Голем Канал (Кина)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Голем Канал, многу често Царски Канал (кинески : 大運河) познат и како Голем Канал Пекинг-Хангџоу (кинески: 京杭大運河) — најдолгиот постоечки канал или вештачка река во светот. Најстариот дел од каналот датира од 5 век пр.н.е., а различните делови на каналот конечно биле завршени и поврзани во еден за време на династијата Суеј (581-618). Тој бил најголемиот градежен проект во светот до времето на индустриската револуција. По завршувањето, Големиот Канал бил столбот како на Царството, така и на царските континентални комуникации благодарение на транспортот на жито, ориз и стратешки ресурси, Царството постигнало напредок што овозможило исхрана на големо население[1]. Водата од каналот освен за превоз се користела и за наводнување.

Современиот тек на Големиот Канал
Големиот Канал во близина на Пекинг

Изградбата на каналот произлегла од потребата да се поврзат северните и јужните делови на Кина со безбеден, воден пат. Поради конфигурацијата на почвата, речиси сите големи пловни реки во Кина течат од запад кон исток, а реките што течеле нормално на нив (север - југ) биле само во внатрешноста и небезбедни за пловидба. Тоа било една од пречките за посилна меѓусебна интеграција на овие области, што делумно било олеснето со изградбата на овој канал.

До 13 век, Големиот Канал имал повеќе од 2.000 километри вештачки премини што ги поврзувале двете најважни речни долини во Кина, од Пекинг на север до провинцијата Џеѓанг на југ. Во текот на историјата, овој канал играл пресудна улога во обезбедувањето на економскиот напредок и стабилност на Кина, а неговата улога како важна внатрешна комуникација останува до ден-денес[1]. Вкупната должина на Царскиот Канал денес изнесува околу 1.770 км. Каналот достигнува највисока височина во планините Шандунг од околу 42 метри[2]. Откако во 10 век (за време на династијата Сунг) била осмислена можноста за премостување на висинските разлики во каналот со помош на преводници, кинеските бродови повеќе немале проблеми и пловеле по целата должина на каналот без претовар (што било неопходно дотогаш). За димензиите и величественоста на каналот и нивното восхитување од него пишувале многу историчари, меѓу кои и јапонскиот монах Енин (794-864), персискиот историчар Рашид ал-Дин Хамадани (1247-1318) и Кореецот Чое Пу (1454-1504)[3].

Баржи на Големиот Канал во близина на Јангџоу

Повремените поплави од Жолтата Река ја загрозувале безбедноста и функционалноста на каналот, а за време на војните високите насипи покрај Жолтата Река биле намерно урнати за да се поплават непријателските сили. Тоа предизвикало големи човечки несреќи и економски тешкотии. И покрај овие повремени периоди на уништување и неупотреба, Големиот Канал со векови играл огромна улога во развојот и растот на пазарите на кинеските градски центри.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 The Grand Canal na službenim stranicama UNESCO-a (англиски) Preuzeto 6. srpnja 2014.
  2. Needham
  3. Brook, 40–51.