север, Горењска граничи со австриската сојузна покраина Корушка, словенечкиот историски регион Штаерска на исток, и Приморска на запад. Атласот од 1809 година ја покажува границата со Долењска на југоисток воглавно по линијата на реките Сава, Љубљаница, Ишчица и Желимељшчица. Границата со Нотрањска на југ воглавно го следи јужниот раб на Љубљанското Мочуриште, а потоа се сече северно (источно од Лог кај Брезовица и западно од Полхов Градец) до реката Градашчица, а потоа низ ридовите свртува кон запад кон Долна (Сподња Идрија).[2]

Пејзажот се одликува со Јужните Варовнички Алпи, претежно од Јулиските Алпи и масивот на Караванки на неговиот северен раб.

Историски гледано, Љубљана била дел од Горењска. Меѓутоа, во 19 век почна да биде сметана за посебна единица; веќе кон крајот на 18 век, има многу малку споменувања за жителите на Љубљана како „Горењци“ (словенечки: Gorenjci, германски: Oberkrainer): општа гледиште било дека вистинската Горењска започнува само северно од Љубљана. Од 19 век, Крањ, а не Љубљана, се смета за неслужбен главен град на Горењска.

Современиот поим за Горењска не соодветствува целосно со историските граници. На пример, денешната територија на Општина Језерско била дел од Војводството Корушка од 11 век. Во 1918 година, таа била населена со словенечки доброволци и припоена кон Кралството СХС со 1919 година Договорот од Сен Жермен. Сега денес воглавно е сметана за составен дел на Горењска, наместо словенечка Корушка (исто така затоа што нејзините жители зборуваат на горењскиот дијалект). Границите на Горењска се само нејасно слични со оние на словенечкиот Горењскиот статистички регион.

Култура и традиции[уреди | уреди извор]

Фолклор и музика[уреди | уреди извор]

На многу начини, горењскиот фолклор е сметан за прототип на словенечкиот национален фолклор. Горењската народна носија често се користи како претстава на словенечката народна носија.[3] Во средината на 19 век, за време на словенечката национална преродба, словенечките националисте ја зеле народната носија од Блед и ја преобразиле во словенечката народна носија.[3] Горењска е важна и за словенечкиот фолклор поради музиката. Во 1950-тите, народниот музичар Славко Авсеник обнародил една осовременена верзија на горењската народна музика.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „About Kranj: Walking through the city“. Zavod za turizem Kranj. 7 август 2009. Архивирано од изворникот на 2009-09-12. Посетено на 13 февруари 2022.
  2. Josef Karl Kindermann, Christoph Junker (Stecher), & Gerhard Michael Dienes. 1809. Die Provinz Inner-Oesterreich oder die Herzogthümer Steyermark, Kaernten und Krain, die Grafschaften Goerz und Gradisca und das Deutsch-Oesterreichische Litorale. Atlas von Innerösterreich entworfen und gezeichnet von Jos. Karl Kindermann, gestochen zu Wien von Keresztély Junker. Graz: Verlag Franz Xaver Miller.
  3. 3,0 3,1 „Author“. Архивирано од изворникот на 2010-11-27. Посетено на 2023-02-13.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 46°17′11″N 14°11′47″E / 46.28639° СГШ; 14.19639° ИГД / 46.28639; 14.19639