Големиот Гетсби

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Големиот Гетсби  
Гетсби 1925 корица.gif
АвторФ. Скот Фицџералд
Наслов на
оригиналот
The Great Gatsby
ЗемјаСАД
ЈазикАнглиски
Жанр(ови)Роман
ИздавачCharles Scribner's Sons
Издадена10 април, 1925
МедиумПечатена книга

Големиот Гетсби (англиски: The Great Gatsby) е роман на американскиот писател Френсис Скот Фицџералд. Книгата е издадена на 10 април 1925 година, а дејството се одвива на северниот брег на Лонг Ајленд, Њујорк за време на летото, 1922 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

  • I-V глава: Летото 1922 година, Ник Каравеј, млад човек со потекло од Средниот запад, се населува во близината на Њујорк. Тој живее во скромна куќа веднаш до големиот имот на богатиот Џеј Гетсби. Една вечер, тој ги посетува Дејзи и Том Бјукенен, каде ја среќава Џордан Бејкер. Подоцна, Том го запознава Ник со неговата љубовница Миртл Вилсон и сите заедно одат во станот на Том и Миртл во Њујорк. Набргу, во станот се собира поголема група гости, а во една банална кавга, Том ѝ го крши носот на Миртл. Ник подолго време посакува да го запознае својот сосед и еден ден добива покана да присуствува на една од познатите забави кои редовно ги организира Гетсби. Таму му приоѓа еден човек кој му кажува дека за време на Првата светска војна служеле во истата дивизија и тогаш Ник сфаќа дека тој човек е Гетсби. Истата вечер, Гетсби ја повикува Џордан Бејкер на разговор во четири очи. Во периодот што следува, Ник почнува интензивно да се гледа со Џордан, која почнува да му се допаѓа. Еден ден, Гетсби го кани Ник на ручек во Њујорк при што му ја кажува својата лична историја - дека потекнува од богато семејство, дека студирал на Универзитетот во Оксфорд итн. Џордан му кажува на Ник дека, пред пет години, Дејзи му била девојка на Гетсби и дека тој сака повторно да се сретне со неа. Ник ја кани Дејзи во својот дом, а доаѓа и Гетсби. На почетокот, тој и Дејзи се збунети, но потоа тој ѝ ја покажува својата куќа, каде постепено се зближиле.[1]
  • VI-IX глава: Луѓето кои присуствуваат на забавите на Гетсби шират неверојатни приказни за него, така што и весниците почнуваат да се интересираат за неговото минато. Неговото вистинско име биле Џејмс Гец, а тој потекнувал од сиромашни земјоделци од Северна Дакота. На возраст од 17 години, тој почнал да сонува за успех и богатство, а еден ден го запознал милионерот Ден Коди и во следните пет години бил негов близок соработник. Наеднаш, Коди умрел, а Гец не добил ниту долар од наследството кое му го оставил милионерот. Една вечер, на забавата кај Гетсби пристигнуваат и Дејзи и Том, а Гетсби му кажува на Ник дека сака да го врати минатото назад. Наеднаш, Гетсби го менува својот стил на живот и повеќе не приредува забави во својата куќа. Истовремено, него секојдневно го посетува Дејзи. Еден ден, тој оди на гости кај Том и Дејзи, а потоа заминуваат во Њујорк. Патем, Том застанува во гаражата на господинот Вилсон од кого дознава дека тој и Миртл наскоро ќе се иселат. Во Њујорк, Гетсби му кажува на Том дека Дејзи не го сака, а Том го обвинува Гетсби дека незаконски продава алкохол и се бави со валкани работи. На патот за дома, Том застанува пред гаражата на Вилсон и дознава дека некој автомобил ја удрил Миртл и таа умрела. Гетсби му кажува на Ник дека Дејзи го возела неговиот автомобил, т.е. дека таа е виновна за смртта на Миртл. Утредента, Ник го посетува Гетсби, кој му раскажува за своето среќно минато со Дејзи. Во меѓувреме, господинот Вилсон се присетува на жолтиот автомобил и поаѓа во потрага по него. По враќањето од Њујорк, Ник оди кај Гетсби и го наоѓа мртов во базенот, а во близината се наоѓа и мртвото тело на Вилсон. Следните неколку дена се исполнети со полициската истрага и со бројните новинари кои известуваат за настанот. Според официјалната верзија, Вилсон полудел и го убил Гетсби. Во домот на Гетсби пристигнува и татко му, кој е тажен поради смртта на синот, но и горд на неговито успех. Погребот на Гетсби се одржува еден дождлив ден, а на него присуствуваат само татко му, Ник и еден човек, додека сите пријатели на Гетсби одбиваат да се појават на закопот. Романот завршува така што Ник раскинува со Џордан и решава да се врати во родниот град. Еден ден, случајно го среќава Том Бјукенен, кој му кажува дека Вилсон најпрвин дошол во нивната куќа, со револвер во раката, а тој му кажал дека Гетсби е сопственикот на жолтиот автомобил.[2]

