Гимназиско образование во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Охридската гимназија„Св. Климент Охридски“
Тетовската гимназија„Кирил Пејчиновиќ“
Струмичката гимназија„ане Сандански“

Гимназиско образование во Македонија - значаен дел во структурата на средното образование во Македонија. Почетоците датираат од XIX век, но интензивен развиток во Македонија доживува меѓу двете светски војни, а особено по ослободувањето.[1]

Гимназиското образование до осамостојувањето[уреди | уреди извор]

Во Кралството на СХС / Кралството Југославија гимназиското образование во Македонија најголем развиток достигнува во учебната 1926/27 година, кога работеле 15 гимназии, од кои 9 полни и 6 нижи. Полни гимназии постоеле во Скопје (како полна гимназија работи од 1918/19), Битола (1918/19), Штип (1920/21), Велес (1921/22), Куманово, Охрид, Прилеп (сите од 1922/23), Скопје (женска, 1925/26) и Тетово (1926/27), а нижи во Ресен, Гевгелија, Кавадарци, Струмица, Дебар и Кичево. Поради рестриктивни мерки, главно политички мотивирани, во 1929 година некои од полните гимназии биле сведени на нижи, а некои од нижите биле укинати. Гимназиското образование го посетувале и го завршувале, главно, деца на поимотните семејства или деца на дојденците од други делови на Кралството. За време на бугарската окупација на Македонија, Министерството за просвета на Бугарија отворило (1941–1942) 10 полни реални гимназии и 7 неполни гимназии, наречени гимназиски клонови: 2 машки и 1 женска гимназија во Скопје; по една мешана гимназија во Битола, Охрид, Прилеп, Куманово, Штип, Велес и Струмица; гимназиски клонови имало во Берово, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Радовиш, Гевгелија, Кавадарци и Ресен и 2 трговски гимназии, во Скопје и во Битола. Во Скопската училишна област, во полните и неполните гимназии (1941–1942) биле запишани 2.135 ученици, а во Битолската 1.032, од кои 111 биле од Егејскиот дел на Македонија. Наставата се изведувала на бугарски јазик, според наставните планови и програми што се применувале во образовниот систем во Бугарија. По ослободувањето, со решение на Президиумот на АСНОМ од 3 ноември 1944, гимназии се отворени во Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Велес, Охрид, а малку подоцна и во Кавадарци. Во учебната 1949/50 г. веќе работеле 31 гимназиска установа (12 полни), со вкупно 20.524 ученици. Гимназијата, како и пред војната, и во овој период продолжува да работи како општообразовно училиште, со исклучителна функција да ги подготвува младите за продолжување на образованието на високошколските установи, задржувајќи ја својата привилегирана положба во однос на другите средни училишта. По школската реформа од 1958 г. гимназиското образование бележи уште поинтензивен развиток. Во учебната 1974/75 г. во Македонија работеле 39 гимназии, со 756 паралелки и 23.767 ученици, што во однос на вкупниот број средношколци изнесувало 37,65%. Со реформата на воспитанието и образованието од почетокот на осумдесеттите години на XX век, со која се воведува насочено образование, гимназијата како посебен вид училиште е укината, односно трансформирана во центар за насочено образование.

Гимназиското образование по осамостојувањето[уреди | уреди извор]

Од учебната 1991/92 г. одново се воведува гимназиското образование. Во учебната 2004/05 г. од вкупно 91 државни средни училишта, гимназиско образование се реализирало во 41 училишна установа, од кои 12 во Скопје, а бројот на опфатените ученици во однос на вкупниот број ученици во средното образование изнесувал над една третина (34%). Во 2018 година гимназиското образование се организирало во 42 јавни средни училишта од кои во 34 наставата се реализирала на македонски наставен јазик, а во 8 училишта на албански наставен јазик и на македонски наставен јазик. Во две училишта имало гимназиски паралелки на турски наставен јазик. Од 42-те средни училишта, како гимназии се организирани само 16 училишта (11 на македонски наставен јазик и 5 на албански наставен јазик), а останатите се средни стручни училишта во кои се формирани гимназиски паралелки. Освен постојните јавни гимназии, во Македонија гимназико образование се остварувало и во 3 приватни гимназии на: македонски, албански, турски и англиски наставен јазик. Од учебната 2001/2002 година во Македонија се применувал нов Наставен план за гимназиското образование, којшто, како краткорочно решение, претрпел промени во 2003/2004 година, бидејќи во периодот на неговата примена се појавиле извесни проблеми и потешкотии произлезени од некои недоречености, недоследности и нејаснотии во самиот план, а се однесувале на подрачјата на изборните предмети, задолжителните изборни програми и содржини, изборните содржини, вкупниот број на часовите, оптовареноста на програмите, оптовареноста на учениците и сл. Долгорочните решенија за гимназиското образование произлегле од Националната програма за развој на образованието во Македонија 2005-2015 година, врз основа на којашто се изготвил нов концепт за гимназиското образование, се дефинирале образовните стандарди и постапно се вовеле проектираните решенија во пилот-училишта.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994.