Горенци (Дебарско)

Координати: 41°30′03″N 20°33′24″E / 41.50083° СГШ; 20.55667° ИГД / 41.50083; 20.55667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Горенци

Воздушен поглед на селото Горенци

Горенци во рамките на Македонија
Горенци
Местоположба на Горенци во Македонија
Горенци на карта

Карта

Координати 41°30′03″N 20°33′24″E / 41.50083° СГШ; 20.55667° ИГД / 41.50083; 20.55667
Регион  Југозападен
Општина  Центар Жупа
Област Жупа
Население 138 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1258
Повик. бр. 046
Шифра на КО 08010
Надм. вис. 780 м
Слава Света Варвара
(за православното население)
Горенци на општинската карта

Атарот на Горенци во рамките на општината
Горенци на Ризницата

Горенци — село во Општина Центар Жупа, во областа Жупа, во околината на градот Дебар.

Селото главно е населено со Македонци-муслимани,[2] но поради политичко-религиски причини дел од нив се изјасниле како Турци или Албанци.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Според жителите на Горенци, селото го добило името бидејќи во минатото куќите на нивните предци биле горени (палени), а луѓето и селото останале да ги викаат Горенци.[3]

Името на селото може да биде поврзано и со високата положба на селото над реката и патот (горе или во гората). Друга можна претпоставка за настанокот на името може да доаѓа од фактот што обработливото земјиште настанало со крчење и палење („со горење“) на шумата.[3]

Села со исто име Горенци постојат и во Општина Дебрца во Охридско, како и во Егејска Македонија во Костурско и Зихненско и Горенци (Врбовско) во Хрватска.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Центар Жупа, сместено во областа Дебарска Жупа.[4] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 780 метри. Од градот Дебар, селото е оддалечено 9,5 километри.[4]

Низ самото село поминува регионалниот пат 2249.

Горенци се наоѓа на северозападните падини на планината Стогово, во близина односно веднаш над источниот брег на Дебарското Езеро. Сместено е на осојната страна на планинската огранка Маруша на западната падина на Стогово.

Земјишното подрачје на Горенци се граничи со заезерената Радика во Дебарското Езеро на запад и северозапад, Мелничани на север и североисток, Пареши и Броштица на југ и југоисток, при што земјиштето е нерамно и испресечено со клисурести долови: на север паѓало стрмно во излезот на Радика што денес е потопен во водите на Дебарското Езеро, на исток косо се издигнува кон височините на Стогово и Маруша, а на југ и запад постепено се спушта во ниски подишта.[3]

Земјиштето е составено од варовничка подлога од која избиваат чести камењари со високи стени, а се појавуваат и шкрилци, додека почвата е главно црвеница.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Споменик посветен на НОБ во Горенци (2016 г.)
Обновениот споменик на НОБ во Горенци (2022 г.)

Подрачјето на Горенци е населено уште од хеленистичкиот период, за што сведочи наоѓалиштето На Црков во неговата околина.[5]

Селото Горенци е доста старо село, бидејќи за него постојат пишани историски податоци уште од средниот век. Во средновековните записи од турските пописни дефтери за вилаетот Горни Дебар од 1467 година за селото Горенци е запишано дека било тимар на некојси Борозан Сулејман и во него живееле 2 христијански македонски семејства на Јонко Смиле и Никола кои произведувале по 1 товар пчемница, јачмен и ’рж за што остварувале севкупен приход и давачки од 108 акчиња.[6]

Во втората половина на XVI век селото Горенци се среќава запишано во поменикот на Слепченскиот манастир, а потоа во 1863 година се сретнува и во поменикот на Бигорскиот манастир.[3]

Во НОБ за време на Втората светска војна во борбите за ослободувањето на Македонија од фашистичките окупатори загинале борците Спироски Косто, Нурединоски Нуредин и Таироски Елез, за што во знак на благодарност на 2 август 1959 година селаните од Горенци и Пареши подигнале споменик, кој и денес постои во Горенци.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 2,5 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 142 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 62,9 хектари, а на пасиштата само 15,2 хектари.[4]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[4]

Сепак главни занимања на жителите на селото отсекогаш, па до денес се печалбарството и сточарството. Обработливото земјиште е добиено со крчење и палење на шумата, а почвата е највеќе црвеница.[3]

