Гола година

Од Википедија — слободната енциклопедија

Гола година (руски: Голый год) - роман на рускиот писател Борис Пилнак. Романот бил завршен на 25 декември (по стариот календар) 1920 година,[1] а бил објавен во 1922 година.

Структура[уреди | уреди извор]

Романот е поделен на три дела (вовед, излагање и заклучок), кои пак ги содржат следниве глави:[2]

  • Вовед
  • Ординин-Град
  • Китај-Град
  • Излагање
  • Глава I
  • Овде се продаваат пантлиџани
  • Оленка Кунц и решението
  • Смртта на стариот Архипов
  • Глава II Домот на Ординини
  • Без наслов
  • Две беседи. Старци
  • Расплет
  • Глава III За слободите
  • Со очите на Андреј
  • Со очите на Наталија
  • Со очите на Ирина
  • Глава IV Кому-татори, а кому-латори
  • Провинција, што да правите. Градски татори
  • Манастирот на Воведението
  • Пожар. - Латори
  • Глава V Смрти, триптих прв
  • Смртта на комуната
  • Прво умирање
  • Дел на третиот триптих, најмрачен
  • Глава VI Претпоследна. Болшевиците, триптих втор
  • Кожни капути
  • Китај-Град
  • Дел на третиот триптих, најсветол
  • Глава VII Последна, без наслов
  • Заклучок триптих последен (всушност, материјал)
  • Гатања
  • Разговори
  • Свадба
  • На крајот, вон триптихот

Содржина[уреди | уреди извор]

Во романот се испреплетуваат повеќе различни приказни поврзани со неколку теми: пропаѓањето на старата господска класа, доаѓањето на болшевиците на власт, големата сиромаштија што владее ширум земјата и животот на обичниот народ: При уништувањето на архивот на градот Ординин, Донат Ратчин наоѓа документ од 1794 година во кој се споменува неговиот богат предок. Донат потекнува од старо трговско семејство, а и неговиот татко, Иван Ратчин е познат трговец, кој многу строго го воспитува синот. Во 1914 година, Донат е мобилизиран во руската армија, а во 1917 им се придружува на болшевиците и доаѓа во Ординин, полн со омраза кон старото време, така што ги уништува сите трговски дуќани. Подоцна, Донат погинува во борбата против Белата армија. По доаѓањето на Црвената армија во градот, во куќите на кнезовите Ординини се вселуваат други луѓе. Во куќата во која живее кнезот Андреј доаѓа Лајтис од народната безбедност со намера да го уапси, но тој успева да побегне. Иван Архипов, таткото на Архип Архипов (кој работи во народната безбедност), открива дека е болен од рак на желудникот и, не сакајќи да го трпи бавното, болно умирање, извршува самоубиство. Семејството Ординини, пак, се наоѓа во процес на сигурно распаѓање: некои членови се болни, а други веќе умреле од разни болести; дел од мажите се опиваат и живеат во разврат; таткото го поминува времето во постојана молитва; мајката ги продава семејните вредности; некои од членовите на семејството преминале во редовите на болшевиците и се срамат од своето благородничко минато; меѓу сите владее нетрпеливост; а на крајот, кнезот Борис извршува самоубиство.

Откако ќе успее да му избега на Лајтис, Кнезот Андреј оди во околното место (поранешен имот на семејството Ординини) и ѝ се придружува на една комуна од анархисти. Таму, тој треба да се ожени со Ирина, но таа наеднаш бега во степата со друг човек. Шефот на народната безбедност Лајтис е вљубен во Олга Кунц и ја кани да го прослават неговиот роденден. Манастирот во кој е сместен Лајтис го зафаќа голем пожар, во кој погинува архиепископот Силвестер, поранешен кнез од семејството Ординини. Тогаш, Лајтис ја апси Олга, но подоцна партијата го апси него. Комуната во која живее Андреј пропаѓа, а тој се качува на еден воз полн со гладни и очајни луѓе кои одат во степата во потрага по храна. Архип Архипов работи напорно на обновувањето на индустријата во новата советска држава, а Наталија (од семејството на кнезовите Ординини) работи во болницата. Архип ѝ предлага на Наталија брак и таа ја прифаќа понудата.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Борис Пиљњак, Гола година. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. 241.
  2. Борис Пиљњак, Гола година. Београд: Српска књижевна задруга, 1990.
  3. Борис Пиљњак, Гола година. Београд: Српска књижевна задруга, 1990.