Ликовите во романот[уреди | уреди извор]

  • Џеј Гетсби е претставник на најнеморалниот дел од општеството, речиси гангстер, но сепак тој поседува позитивни човечки квалитети поради кои Ник вели дека „самиот вреди повеќе од целиот тој проклет џган заедно“.[3] Тој е синоним на човек, добар и фрлен во морето на животот. Тој е нешто што секому може да се случи и што им се случува на многумина, а тоа е дека човекот често станува таков каква што е средината во која делува. Иако во него постои и злото, зашто тој се дружи со Вулфшим со кого има заеднички деловни врски, сепак во него живее и смислата за доброто. Тој го живее животот како сон, занесен од претставата за Дејзи како синоним на убавината, добрината, душевниот мир и блаженството на светот. Во секој случај, тој има чист сон за себеси и своја цел, нешто што го немаат Том и Дејзи. Гетсби го поминува целиот живот трудејќи се да стане дел од општетсвената класа која не го прима во своите редови, а добро знае дека парите се легитимација за влез во тој свет. Меѓутоа, на крајот, тој станува трагична жртва на својот сон кој никогаш не може да го оствариме, зашто „постојано се пробиваме, како бродовите што пловат спроти струјата, а постојано се лизгаме назад, во минатото.“[4]
  • Том Бјукенен е претставник на празноглавиот општествен слој на САД, кој има големо влијание и моќ. Тој е загрижен поради опасноста од обоената раса и „стои осамен“ на „последната барикада на цивилизацијата“ и на семејната етика, а самиот тој е морално низок и заглавен во гревови.[5]

За романот[уреди | уреди извор]

Романот го одбележува временскиот период кој Фицџералд го нарекол „Џез доба“. Следејќи го шокот и хаоот на Првата светска војна, американското општество уживало во просперитет за време на 1920-тите, кога економијата напредувала. Во исто време, прохибицијата, забраната за продажба и производство на алкохол, ги направила нелегалните дистрибутери на алкохол милионери и довела до зголемување на организираниот криминал. Иако Фицџералд, како Ник Каравеј во неговиот роман, ги идолизирал богатството и гламурот од тој период, се чувстувал неудобно со неограничениот материјализам и недостигот на морал.

Според формата анегдота, самата приказна за Гетсби е очигледно неважна. Наспроти првиот впечаток дека Фицџералд сака да раскаже приказна за два љубовни триаголника, тој паралелно (свесно или несвесно) дава уште една, поубава и повозбудлива слика на длабокиот внатрешен живот во целата негова разновидност. Всушност, во романот е јасно присутна амбивалентноста на самиот Фицџералд, кој долго се борел да влезе во високото општество, во светот на богатите, кои свесно или потсвесно ги мразел и тешко се снаоѓал во нивниот свет. Во таа смисла, Фицџералд рекол дека Гетсби е неговиот „постар брат“. Инаку, не може да се избегне впечатокот дека Гетсби е единствениот жив лик во романот, додека другите ликови постојат речиси само на хартија, а не како живи луѓе, повеќе како симболи. Можеби тие се намерно прикажани така со цел главниот лик да се претстави попластично. Во секој случај, наспроти тривијалната приказна, романот е изграден од најфин психолошки материјал, а секоја реченица и секој збор Фицџералд мајсторски ги дотерал. „Големиот Гетсби“ е резултат на огромен труд и служи како доказ дека големиот уметник е способен дури и баналната анегдота да ја претвори во вистинско уметничко дело.[6]

