Прејди на содржината

Години (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Години“ (француски: Les Années) — роман на француската писателка Ани Ерно, првобитно објавен во 2008 година од издавачката куќа Галимар од Париз. За ова дело, Ерно ги освоила наградите „Маргерит Дира“, „Стрега“ и „Франсоа Моријак“.[1]

Во романот, разгледувајќи ги семејните фотографии, авторката се сеќава на настаните и луѓето од својот живот, но дава и приказ на политичките и општетсвените случувања во Франција и во светот во периодот од крајот на Втората светска војна до 21 век. Непосредно по завршувањето на Вората светска војна, луѓето постојано зборуваат за страдањата и тешкотиите за време на војната, но истовремено, новите генерации не се сеќаваат на неа, а општеството го зафаќа оптимизам кој произлегува од обновата на земјата. Авторката живее во малото место Ивто, во провинцијата и посакува што побрзо да порасне, а нејзиното детство се одвива во рамките на традиционалниот морал, строгото воспитување и големото влијание на црквата. Сепак, таа ги има првите допири со американската поп-култура и првите сексуални фантазии. Подоцна, кога се запишува на студии, таа се здобива со нови погледи на светот, а од тоа време потекнуваат и нејзините први полови односи. Наскоро, таа се вработува како наставничка во едно училиште и стапува во брак, запаѓајќи во секојдневните семејни обврски. Во 1968 година, во Париз избувнуваат големите студентски немири и земјата ја зафаќа бран на слободарски идеи и стремеж за сеопшта еманципација и општествен ангажман, надополнет со подемот на потрошувачкото општество. Во тоа време умира татко ѝ, а нејзиното семејство се сели од Анси во предградието на Париз. Истовремено, набргу следува разочарување во револуционенрите идеали и заситеност од бракот. Во 1980 година, на изборите победува левицата, а претседател на земјата станува Франсоа Митеран, а кај неа се раѓа нов елан и оптимизам. Во текот на 1980-тите доаѓа до економска стагнација, а опаѓање на влијанието на црквата, а младата генерација има сосема нови погледи на животот. Таа се разведува, живее со двајцата синови, но има и помлад љубовник. На почетокот на 1990-тите, веќе живее сама, зашто синовите се иселуваат, а во тоа време умира и мајка ѝ. Тогаш, повторно, земјата ја зафаќа економска криза, проследена со голема невработеност и со подем на омразата кон доселениците. Крајот на 20 век е време на подемот на електронските сметачи, мобилните телефони и интернетот. Почетокот на 21 век е одбележан со терористичките напади во Њујорк, стравот од исламот, воведувањето на еврото, подемот на крајната десница и сеопштата дигитализација која го уништува сеќавањето. Во тој период, таа раскинува со младиот љубовник, се пензионира, се лечи од рак на дојката, стапува во нова љубовна врска, приредува семејни ручеци за синовите и внуците и планира да напише книга заснована врз нејзините сеќавања.[2]

За делото

[уреди | уреди извор]

Романот „Години“ претставува magnum opus на Ерно, зашто во него кулминира целокупното нејзино творештво. Во него, авторката го опишува француското општество од 1950-тите до почетокот на 21 век, прикажувајќи како се менувале општествената положба на жената, семејството и бракот, како и менувањето на идеологиите и влијанието на технологијата. Романот е исполнет со записи за политичките настани во Франција и во светот, давајќи им продлабочено значење на социјалните, феминистичките и егзистенцујалистичките модели. Нејзината книжевна постапка не е инвентивна, но затоа, пак, е ефектна при што конструкцијата на романот е засилена со воведувањето на описите на личните фотографии. Стилот е речиси лапидарен, без многу фигури, но со впечатливо прикажување на историските и автобиографските елементи. Во делото, таа никогаш не ја употребува заменката „јас“, туку само „таа“ или „ние“, а цитирањето на дневникот е заменето со описот на личните фотографии, иако тие не се интимни, туку се наменети за другите. Меѓу првата и последната реченица се одвива цел живот и целата историја на една земја при што ова е роман за времето, за начинот како да се вратата сеќавањата. Оттука, романот „Години“ е значаен придонес кон книжевната запрашаност и вознемиреност поради единствената вистинска појава — времето.[3]

  1. Ani Erno, Godine. Štrik, Beograd, 2023.
  2. Ani Erno, Godine. Štrik, Beograd, 2023.
  3. Ljubica Pupezin, „Godine Ani Erno — njena priča je i tvoja priča“, во: Ani Erno, Godine. Štrik, Beograd, 2023, стр. 238-242.