Прејди на содржината

Глен Фрај

Од Википедија — слободната енциклопедија
Глен Фрај
Фрај настапува со Eagles во 2008 година
Роден(а)Глен Луис Фрaј
6 ноември 1948(1948-11-06)
Детроит, Мичиген, САД
Починал(а)18 јануари 2016(2016-01-18) (возр. 67)
Њујорк, САД
Занимање
  • Музичар
  • пејач
  • текстописец
  • глумец
Активен период1966 ― 2015
Сопружник
  • Џени Бегс (в. 1983; раз. 1988)
  • Синди Миликан (в. 1990)
Деца3, меѓу кои и Дикон

Музичка кариера
Жанрови
Инструменти
  • Глас
  • гитара
Издавачи
Соработници

Глен Луис Фрaј (англиски: Glenn Lewis Frey; 6 ноември 1948 ― 18 јануари 2016 година) ― американски пејач, гитарист, текстописец и еден од основачите на рок-групата Eagles. Тој, исто така, имал успешна соло-кариера и станал член на Куќата на славата на текстописците во 2000 година.

Како член на Eagles, Фрај освоил шест Греми-награди и пет Американски музички награди. Eagles биле примени во Куќата на славните на рокенролот во 1998 година.

Рани години и почетоци на кариерата

[уреди | уреди извор]

Глен Фрај е роден во Детроит на 6 ноември 1948 година[1] и детството го поминал во Ројал Оук, предградие на Детроит. Од најрани години бил изложен на музика и почнал да свири на пијано и гитара. Во доцните 1960-ти, Фрај станал дел од музичката сцена на Детроит,[2] а на музичката сцена се истакнал преку соработката со Боб Сигер, познат рок-музичар од истата област. Фрај свирел на гитара и пеел придружни вокали на песната "Ramblin' Gamblin' Man" од Сигер.[3]

Член на групата Eagles

[уреди | уреди извор]

Во 1970 година, Фрај се преселил во Лос Анџелес, каде што се запознал со Дон Хенли, Џексон Браун и Џеј Ди Саутер. Истата година, Фрај и Хенли ѝ се придружиле на Линда Ронстат како музичари на турнеја.[4] За време на турнејата, Фрај и Хенли решиле да основаат група. Тие, заедно со Берни Ледон и Ренди Мајснер, ја основале групата Eagles која станала една од групите со најмногу продадени плочи во светски рамки на сите времиња.[5] Со Фрај како еден од главните пејачи, гитарист и котекстописец на многу од песните, групата брзо стекнала слава.

Првиот албум на Eagles, насловен Eagles (1972), содржел неколку хитови како „Take It Easy“ и „Witchy Woman“. Фрај бил котекстописец на песната „Take It Easy" заедно со Џексон Браун, која станала една од најпознатите песни на групата.

Во следните години, Eagles станале една од најуспешните рок-групи во светот. Од албумите Desperado (1973), On the Border (1974) и One of These Nights (1975) произлегле многу хитови, меѓу кои: „Tequila Sunrise“, „Best of My Love“ и „Lyin' Eyes“, кои исто така биле напишани од Фрај.

Најголемиот успех Eagles го постигнале со албумот Hotel California (1976), кој се смета за ремек-дело на рок-музиката. Фрај бил еден од авторите на насловната песна „Hotel California“, која станала симбол на рок-музиката на 1970-тите.

Во 1994 година, Eagles повторно се обединиле за турнеја и за снимање на нов материјал. Како резултат на тоа бил снимен албумот Hell Freezes Over, кој содржел четири нови песни и акустични верзии од некои од нивните најголеми хитови. Турнејата била извонредно успешна и го потврдила статусот на Eagles како една од најпопуларните групи на сите времиња.

Фрај продолжил да настапува со Eagles до неговата смрт, а групата издала уште еден студиски албум, Long Road Out of Eden (2007), кој исто така постигнал голем успех.

Фрај со Eagles во 2010 година

Соло-кариера

[уреди | уреди извор]

По распаѓањето на Eagles во 1980 година, Фрај започнал соло-кариера. Издал неколку соло-албуми, меѓу кои најуспешни биле: No Fun Aloud (1982), The Allnighter (1984) и Soul Searchin' (1988).

