Ги де Мопасан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ги де Мопасан
Guy de Maupassant
Maupassant.jpg
Ги де Мопасан
Роден 5 август 1850(1850-08-05)
Турвил-сир-Арк, Франција
Починал 6 јули 1893 (возраст: 42)
Париз, Франција
Занимање писател
Жанр роман, расказ
Правец реализам, натурализам, фантастика

Анри Рене Албер Ги де Мопасан (фр. Henry René Albert Guy de Maupassant), (Турвил-сир-Арк, 5 август 1850 – Париз, 6 јули 1893) бил француски писател припадник на реализмот.

Мопасан е роден во замокот Мироменил (Château de Miromesnil), Турвил-сир-Арк, кај Дјеп во Франција. Пишувал раскази и романи. Неговите раскази се одликуваат со економичен стил и вештина на плетење заплети и нивно разрешување. Денес некои од неговите раскази се категоризираат во жанрот на хоророт.

Биографија[уреди | уреди извор]

Мопасан на 7 години

Мопасонови биле стара лоренска фамилија која се доселила во Нормандија во средината на XVIII век. Неговиот татко се оженил со Лора ле Поатевен (Laure le Poittevin), девојка од имашна граѓанска фамилија. Лора и нејзиниот брат Алфред во детството често си играле со синот на руанскиот хирург, Гистав Флобер, кој подоцна силно ќе влијае на животот на синот на Лора. Таа била жена со невообичаен литературен вкус за тоа време и многу добро ги познавала класиците, особено Шекспир. Бидејќи била разделена од мажот, своите два сина, Ги и Ерве, ги растела сама.

Сè до својата тринаесетта година Ги со својата мајка живеел во Етрета, каде несметано растел уживајќи во благодатите на приморското село. Честопати со рибарите одел на риболов или разговарал со локалните селани на нивниот дијалект. И бил толку приврзан на мајка си што откога бил запишан на богословија во Ивето (Yvetot), многу брзо успеал да биде исфрлен од училиштето и да се врати кај мајка си. Од таа фаза на неговиот живот потекнува и неговата изразена одбојност кон религијата.

Потоа го праќаат во руанскиот лицеј каде почнува да се интересира за поезија и успешно се пробал во глумата.

Француско-пруската војна избива набрзо откога Ги го завршил колеџот во 1870 година. Веднаш се пријавил како доброволец и чесно се борел на фронтот.

После завршувањето на војната во 1871 година тој ја напушта Нормандија и доаѓа во Париз каде следните седум години работи како службеник во Министерството за поморство. Во тие седум досадни години единствена разонода му била веслање по Сена во недела и на празници.

Во тоа време Гистав Флобер му станал своевиден литературен водич во неговите книжевни и новинарски почетоци. Во домот на Флобер го среќава рускиот романописец Иван Тургењев, Емил Зола, како и многу други претставници на реализмот и натурализмот. Во тоа време пишува песни и кратки драми.

Во 1878 година преминува во Министерството за образование кога станува надворешен соработник на неколку водечки новини од тоа време како што биле Фигаро, Жил Бла, Голоаз и Л’еко де Пари. Во слободното време се посветува на пишување романи и раскази.

Во 1880 година го објавува своето прво ремек-дело „Топка маст“ (Boule de suif), кое веднаш постигнува голем успех. Флобер ова дело го опишал како „ремек-дело за сите времиња“.

Најплодниот период на Мопасан бил од 1880 до 1891 година. Станувајќи славен со својот прв расказ, вредно пишувал и творел две, а понекогаш и четири дела годишно. Среќниот спој на книжевниот талент и смислата за бизнис му донеле право богатство.

Во 1881 година ја објавува првата книга раскази под наслов „Домот на Телјови“ (La maison Tellier). Во само две години таа книга достигнала дванаесет изданија. Во 1883 година го завршува својот прв роман „Живот“ (Une vie), кој за помалку од година дена се продава во 25.000 примероци.


Бел-Ами
Гробот на Мопасан на Монпарнас

Во своите романи подетално ги разработува заплетите од своите раскази. Неговиот втор роман „Бел-Ами“ (Bel-Ami) кој е издаден во 1885 година достигнал триесет и седум изданија за само четири месеци.

Неговиот тогашен издавач добро го плаќал секое негово ново ремек-дело, а перото на Мопасан без најмал напор творело стилски дотерани, оригинални и длабокоумни дела. Во тој период го напишал романот „Пјер и Жан“ (Pierre et Jean) кој многумина го сметаат за негов најдобар роман.

Мопасан од раѓање бил повлечен, ја сакал самотијата и медитацијата. Често патувал во Алжир, Италија, Англија, Британија, Сицилија, Оверњ, и од секое патување се враќал со нова книга.

Крстарел на својата јахта „Бел-Ами“, наречена по неговиот роман. Ваквиот бурен живот не го спречувал да се спријатели со најславните книжевници на тоа време. Александар Дима Синот му бил како втор татко, во Екс ле Бен (Aix-les-Bains) го сретнува Иполит Тен (Hippolyte Taine) и е одушевен од овој филозоф и историчар.

Флобер и понатаму ја играл улогата на негов литературен „кум“. Мопасановото пријателство со писателот Едмон де Гонкур (Edmond de Goncourt) било од краток век. Неговата отворена и практична природа се спротивставила на атмосферата на озборувања, скандали, лицемерија и подметнувања која Гонкур и неговиот брат ја створиле во салоните со мебел од XVIII век. Ја мразел човечката комедија и општествената фарса.

Во подоцнежните години кај него се развила готово болна желба за самотија и самоодржување со постојан страв од смрт како и манија на прогонување заедно со симптоми на сифилис заработен во младоста. Во 1891 година потполно го губи разумот, а умира две години подоцна во јули 1893 година, месец дена пред 43 роденден.

Ги де Мопасан е погребан на гробиштата Монпарнас во Париз.

Најважни дела[уреди | уреди извор]

  • Топка маст (Boule de suif), расказ, 1880
  • Домот на Телјови (La Maison Tellier), збирка раскази, 1881
  • Живот (Une Vie), роман, 1883
  • Бел-Ами, (Bel-Ami), роман, 1885.
  • Пјер и Жан, (Pierre et Jean), роман


Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Портал „Биографија