Големи Разводни Планини

Од Википедија — слободната енциклопедија
Големи Разводни Планини

Големите Разводни Планини, познати и како Источнa Австралискa Кордилерa или Источни Висорамнини, е планински систем во источна Австралија кој се состои од многу планински венци, висорамнини и ридови, кој се протега скоро паралелно со источниот брег на Австралија и е петтиот најдолг копнен планински венец на светот, а најдолг кој целосно се протега во една земја. Тие се најзначајната топографска одлика на континентална Австралија и служи како дефинитивен слив за речните системи во источна Австралија, па оттука и името.

Големите Разводни Планини се протегаат на повеќе од 3500 км; од островот Дауан во теснецот Торес кај северниот врв на полуостровот Кејп Јорк, и ја поминуваат целата должина на источното крајбрежје низ Квинсленд и Нов Јужен Велс, а потоа свртуваат на запад преку Викторија пред конечно да исчезнат во рамнините Вимера. Ширината на венецот варира од околу 160 км до над 300 км.[1] Во венецот се наоѓаат предели од светското наследство: Големите Сини Планини, дождовните шуми Гондвана и Влажните тропски предели на Квинсленд. Највисокото место во Австралија - врвот Кошќушко (2,228 m), се наоѓа во делот на Снежните Планини на јужниот дел од Големите Разводни Планини.

Географија[уреди | уреди извор]

Големите Разводни Планини не се состојат од еден континуиран планински венец, туку е комбиниран систем (Кордилера) од планински масиви, висорамнини, ридско планински области и ескарпи со древно и комплексно геолошко минато. Затоа се нарекуваат и како источноавстралиска кордилера. На некои места теренот е релативно рамен, составен од многу ниски ридови.[2] Обично, висорамнините се високи од 300 до 1600 метри.[2] Планините и висорамнините, кои се состојат од варовници, песочник, кварцити, шкрилци и доломит, настанале со раседни процеси и процеси на превиткување.[3]

Сртовите на Големи Разводни Планини ја поставуваат границата на сливните подрачја на речните системи помеѓу источната (крајбрежната или дождовната страна) и западната (внатрешната или подветрената) страна од нив. Терминот „Големи Разводни Планини“ може да се однесува на целиот висински комплекс со сите ридови и планини помеѓу источниот брег на Австралија и централните рамнини и низини, или само на разводните сртови. На некои места може да биде широк и до 400 км.[2]

По правило, реките источно/југоисточно од Разводните Планини се влеваат директно во Јужниот Пацифик и Тасманското Море, или на југ во теснецот Бас. Реките западно од Разводните Планини се влеваат во: Големиот Австралиски Залив преку крајбрежното езеро Александрина;[2] езерото Ер во источниот дел на централна Австралија; а бројните реки на западниот полуостров Кејп Јорк во североисточна Австралија се влеваат директно во Карпентарискиот Залив.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Shaw, John H., Collins Australian Encyclopedia, William Collins Pty Ltd., Sydney, 1984, ISBN 0-00-217315-8
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Johnson, David (2009). The Geology of Australia. Cambridge University Press. стр. 202. ISBN 0-521-76741-5.
  3. Haggett, Peter (2001). Encyclopedia of World Geography. Marshall Cavendish. стр. 3211. ISBN 0-7614-7289-4. Посетено на 23 December 2012.