Во 1984 година во соработка со Харолд Фалтермаер го снимил светскиот хит „The Heat Is On“, тематска песна од акциониот филм со Еди Марфи, Полицаецот од Беверли Хилс; потоа, Фрај ја извел „You Belong to the City“ (од телевизиската серија Пороците на Мајами, чиј саундтрак во 1985 година 11 недели останал на врвот на американската топ-листа за албуми). Неговата друга песна од саундтракот, „Smuggler's Blues“, стигнала до 12 место на Billboard Hot 100.

Фрај исто така се појавил како глумец во неколку филмови и телевизиски серии, меѓу кои е и популарната серија „Пороците на Мајами“.

Фрај придонел со песната „Flip City“ за саундтракот од Истерувачи на духови II и со „Part of Me, Part of You“ за саундтракот од Телма и Луиз.

Во 2009 година, Глен Фрај бил примен во Куќата на славните рокенрол-легенди од Мичиген.[6]

На 8 мај 2012 година, го издал неговиот прв соло-албум по 20 години, After Hours, со преработки на поп-стандарди од 1940-тите до 1960-тите. Ова бил и неговиот последен албум.

Личен живот

[уреди | уреди извор]

Фрај се женел двапати. Од 1983 до 1988 година, бил во брак со глумицата Џени Бегс со која немале деца. Во 1990 година се оженил со танчерката Синди Миликан со која имал три деца: Тејлор, Дикон и Отис. Тие останале во брак до неговата смрт.[7][8] Неговиот син Дикон Фрај се приклучил како гитарист и пејач на Eagles по смртта на Глен.[9]

Болест и смрт

[уреди | уреди извор]

На Фрај во 2000 година му бил дијагностициран ревматоиден артритис, кој ги зафатил неговите зглобови.[10] Лековите што му биле препишани за контрола на болеста предизвикале колитис и пневмонија.[10]

Фрај починал таму на 18 јануари 2016 година, на 67-годишна возраст, од усложнувања од ревматоиден артритис, остар улцеративен колитис и пневмонија.[2][11][12]

  1. Eder, Bruce; Ankeny, Jason. „Glenn Frey Biography“. AllMusic. Посетено на April 16, 2010.
  2. 2,0 2,1 Smith, Harrison (January 18, 2016). „Glenn Frey, guitarist for the Eagles, dies at 67“. The Washington Post (англиски). ISSN 0190-8286. Архивирано од изворникот на July 21, 2023. Посетено на January 19, 2016. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „Smith“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  3. „Readers' Poll: The 10 Best Bob Seger Songs – 8. 'Ramblin' Gamblin' Man'. Rolling Stone. Архивирано од изворникот April 30, 2018. Посетено на January 21, 2014.
  4. History of the Eagles. https://www.imdb.com/title/tt2194326/. 
  5. Vorel, Jim (September 27, 2012). „Eagles tribute band landing at Kirkland“. Herald & Review. Архивирано од изворникот на June 10, 2016. Посетено на January 18, 2013.
  6. Advertising, OJ. „Michigan Rock and Roll Legends - GLENN FREY“. www.michiganrockandrolllegends.com. Архивирано од изворникот на December 14, 2018. Посетено на July 10, 2018.
  7. Perrone, Pierre (January 20, 2016). „Glenn Frey: Singer and songwriter who co-founded the Eagles, the biggest-selling American rock band of all time“. The Independent. Архивирано од изворникот на June 17, 2018. Посетено на September 18, 2016.
  8. Dwilson, Stephanie Dube (January 18, 2016). „Glenn Frey's Children: The Music Legend's Family“. Архивирано од изворникот на January 31, 2022. Посетено на January 31, 2022.
  9. „Glenn Frey's son Deacon joins Eagles as the band eyes a new tour“. New York Daily News. November 20, 2017. Архивирано од изворникот на April 26, 2024. Посетено на April 21, 2018.
  10. 10,0 10,1 Kenneally, Tim; Waxman, Sharon (January 18, 2016). „Glenn Frey's Medication Contributed to His Death, Manager Says“. thewrap.com. Архивирано од изворникот на January 19, 2023. Посетено на January 18, 2016.
  11. „The Eagles' Glenn Frey dead at 67“. CNN. January 18, 2016. Архивирано од изворникот на May 21, 2023. Посетено на January 18, 2016.
  12. Morton, Victor (January 18, 2016). „Glenn Frey, Eagles guitarist, dies at 67“. The Washington Times. Архивирано од изворникот на September 22, 2017. Посетено на January 18, 2016.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]