Германија, година нулта

Од Википедија — слободната енциклопедија

Германија, година нулта (италијански: Germania, anno zero) е италијанско-француско-германски филм од 1948 година, во режија на Роберто Роселини (Roberto Rossellini), а улогите ги толкуваат: Едмунд Мешке (Edmund Moeschke), Ернст Питшау (Ernst Pittschau), Ингетрауд Хинце (Ingetraud Hinze), Франц-Ото Кригер (Franz-Otto Krüger), Јо Хербст (Jo Herbst), Кристл Меркер (Christl Merker) итн. Сценариото и дијалозите се дело на Роберто Роселини, Карло Лицани (Carlo Lizzani), Макс Колпе (Max Kolpé) и Серџо Амидеи (Sergio Amidei), според идејата на Басилио Франкина (Basilio Franchina). Музиката за филмот ја компонирал Ренцо Роселини (Renzo Rossellini). Филмот трае 78 минути и е снимен во црно-бела техника, со моно-звук. Филмот е посветен на синот на режисерот, Романо Роселини (Romano Rossellini), кој умрел во 1946 година.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Филмот претставува приказ на животот во Германија непосредно по Втората светска војна, кога 12-годишното момче, Едмунд (го игра Мешке) треба да се грижи за опстанокот на своето семејство. Дејството на филмот се одвива во Берлин, кој е целосно разрушен, а луѓето живеат во голема сиромаштија. Едмунд е малолетно дете, кое не оди на училиште, затоа што мора да работи, бидејќи неговиот стар татко (го глуми Питшау) е болен, додека брат му Карл-Ханјц (го игра Кригер), кој е поранешен германски војник, се крие дома од полицијата. Неговата постара сестра, Ева (ја глуми Хинце) секоја ноќ излегува по баровите и таму танцува со сојузничките војници, со цел да добие неколку цигари, кои потоа ги продава за да дојде до потребните пари за набавка на храна.

Семејството на Едмунд живее во еден стан, заедно со уште четири други семејства. Оскудната храна која се добива за купоните не е доволна, така што луѓето мора да ги продаваат предметите од домаќинството, некои девојки се занимаваат со проституција, додека децата крадат по улиците. Иако таткото постојано го прекорува, Карл-Хајнц не сака да се пријави во полицијата и да побара работа, плашејќи се да не го затворат. Едмунд работи секакви работи, но истовремено, тој се дружи со децата-скитници и крадци, како Јо (Хербст) и Кристл (ја игра Меркер). Еден ден, него го среќава поранешниот учител, кого го избркале од работа поради нацистичките идеи. Кога Едмунд ќе му се пожали за лошата состојба во семејството, учителот му кажува дека слабите луѓе треба да бидат жртвувани за да опстанат силните и, под дејство на тие идеи, Едмунд го труе својот болен татко, ставајќи му отров во чајот. Истата ноќ, во станот доаѓа полиција и Карл-Хајнц се предава, но веќе утредента него го ослободуваат. Кога се враќа дома, тој дознава дека умрел татко му. Утредента, Карл-Хајнц и Ева се подготвуваат за закопот на татко им, а Едмунд, кого го гризе совеста поради убиството, извршува самоубиство, скокајќи од една напуштена зграда.[2] [3]

Наводи[уреди | уреди извор]