Фицџералд-стилистот и Фицџералд-сликарот на општеството воспоставиле рамнотежа која на прв поглед го прави романот социјално неутрален, иако социјалната проблематика на повеќе места во книгата избива на површината. Навистина, во книгата не се изразени политичките ставови на авторот, но тој ги поставува човечките квалитети на неморалниот Гетсби како контраст на моралната хипокризија на угледните личности од типот на Том, Дејзи и Џордан. Во дијалозите на романот, репликите се врзуваат една за друга со длабока внатрешна логика, а тие се проследени со густа драматика која понекогаш експлодира поради преголемата тензија. Од особена вредност во романот се применетите метафори. Притоа, авторот користи конкретни метафори за апстрактните слики и обратно. Притоа, паѓа в очи едноставноста на описите кои се состојат од остро забележани поединечни нешта кои го претставуваат јадрото на забележаното, а Фицџералд раскажува интересно дури и за најобичните нешта. Во романот, дури и мртвите предмети добиваат живот, зашто авторот прави метафора од сите нешта: гласот на Дејзи е „полн со златници“, гувернантата е „свежо испрана и испеглана“, Миртл „поминува низ својот маж како низ дух“, патот „забрзано се здружува со пругата“, големите згради се „парчиња долга бела торта“ итн. Со еден збор, „Големиот Гетсби“ е еден вид тунел во бизарниот луна-парк на Фицџералдовата книжевност, исполнет со постојани и неочекувани изненадувања.[7]

Иако била адаптирана во бродвејска претстава и холивудски филм во текот на годината на издавање, книгата не била популарна за време на првото печатење, продавајќи се во тираж од околу 25.000 копии во текот на последните петнаесет години од животот на Фицџералд. Подоцна, за време на големата депресија и Втората светска војна, книгата била заборавена. По повторното нејзино издавање во 1945 и 1953 година, таа бргу стекнала широка читателска публика и се смета како парадигма на големиот американски роман. Големиот Гетсби станал стандардна лектира во средните училишта и универзитетските курсеви за американската литература во државите ширум светот и се наоѓа на второто место на списокот на „100. најдобри романи на 20-от век“ според „Modern Library“. Исто така, и списанието Тајм го вклучил романот во списокот на „100 најдобри романи на англиски јазик од 1923 до 2005“.[8].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. F. Skot Ficdžerald, Veliki Getsbi. Beograd: Rad, 1963, стр. 5-87.
  2. F. Skot Ficdžerald, Veliki Getsbi. Beograd: Rad, 1963, стр. 87-160.
  3. Saša Petrović, „O piscu i delu“, во: F. Skot Ficdžerald, Veliki Getsbi. Beograd: Rad, 1963, стр. 166-167.
  4. Saša Petrović, „O piscu i delu“, во: F. Skot Ficdžerald, Veliki Getsbi. Beograd: Rad, 1963, стр. 168-169.
  5. Saša Petrović, „O piscu i delu“, во: F. Skot Ficdžerald, Veliki Getsbi. Beograd: Rad, 1963, стр. 166.
  6. Saša Petrović, „O piscu i delu“, во: F. Skot Ficdžerald, Veliki Getsbi. Beograd: Rad, 1963, стр. 164-165.
  7. Saša Petrović, „O piscu i delu“, во: F. Skot Ficdžerald, Veliki Getsbi. Beograd: Rad, 1963, стр. 165-168.
  8. www.time.com

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со: