Прејди на содржината

Големиот куфер

Од Википедија — слободната енциклопедија

Големиот куфер е збирка раскази од македонскиот писател Иван Додовски. Збирката е објавена во 2005 година од издавачката куќа „Темплум“.

Технички податоци

[уреди | уреди извор]

Збирката „Големиот куфер“ е објавена како 35. книга на библиотеката „Магма“. Книгата е отпечатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 96 страници. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи ознаката ISBN 9989-902-68-2. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на фирмата „Точка“, а книгата е испечатена во печатницата „Винсент графика“. Сликата на предната корица е дело на Славица Јанашлиева. На задната корица се наоѓа мал осврт врз делото.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Збирката „Големиот куфер“ содржи девет раскази, како и освртот кон делото, со наслов „Куфер со девет раскази“, напишан од Гоце Смилевски. Најпосле, на крајот од книгата се наоѓа белешка за авторот. Книгата се состои од следниве раскази:[1]

  • Уметник на револуцијата
  • Ноќен погреб
  • Големиот куфер
  • Сарми
  • Средување на куќата
  • Јазовци на Правниот факултет
  • Часови по германски јазик
  • Мајмун и репер
  • Ново ќебе

Исто така, наместо предговор, на почетокот од книгата е ставена песната „Град-пустина“, земена од збирката „Света лудост“.

Критички осврт кон збирката

[уреди | уреди извор]

Во поговорот, со наслов „Куфер со девет раскази“, Гоце Смилевски истакнува дека книгата претставува истражување на човечката егзистенција во едно преломно време на еден конкретен простор. Во расказите дефилира галерија ликови кои авторот ги портретира гротескно и хиперболично, а ликовите секогаш се во сооднос со моќта. Единствено, сатиричното и гротескното отсуствуваат во претставувањето на ликот во расказот „Средување на куќата“. Во реконтрукцијата на стварноста, Додовски се служи со постапката на необичување, во која соодветно значење има и постапката на раскажување: во некои раскази како раскажувач се јавува предмет (сликарска четка) или дел од телото (ќелавата глава), а во два расказа раскажувачи се мртви луѓе. Прозата на Додовски е обликувана со вешто користење на јазикот, со богатство на лексиката и со виртуозна употреба на паратаксата. Расказите во оваа книга се на такво естетско рамниште со кое заземаат важно место во новите текови на македонската проза.[2]

  1. 1,0 1,1 Иван Додовски, Големиот куфер, Темплум, Скопје, 2005.
  2. Гоце Смилевски, „Куфер со девет раскази“, во: Иван Додовски, Големиот куфер, Темплум, Скопје, 2005, стр. 89-94.