Геровит

Од Википедија — слободната енциклопедија

Геровит, Руѓевит во митологија на Старите Словени е бог[1] на пролетта, растителноста и плодноста, но неговата улога се спомнува и во врска со војните т.е. заштита на Словените. Бил претставен како убав млад коњаник на бел коњ, облечен во бело, закитен со цвеќе и со класје во раката.Според многуте извори Геровит е всушност друго име за богот Јарило, Јаровид или Руѓевит како го нарекувале на островот Руен.

Извори[уреди | уреди извор]

Геровит се спомнува единствено во списот на Ото од Бамберг, германскиот бискуп, кој при покрстувањето на паганските племиња Лужички Срби и Полапски Словени, забележал паганска прослава во чест на богот на војната Геровит во градовите Волгаст и Хафелберг. Се претпоставува дека Геровит е германски израз за име на словенскиот бог Јаровид. Извори за неговата митолошка присутност се среќаваат во Русија, Белорусија Хрватска, Словенија и Србија каде што до 19 век се одржувало народно празнување на Јурјево, Зелени Јурај, Зелени Јуриј или Јарило на почеток на летото. Според содржина на обредните елементи овие свечености имале пагански карактер и голем дел од нив е трансформиран според христијанските канони во празнувањата во чест свети Ѓорѓе, Ѓурѓовден. Токму овие митолошки елементи упатуваат на можноста дека Геровит е друго име за Јарило. Сите овие свеченсти се одликуваат со поворка која ја предведува кукла од слама или девојка облечена во бело која јава на коњ. Во некои краишта куклата од слама била жртвувана со фрлање во вода. Песните кои се пееле алудираат на враќањето на богот од некоја далечна земја зад морето, на враќањето на пролетта, плодноста и исчекување на богата жетва. Во негова чест се плетеле венци од пролетно билје и цвеќе, се фрлало во реките, а со венците се кителе и куќите, торовите и дворовите како апотропеен елемент наменет за семејството и имтот.

Особености[уреди | уреди извор]

Геровит може да се толкува на два начини: како бог на војната и како божество на плодноста. Толкувањата на неговата воена природа потекнуваат од изворите поврзани за статуата на островот Руен, каде во храмот најважното место му припаѓало на кипот Геровит кој бил со седум глави и осум мечеви. Седумте глави што ги содржала статута според едно толкување се глави на седумте божества на киевскиот пантеон, но според другите претставуваат седумте летни (топли) месеци со кои владеел тој, со останатите пет владее неговиот брат Перовит. Седумте меча подлегнуваат на истото толкување, додека осмиот се смета за неговото оружје со кое го брани народот. За него се врзува и златниот штит кој бил носен меѓу луѓето.

Позиција во Старословенскиот пантеон[уреди | уреди извор]

Геровит не припаѓал на првиот круг во пантеонот на словенските божества. Се доведува во врска со божицата Лада, но не постојат прецизни извори за нивната поврзаност.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Стојковска, Гордана (2004). Речник на јужнословенска митологија. Издавачки центар Три. ISBN 9989-918-97-X.
  1. Велесова књига, превод д-р Р. Пешиќ