Жителите на селото се занимаваат со разни занимања посебно градежништво, ѕидарство, плочкарство, а најголемиот дел овие занимања ги работата на печалба во Италија. Од земјоделството во селото се одгледуваат жита и тоа најмногу пченица и градинарски култури - кромид, компир, грав, лук за сопствени потреби. Околу селото и во него има многу овоштарници најмногу од сливи, а во помала мерка и од другите овошја: цреши, јаболка, круши, костени, ореви и црници (дудинки). Поголем број на куќи се занимаваат и со сточарство односно одгледување на ситен - овци и кози и крупен добиток - крави и волови, за чија прехрана се сеат и фуражни култури како детелина. На местото Осој е селската шума, во која има и делови кои припаѓаат на поединечни семејства т.н. „сајбиски кории“, од каде што се сече дрво за огрев.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948260—    
1953278+6.9%
1961268−3.6%
1971284+6.0%
1981316+11.3%
ГодинаНас.±%
1991307−2.8%
1994363+18.2%
2002267−26.4%
2021138−48.3%

Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 60 домаќинства со 105 жители муслимани (Македонци) и 63 христијани (Македонци).[7]

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година, селото Горенци имало 434 жители, сите Македонци, од кои 350 муслимани и 84 христијани.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Горенци имало 200 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[10]

Горенци во однос на населеноста покажува позитивен биланс. Така, во 1961 година селото броело 268 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 363 жители, од кои 278 се изјасниле како Турци, 121 како Македонци и девет жители како Албанци.[4]

Според пописот од 2002 година, селото Горенци броело 267 жители, од кои 37 Македонци, 221 Турчин и 9 Албанец.[11]

Целосното муслиманското население на селото се Македонци-муслимани, но поради политичко-религиски причини се пишале како Турци. Во тој однос, треба да се напомене дека селото е населено исклучиво со Македонци, бидејќи жителите попишани како Турци се всушност Македонци-муслимани како и сите останати жители на селото. Доказ за тоа е наглата промена во изјаснувањето на жителите како Македонци и Турци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 443 жители, од кои 22 Македонци, 11 Албанци, 329 Турци, 1 Бошњак, 1 останат и 79 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 434 200 260 278 268 284 316 307 363 267 138
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Горенци е населено со македонско население од православна и муслиманска вероисповест.[3]

Според истражувањата од 1954 година, родови во селото:

  • Македонски родови:
    • Православни родови:
      • Староседелци: Костовци (4 к.), Ќулумовци (5 к.) и Ристевци (6 к.).
      • Доселеници: Србовци или Ивановци (7 к.), кои се доселиле околу 1824 година од селото Старова крај Пешкопеја во Албанија. Овде се доселил Србо, кој бил прадедо на Петре (жив на 70 год. во 1954 година).
    • Муслимански родови:
      • Староседелци: Дурмишовци (3 к.), Османовци (2 к.), Аџијовци (3 к.), Цаневци (4 к.), Изеровци (5 к.), Турнузовци (1 к.), Велединовци (2 к.), Тафовци (4 к.), Дамаиловци (1 к.) и Лимановци (1 к.).
      • Доселеници: Јајовци (1 к.), доселени се во 1894 година од блиското село Бајрамовци.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од христијанските родови има иселеници во Скопје (Пејовци) и Кавадарци, како и во Бугарија (5 семејства) во градовите Софија , Лом и Стара Загора, додека од муслиманските родови иселеници има во дебарското село Спас и градот Дебар, градот Сер како и во Турција (7 семејства) во градовите Анкара, Измир и Лиле-Бургас.[3]

Во најново време има масовна појава и најголем број иселеници во Италија.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Горенци било село во Дебарската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Центар Жупа, која била една од ретките општини, кои не биле променети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Центар Жупа.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Баланци, во која влегувале селата Бајрамовци, Баланци, Броштица, Голем Папрадник, Горенци, Житинени, Мал Папрадник и Пареши. Во периодот 1950-1952 година селото исто така било дел од некогашната општина Баланци.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0559 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место се опфатени и селата Горно Мелничани, Долно Мелничани и Пареши.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 296 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 318 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[5]
  • На Црков — населба и некропола од хеленистичко време.
Цркви[20]
Џамии[20]
Мостови

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави
  • Света Варвара — селска слава за некогашните православни жители на селото

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Горенци

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Торбеши“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1497. Text "series " ignored (help)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Русић, Бранислав (1957). Жупа Дебарска (српски). Филозофски факултет на универзитетот - Скопје, Историско-филолошки оддел. стр. 54.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 72.
  5. 5,0 5,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 119. ISBN 9989-649-28-6.
  6. Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 314.
  7. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 176-177.
  8. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 261.
  9. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рp. 184-185.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 јули 2016.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2023-01-21. Посетено на 24 јануари 2023.
  20. 20,0 20,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]