Големото синило

Од Википедија — слободната енциклопедија

Големото синило (француски: Le Grand Bleu; англиски: The Big Blue) - француско-италијанско-американски филм од 1988 година, во режија на Лик Бесон (Luc Besson), кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги граат: Жан-Марк Бар (Jean-Marc Barr), Жан Рено (Jean Reno) и Росана Аркет (Rosanna Arquette). Продуциран со голем буџет и сниман во текот на девет месеци на разни места од Грција до Перу, филмот сепак не постигнал голем комерцијален успех. Но, и покрај слабата продажба и мешаните оцени од филмските критичари, со текот на времето филмот стекнал култен статус благодарение на бизарната тема и оригиналниот стил на режирање, карактеристичен за францускиот необарок од 1980-тите. Исто така, филмот обилува со прекрасни снимки од морските длабочини.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

За време на летниот одмор во Грција, Жак Мајол (го игра Бар) е сведок како умира татко му при нуркањето, а сцената ја гледа и неговиот другар Енцо Молинари (го игра Рено). Подоцна, возрасниот Рено, кој живее на Сицилија, е повеќекратен светски првак во слободно нуркање. Жак се наоѓа во Перу, каде рони во замрзнато езеро, а неговиот крвоток го проучува д-р Лоренс. Таму пристигнува Американката Џоана Бејкер (ја игра Аркет), која веднаш се вљубува во Жак. По враќањето дома, Жак добива покана од Енцо за учество на светското првенство во нуркање кое треба да се одржи во Сицилија. Откако се враќа во Њујорк, Џоана дознава дека Жак заминал во Сицилија, па и таа оди таму. На натпреварот, Енцо постигнува светски рекорд, но Жак нурка уште подлабоко и станува светски првак. Подоцна, Жак и Енцо повторно се соочуваат и Жак победува уште еднаш, а во меѓувреме тој и Анџела стапуваат во љубовна врска. Најпосле, тие одат на светското првенство кое се одржува во Грција, во местото во кое Жак го загубил татко му. Таму, Џоана претчувствува дека е бремена и сака да ја сподели радосната вест со Жак, но тој нема време да ја сослуша. Д-р Лоренс бара да се откаже натпреварот, зашто секој обид за нуркање на поголема длабочина од рекордот на Жак е опасен по животот. Меѓутоа, Енцо не го прифаќа советот и нурка во длабочината, но ја губи свеста. Жак го извлекува на површината, а пред да умре, Енцо го моли да го врати во длабочината. Потресен од смртта на Енцо, и Жак нурнува и тој ја губи свеста, а лекарската екипа во моследен миг успева да го реанимира. Ноќта, наспроти молбата на Џоана, Жак нурнува во длабочината каде здогледува делфин, по што решава засекогаш да остане таму.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]