Гласомер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Гласомер
Glasometar makedonski.jpg
Основана2011, Фондација Метаморфозис
Мреж. местоwww.glasomer.mk

ГЛАСОМЕР е онлајн алатка за едукација и мерење на претпочитувањата на гласачите во врска со понудите на политичките опции на парламентарните избори 2011 г. во Република Македонија. Гласомер функционира на тој начин што граѓаните одговараат на 54 прашања во долгата верзија, односно 31 прашање во кратката верзија, поделени во 8 области, со цел да го проверат нивото на согласување на своите ставови со ставовите на политичките партии во Македонија.

Експертската група која работеше на изборот на најважните области, на изборот на најважните прашања од тие области, се одлучи на 8 области, кои ги опфаќаат општествените, социјалните, економските и другите апекти:

  • Здравствена политика, вработување, социјални, боречки и избеглички права
  • Правда, политички систем, самоуправа, надворешна политика, интеграции
  • Енергетика, животна околина, развој
  • Образование, култура, религија, млади, спорт, медиуми
  • Монетарна, финансиска и даночна политика
  • Полиција и војска
  • Економска политика, трговија
  • Колективни и индивидуални права, граѓанско општество

Одговарањето на прашањата, граѓаните го вршат на ист начин како и политичките партии кои се вклучени во апликацијата Гласомер, одговарајќи на еден од понудените 4 одговори:

  • Потполно не се согласувам
  • Делумно не се согласувам
  • Делумно се согласувам
  • Потполно се согласувам


Резултати[уреди | уреди извор]

Резултатот кој ќе го добие корисникот по пополнување на прашалникот е процентот на совпаѓање со политичките партии во Македонија. Покрај овој резултат, понудена е и табела во која се прикажани точниот број на совпаѓања на одговорите на корисникот со одговорите на партијата, поделени во две категории:

  • Потполно согласување со одговорите на партиите
  • Делумно совпаѓање со одговорите на партиите, односно од иста страна на спектарот.

Постојат и понапредни резултати кои на корисниците им овозможуваат да погледнат:

  • Согласување со одговорите на партијата по области: Овој приказ овозможува понапреден преглед на резултатите, со што корисникот ќе може да ги провери согласувањата со одговорите на партиите од една област или за повеќе области кои ќе ги избере.
  • Согласување со одговорите на повеќе партии по една или повеќе области: Приказот им овозможува на корисниците да ги филтрира своите одговори со одговорите само на една или повеќе партии. Со ова им се овозможува на корисниците да ги споредат своите одговори само со оние партии со кои сакаат.
  • Степен на согласување со одговорите на партиите по повеќе рангирани области: Овој приказ графички го прикажува степенот на согласувања на одговорите на корисникот со одговорите на политичките партии во однос на областите кои корисникот на почеток на апликацијата ќе и означи како важни за него.
  • Поклопување на одговорите на корисникот со одговорите на избрана партија: За понапредните корисници или корисници кои сакаат детално да ги споредат своите одговори со одговорите на партиите е додаден и овој преглед на резултатите.
  • Преглед на одговорите на партиите: Овој приказ ги покажува сите одговори на една партија, за сите области.


Политички спектар[уреди | уреди извор]

Logo politichki spektar.png

Како надополнување на Гласомер, во 2013 година е создаден „Политичкиот спектар“, тест кој овозможува утврдување на генералната идеолошка ориентација на лицата кои се тестираат. Функционира на тој начин што се одговара на вкупно 60 прашања, поделени во 5 тематски целини.

  • Перцепцијата на себеси и другите
  • Економија
  • Социјална политика, образование, култура, медиуми
  • Лични права (општествени вредности, религија, секс)
  • Политички систем, ред и поредок

Прашањата ја утврдуваат генералната ориентација на лицето што се тестира по две основи: левица/десница и слободарство/авторитарност. Причината зошто е избран овој начин на утврдување на политичките ориентации е поради тоа што и кај левицата и кај десницата постојат слободарски и авторитарни политички ориентации. По одговарањето на сите прашања на тестот, ќе можете да видите во кој идеолошки сегмент припаѓате, во сегментот на слободарската левица, во авторитарната левица, во авторитарната десница или во слободарската десница.

Секој од понудените одговори носи одредени поени кои ја придвижуваат точката на генералната идеолошка ориентација налево или надесно, односно нагоре или надолу по оските. Сите прашања не носат ист број поени, туку посуштинските носат повеќе, а помалку суштинските помалку поени. Не е предвиден одговор „не знам“, бидејќи многу често луѓето инклинираат да одговорат со „не знам“ од едноставна причина што тоа им е најлесна опција која им стои на располагање кога се соочуваат со ситуација да дадат одговор на прашање за кое претходно немаат размислено и формирано став. Бидејќи опцијата на одговор „не знам“ не е понудена, поединците ќе бидат поттикнати да размислат и да одберат опција според своите преференции.

Точката на својата генерална идеолошка ориентација лицата кои се тестираат ќе можат да ја видат по одговарањето на сите прашања на тестот.

Политичкиот спектар е направен врз основа на Политичкиот компас. При тоа, направен е обид како за подобрување на релевантноста на прашањата, така и за нивно прилагодување на приликите и спецификите на Република Македонија.


Надворешни врски[уреди | уреди извор]